|
|
| Македонија не може вечно да чека за влез во ЕУ! |
|
Колку години, децении и генерации треба да поминат за Европа конечно да го каже она што одамна го знае, дека Македонија е дел од нејзината геополитичка, историска и културна целина? Македонија ја помина целата маратонска траса на евроинтеграцијата. Преживеа промена на име, устав, неправди и бесконечни условувања. Ја издржа секоја препорака и секој европски тест. А Европа? Таа премногу често ветуваше, направетего уште ова и ќе влезете во ЕУ, блиску доволно за надеж, далеку доволно за разочарување. Денес прашањето е просто: дали ЕУ има сила конечно да го исполни сопственото ветување или ќе продолжи да лаже и да ветува а да не исполнува? Пристапувањето мора да биде кредибилен процес заснован единствено врз Копенхагенските критериуми. Тоа е основата на ЕУ, тоа ја прави Унијата различна од геополитичките импровизации и интересни коалиции. Но кога истите тие критериуми се заменуваат со политички условувања, билатерални диктати, внатрешни калкулации и двојни стандарди, тогаш Европа сама си ја поткопува моралната платформа. Македонија одамна го почувствува тоа, мораше да исполнува повеќе од другите, мораше да прифати услов кој нема ништо заедничко со европското право. Таквата политика не е европска, таа е неправедна. Македонија не сака милост, сака фер однос. Македонија не моли за влез, не бара попусти, бара нешто што на хартија веќе постои: еднаква примена на европските правила. Ако критериумите важат за сите, тогаш не смее да постојат „специјални барања“ за некоја земја, ниту политички диктати кои ја туркаат Унијата под нивото на сопствените вредности. ЕУ не смее да се плаши од сопственото проширување. Напротив, треба да се плаши од сопственото одложување. Бидејќи секоја празнина што ќе ја остави, некој друг во иднина со задоволство ќе ја пополни! ЕУ знае дека можно е празниот простор кој го остава, го пополнуваат други. Тогаш зошто молчи? Зошто одложува? Европа мора да одлучи дали сака да биде проект на иднината или музеј на стари ветувања Ова е момент на историски избор за Унијата: или ќе биде заедница со визија, или бирократска структура која бара причини за одлагање. Македонија бара Европа да го исполни сопственото ветување! |













