Среда, 11 Февруари 2026   
ПРОМОЦИЈА НА ДЕЛОТО „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ ОД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ (2)

1212

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ

Во Музејот на македонската борба  во Скопје, на 29-ти септември 2015  година беше промовирана автобиографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче од Отава, Канада, во издание на „Матица македонска“. Делото го промовираа Паскал Гилевски и Мишо Китановски, со посебен осврт на авторот Лефтер Манче, кој на денот на промоцијата ги славеше своите 80 години 

На промоцијата на неговото автобиографско дело беше нагласено дека д-р Лефтер Манче е роден во Егејска Македонија, израснал во Будимпешта, а живее во Отава. Меѓутоа, иако тој го прокрстарил целиот свет, секаде се чувствувал како Македонец. Затоа, со право се вели дека д-р Лефтер Манче е еден од големите познати бранители на уставното име на Република Македонија и на вистината за македонскиот народ и етничка Македонија.

Но, се чини најзначајно е тоа што д-р Лефтер Манче живее со спомените на неговите браќа Димитар, Стево и Харила од село Загоричани, Костурско, кои своите животи ги дадоа за Егејска Македонија и беа жртви во Граѓанската војна во Грција,

Во воведен на книгата „Патот до врвот“ познатиот публицист Паскал Гилевски напиша дека доктор Лефтер Манче, еден од најпознатите и најдвигателни личности на македонската дијаспора, кој годинава одбележува осумдесет години од својот макотрпен, но полн со успеси животен пат, реши да напише своја „Автобиографија“ која почнува со зборовите „Јас сум Македонец“.

Со тоа ја става рамката на своите возбудливи мемоари: тој ин медијас рес се декларира како фанатичен пријател на Македонија и пријател на цела армада личности од целиот свет. Тој е и мој пријател, еден од најголемите мои пријатели. Но неговите вистински пријатели знаат дека доктор Лефтер Манче на пријателството му дава приоритетно значење во меѓучовечките односи.

Да се биде негов пријател значи, пред сè, да се биде искрен, самопрегорен и посветен без резерва на големите човечки идеали, а особено на идеалите на Македонија, во минатото, во сегашноста и во иднината. Тоа е неговиот голем животен сон, неговиот незгаслив порив и негова судбина. Таа е суштината и големата инспирација и болка на оваа мемоарска проза, која сигурно ќе биде неодминлив прилог на нашата литература од тој вид.

12123

Будимпешта

Нашето пријателство започна многу одамна. Метафорично кажано, ние бевме пријатели уште пред физички да се запознаеме, зашто имаме иста судбина и приближно иста орисија: ние сме Егејци, во онаа смисла како што тој го акцентира овој збор, под што подразбира цела галерија од историски личности: Александар, Гоце Делчев, Мисирков, Чакаларов… - како што гласно изјави на собирот на децата бегалци во салата „Борис Трајковски“.

Нашите села Загоричани (неговото) и Сетома (моето), се оддалечени дваесетина-триесетина километри. Но, нашето вистинско пријателство де факто почна и е поврзано со името на големиот унгарски поет Шандор Петефи, кој ни беше, покрај нашите преродбеници, спиритус мовенс во совладувањето на нашата индивидуална и национална несреќа, но и во нашиот натамошен животен пат и кариера. 

Иако Лефтер, за разлика од мене, не се оддаде на литературата и уметноста, сепак, во него уметничкото пламенче тлеело отсекогаш, можеби уште од неговото овчарење во детските години, по идиличните ливади и скрки загоричански.

Тој страсно се посвети на медицината и стана навистина уметник на оваа човечка хумана дејност, верен приврзаник на Ескулап, синот Аполонов, па често пати сум помислил, да не се определеше за лекар, тој сигурно со истиот жар и порив, ќе станеше одличен поет или сликар, а можеби и композитор или филмски режисер. И Фројд бил човек на една медицинска област, но никогаш не ги раскинал нишките со уметноста и творештвото, барем на планот на уметничката психоанализа.

Имагинацијата на доктор Манче е бујна и разновидна. Тој негов широк дијапазон на деликатна љубопитност многу пати го забележував при нашите средби во Скопје, Охрид, во Будимпешта, во Отава (негова полувековна дестинација), во Кан итн., особено кога влегувавме во некој музеј, во некоја книжарница или на некоја литературна приредба.

Тој афинитет спрема културата, можам да кажам дека го имаат безмалу сите Егејчиња, растени во детските домови во Унгарија, Романија, Чехија и Словачка, Полска, поранешниот Советски Сојуз. Се разбира, заедно со жарот на патриотизмот. Особено тоа. Речиси нема ниедно детебегалец од божествените егејски предели, кое не негувало специфичен однос спрема сите видови творештво. 

Тоа ни е, така да кажам, во генот. Повеќето од нас сме родени под вечно белите врвови на Олимп, тоа славно седиште на боговите и Музите, во питорескните и плодородни пространства спрема североисток, до Костур и Лерин, Воден, Солун, Серез, Драма, Кавала.

А ние со Лефтер, згора на тоа, сме родени на само десетина километри од првото македонско кралство на Пердика и на неговите потомци Аргеадите (име што од дамнина го носеа и моите дедовци), сè до Филип Втори, татко му на Александар, кој, пак, во далечните, великолепни, но „студени“ и „пусти“ детски домови каде што го минувавме детството, ни беше меѓу најомилените, ако не и најомилената историска личност. Идол. И прв знак на идентитет. Мерило на човечките вредности.

Токму во вревата или во унгарската низинска тишина, читајќи ги притоа и патриотските песни од Петефи, ние научивме, пред сè, да ја сакаме нашата татковина и, ако биде потребно, да се жртвуваме за неа, но паралелно со тоа, во нас природно, слободно растеше и љубовта и почитта кон нашата втора татковина, Унгарија, и кон унгарскиот народ, доживотно поврзувајќи се со неговата историја и судбина, најпосле, чувствувајќи се дома во туѓина.

И сега, во последниве години, кога со Лефтер, како двајца само привремено разделени близнаци, шетаме по будимпештанските улици и восхитувачки булевари, патем застанувајќи да се нагледаме на статуата или бистата на некој унгарски јунак од славното минато, или кога мекамлиски седиме на пространата тераса на деветтиот кат од неговиот омилен хотел „Мариот“ од каде што го гледаме отаде Дунав раскошното архитектонско чудо на кралскиот Будим, или од перспектива на луксузниот ресторан „Гундел“, мечтите ни летаат кон нашите ранети, осакатени и сè уште незаздравени села и предели.

Но ние не се чувствуваме туѓинци во туѓина, туку како домородци, особено кога до нас седат богати туристи од сите континенти кои зборуваат туѓи јазици, за разлика од нас двајцата, што го зборуваме како мајчин јазик унгарскиот, но често во разговорот спонтано ги употребуваме (и ги мешаме) и македонскиот, со костурски елементи, а и грчкиот што го учевме во детските домови, како „наш“ јазик, бидејќи формално, бевме емигранти и речиси во сите официјални документи фигуриравме како Грци.

Но нам, за чудо, ни во детството, во строгата дисциплина на бегалските домови, ни сега не ни е хендикеп да ги зборуваме трите јазици, туку богатство, предност, а во последно време, збогатени и со по уште два-три други јазици, Лефтер со англискиот и шпанскиот, а јас со францускиот и српскиот, како и другите словенски јазици. Така што, заедно двајцата ние зборуваме две третини од вкупната лингвистика на светот.

Истовремено, ние така станавме (или бевме воспитани да станеме) големи патриоти, но и космополити, иако долги години, речиси за цело време на нашиот егзодус, нè третираа како апатриди. Доктор Лефтер Манче, за жал, фактички засекогаш остана апатрид, но тоа не му пречеше да биде и еден од најголемите и најчесните Македонци во светот (и во матичната татковина). Доктор Лефтер Манче има две татковини: туѓината и Македонија. И цел живот прави неверојатни ахиловски напори (иако најчесто сизифовски) да постигне хармонија меѓу двете категории, со други зборови, да и го најде вистинското достојно место на Македонија во националната хиерархија на светот. Така тој физички (телесно) се определи да живее во туѓина, а духовно, со срцето и душата во Македонија.

Тој вечно пристигнува и заминува, заминува и пристигнува. Тој е доктор Лефтер Манче од Загоричани, напиша Паскал Гилевски.

Продолжува

6b-slave copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Свети Трифун

Свети Трифун се празнува на  14 февруари според новиот (или на 1 сечко според стариот) календар...

Историја

News image

Разоткривање на грчкиот мит

Македонија ќе остане окупирана сè додека македонскиот народ е непризнаен, злоупотребен и натеран д...

Иселеници

News image

СПИСАНИЕТО „ПОВОД 71“ Е ПОСВЕТЕНО НА ГОРДАНА МИЛОШЕВСКА (24)

СПИСАНИЕТО „ПОВОД 71“ Е ПОСВЕТЕНО НА ГОРДАНА МИЛОШЕВСКА&...

Култура и туризам

News image

Свети Трифун во Зубовце

Свети Трифун се слави на 14 февруари, именден слават Трифун и Трифе.

Фељтон

News image

ПРОМОЦИЈА НА ДЕЛОТО „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ ОД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ (2)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.