|
|
| Д-Р МИЛЕ ТЕРЗИОВСКИ – ПОЗНАТ НАУЧНИК ВО АВСТРАЛИСКОТО ОПШТЕСТВО |
|
ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО АВСТРАЛИЈА Проф. д-р Миле Терзиовски е австралиски Македонец, или македонски Австралиец, со чие постигнување на полето на менаџментот се гордеат двете негови татковини. Тој заминал за Австралија како дете на единаесет години, заедно со мајка му Ратка, во 1966 година, и се придружиле на својот татко Георги Терзиовски кој стасал на петтиот континент, уште во 1962 година. Семејството Терзиовски заедно се собрало во градот Вулонгонг, кој се наоѓа во сојузната држава Нов Јужен Велс, кој со своите двесте и три-четириесет илјади жители е деветти град по големина во Австралија. Тоа е градот кој кога човек патува од Сиднеј од кај високиот гребен на планината, како на дланка се гледа Вулонгонг со сите населби околу него, како и Тихиот Океан кој ја збогатува глетката со својата недогледна водена шир. Таа панорама, наликува како онаа кога се набљудува од Галичица над Трпејца, од каде се гледа сината езерска шир на Охридското Езеро и рамниот дел кон манастирот „Свети Наум“. Затоа, не случајно Вулонгонг се збратимил со Охрид. Меѓутоа, тоа пријателство е повеќе како резултат што бројноста на македонското иселеништво во овој град и околните места потекнува претежно од Охридско-струшкиот и Битолско-преспанскиот Регион. На просторот на Илавара постојат две македонски православни општини; „Свети Димитрија Солунски“ и „Свети Климент Охридски“. Првата црква е сместена во тесното градско подрачје на Вулонгонг, во близина на брегот на Тихиот Океан, а втората е во Пoрт Кембла. Вулонгонг е градот на професор д-р Миле Терзиовски. Таму тој порасна, таму и во метрополата Сиднеј го доби своето образование, таму се запознал со неговата сопруга Лиле, која е по потекло од битолскиот крај, од Горно Ореово. Во Вулонгонг Миле ги започнал своите активности на полето на љубовта, на науката, на спортот, на иднината. Тој таму беше проект-менаџер на Македонскиот парк „Беркли“ за изградба на спортски комплекс, секретар на Обединет фудбалски клуб на Вулонгонг и претседател на Одборот за промоција на фудбалот во Вулонгонг во лигата на Нов Јужен Велс. Кога се пишува за образованите кадри од македонско потекло во Австралија, неодминливо е името и делото на професор д-р Миле Терзиовски. Тој е од битолскиот крај, а половина век живее во Австралија, каде постигнал да биде доцент и извршен директор на Центарот за глобални иновации и претприемништво на Универзитетот во Мелбурн и декан на Факултетот за пост-дипломски студии во Перт, Западна Австралија. Исто така, во текот на неговото 40-годишно професионално и академско искуство, д-р Терзиовски има напишано и уредено бројни академски и истражувачки трудови, а денес е почесен член на „Македонија 2025“Професорот Терзиовски е професор за иновации и декан на Факултетот за постдипломски студии на Универзитетот Картин (Curtin Graduate School of Business) во Перт, Западна Австралија. Тој е тесно поврзан со индустрискиот професионализам и има академско искуство во иноваторството и квалитетот на менаџментот. Д-р Терзиовски има напишано и уредено бројни академски и истражувачки трудови како во Журналот за стратешки менаџмент, Журналот за извршување на менаџментот, во Европскиот журнал за менаџмент, за што добил две писмени награди од Американската академија за менаџмент. Пред тоа тој бил вработен во Центарот за глобални иновации и претприемништво на Универзитетот во Мелбурн (University of Melbourne) во период од 10 години, 4 години бил на Универзитетот Монаш (, Monash University) во Мелбурн и 17 години работел за Рио Тинто лимитед (Rio Tinto Ltd) како инженер на линија, а бил проект-менаџер. Професор д-р Миле Терзиовски живее, работи и твори во Австралија, а во исто време е тесно поврзан со родната Македонија, и на различни начини дава голем придонес. Тоа го прави бидејќи неговите корени во Република Македонија, се во битолскиот крај, во мариовското село Градешница во кое тој се родил на 31 октомври 1955 година. Таму, во училиштето „Свети Кирил и Методиј“ од прво до четврто одделение ги поставил и ги зацврстил неговите темели во образованието, за денес во светот да биде познат и признат како голем стручњак. Градешница е едно од најбогатите македонски села во Мариово. Од етнички аспект отсекогаш Градешница била населена исклучиво со Македонци. Во него бројот на жителите во 1961 година бил 1.019 жители, за жал, денес поради иселеничките процеси во шеесеттите години да опадне само на стотина жители. Во селото има седум цркви, од кои најголема е црквата „Свети Никола“ изградена во 1862 година, но била урната и повторно возобновена во 1918 година. Други цркви се црквите: „Свети Димитриј“, која се наоѓа на влезот од селото, а за која се смета дека е од XVI век; „Свети Илија“ и „Свети Атанасиј“ се манастирски цркви, црквите „Вознесение Христово“ и „Свети Кузман и Дамјан“ се црквички кои се наоѓаат во близина на селото. Исто така, селото Градешница е познато и по бројните археолошки локалитети, меѓу кои се: Кале - населба од римско и доцноантичко време, Маркоица - некропола од римско време, некрополата Вакафско Место и познатата римска тврдина Пешта. Меѓутоа, селото Градешница е најпознато како родно место на легендарниот Итар Пејо, познат лик од македонските народни приказни препознатлив по својата итрина и мудрост. Етнолошкиот музеј во селото Градешница посветен на Калеш Анѓа, постои од 2 август 2009 година и е една од значајните културни установи од таков вид во Македонија. Тој претставува прекрасна збирка на етноелементи од живеењето и културата на населението, како и остатоци од оружје и предмети користени во војните. Музејот е отворен во месеците од мај до ноември. Инаку, Калеш Анѓа живеела во мариовското село Старавина и е опеана во народната песна и овековечена во книгата „Калеш Анѓа“ на писателот Стале Попов. Професор д-р Миле Терзиовски е човек со немирен дух. Сака нови места, нови перспективи за неговата подобра иднина. Така, во 1988 година се преселил од Вулонгонг во метрополата Мелбурн, каде свил ново гнездо на тие демократски мултикултурни простори. Мелбурн е градот на иднината на професор д-р Миле Терзиовски. Таму тој 17 години работел за фирмата Рио Тинто лимитед (Rio Tinto Ltd) како инженер на линија, а бил проект-менаџер. Исто така, бил вработен во Центарот за глобални иновации и претприемништво на Универзитетот во Мелбурн (University of Melbourne) во период од 10 години, како и 4 години бил професор на Универзитетот Монаш (Monash University) во Мелбурн. Советот на македонската заедница, заедно со Комитетот за човекови права и Македонското училишно друштво презедоа акција против Владата на Викторија во преименувањето на македонскиот јазик во „славомакедонски јазик“. Притоа, Врховниот суд на Австралија ја отфрли директивата. Професор д-р Миле Терзиовски денес е декан на „Куртин Бизнис Школата“ од Перт, Западна Австралија. Тој патува по светот и држи предавања во врска со менаџментот на студентите и постдипломците. Меѓу другото, тој беше поканет од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов да учествува со свое предавање за членовите на „Школата за млади лидери“ што се одржа во Охрид во август 2015 година, која ја прифати и учествуваше со свои предавања.
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |

























