|
|
| ИЦО НАЈДОВСКИ – ПЕРИН – БОРЕЦ ЗА ВИСТИНАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ШИРУМ СВЕТОТ |
|
ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО АВСТРАЛИЈА Д-р Ицо Најдовски-Перин, е роден на на 12 aавгуст 1959 година во селото Оптичари, Битолско. Основно образование завршил во родното место, а гимназија во Битола. Тој во Битола го продолжува своето високо образование на Техничкиот факултет,но по двете студиски години во 1985 година ја напушта својата земја и заминува за Мелбурн каде што и се задомува. Во главниот град на државата Викторија се запишува на Викторија универзитетот, на отсекот Историја и мултикултура, каде се здобива со дипломи од две насоки и тоа Историја и мултикултура и Педагогија. Во 1997 година магистрира на тема: “Оспорен идентитет: Македонците во современа Австралија”. Покрај магистерскиот труд, подолг период Ицо Најдовски се занимава со научно истражувачка дејност. Така, има истражувано во Викторија универзитетот неколку години и е автор на следните научни трудови: “Одржување на Македонскиот јазик и македонската младина”, и на “Сопредба на три етнички групи: Македонците, Либанците и Холанѓаните”, како и на трудот “Првата Македонска генерација: Интеграција или асимилација”, “Македонците во Викторија” и други. На Ицо Најдовски – Перин, Австралија (Tera Australis incognita – Непознатата земја од Југот) е земјата на неговиот животен пристан. Таа е една од најразвиените индустриски и економски сили и има значајна улога во светот. Австралиската нација, која на картата на светот постои околу 250 години, а која е составена од 235 народи и етнички групи, претставува пример за многу народи и земји. Етничките групи со своето заедничко живеење го градат познатиот австралиски мултинационален мозаик на културите на народите кои век векуваат на тие јужнопацифички простори. Ицо Најдовски е позната, призната и неодминлива личност во македонското иселеништво и во Македонија. Од своето заминување на петтиот континент, до денес, тој е непрестајно и силно поврзан со судбината, вистината и настаните во Македонија. Тој е Македонец по националност и православен христијанин по вера. Ицо Најдовски со своите дела и како уредник и водител на македонската радиопрограма “Трипати Зет”, е еден од најголемите иницијатори и организатори на одбраната на македонското име, нација и етничка Македонија. Тој е еден од најголемите, упорни и истрајни бранители и афирматори на историјата и честа на македонскиот народ и Македонија во светот, посебно во Австралија. Во овие мигови на распетие на Македонија, кога Република Македонија е меѓународно призната, иако не од сите под нејзиното уставно име, тој директно учествува во низа активности и ги изложува своите погледи за можностите за македонски економски, културен и верски препород, како и за натамошен демократски развој како суверена самостојна и независна држава на овие балкански ветрометини. Во неговата образовна дејност треба да се истакне дека д-р Ицо Најдовски бил предавач на македонски и англиски во повеќе средни училишта во Мелбурн, меѓу кои се, Гимназијата Вилијамс Таун и Гимназијата во Фуцкрај, како и во Австралиско – англискиот центар за јазици, во Килор Даунс секендери колеџот, кој е дел од Викториското училиште за јазици итн. На оваа благородна задача и посветил дваесет години. Тој е исто така и новинар, публицист радио уредник и доста активен во македонската заедница во Мелбурн и пошироко. Над триесет години е директно вклучен во македонското движење, од времето кога првпат влегува во управата на македонскиот духовен храм “Свети Пророк Илија“ во Фуцкрај. Еден е од основоположниците на Советот на македонската заедница во Мелбурн 1990 година и негов долгогодишен секретар. Ицо пишува за повеќе македонски дневни весници и списанија- “Нова Македонија“ списанието “Македонија“ и други, а се јавувал или се јавува на повеќе радија и телевизии како што се Македонската радио телевизија, Канал 5, Сител, Алфа, “Македонско сонце“ и тн. Водител и уредник е на Македонската радио програма „Трипати Зет“ повеќе од дваесет години, со која е присутен не само во Австралија, туку и во Македонија, од каде му е потеклото и дедовскиот праг. Поле на истражување на д-р Ицо Најдовски Перин, е и преселничкиот бран сврзан со теророт и распарчувањето на Македонија, кога во нејзините села и градови газдувале српските, бугарските, албански и грчките деспоти и крвници, со сите тешки злодела што и‘ ги нанеле на разделена Македонија. Тоа што било таму, се пренело и во Австралија, та и таму на македонските доселеници не им се дава мир од туѓи пропаганди, кои непрестајно роварат среде иселеничките етнички заедници, особено кај Македонците од Беломорска Македонија. Исто така, д-р Најдовски ги истражува и животите и делата на бројни македонските доселеници во Австралија кои постигнале видни резултати во областа на културата, образованието, спортот и социјалниот живот воопшто. Нивните резултати на економски, образовен и културен план сѐ повеќе придонесуваат тие да не бидат третирани како граѓани од втор ред, туку како интегрален и важен дел во новата средина во Австралија. Стануваат познати и признати во општеството како и од другите етнички групи. Голем е бројот на видни личности во повеќе области на петтиот континент кои се од македонско потекло. Станува збор за познати и признати личности во Австралија и пошироко. Ваквиот напредок, пред се‘, придонесува за нивната општествена афирмација и углед во средините каде што живеат, како кон посебна етничка заедница рамноправно со другите етнички групации во многунационалното општество на англосаксонскиот свет во Австралија. Таков е случајот со Ицо Најдовски кој ја збогати историографијата, информирањето, образованието и општественото живеење на Македонците на петтиот континент. Тоа го направи меѓудругото и со неговата публикација „Македонците во Австралија“ (2009). Тоа е дело во коавторство со неговиот син Роберт Најдовски, кој чекори по стапките на неговиот татко и секако, тој има и подобри визии, услови и прилики да го надмине својот татко. Делото „Македонците во Викторија“, најпрво го издаде Министерството за култура на Викторија на англиски јазик, а потоа и Институтот за национална историја на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на македонски и на англиски јазик, на околу 500 страници. Тоа е поделено на седум глави, во кои се презентирани следните теми: Проблемите околу македонскиот идентитет, Животот на Македонците во Австралија и нивната организираност. За ова значајно дело кое претставува прилог на македонската книжнина во дијаспората, предговорот е на познатиот д-р Миле Терзиовски, доцент и извршен директор на Центарот за глобални иновации и претприемништво на Универзитетот во Мелбурн а сега декан во Перт, Западна Австралија. Проф. Терзиовски ја напиша вистината и значењето на тоа дело Ицо Најдовски Перин во 2015 година докторира на тема “Македонско австралискиот народен сојуз – Македонците на петтиот континент“ на Институтот за национална историја на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Исто така, д-р Најдовски е добитник на бројни награди и признанија за неговиот придонес и постигнувања на различни полиња од областа на образованието, новинарството и општественото живеење. Носител е на највисокото државно признание од кралицата Елизабета Втора кое се доделува на денот на Австралија 26 јануари, на заслужни дејци и активисти.
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |

























