|
||||
| Трајко Прокопиев |
|
Трајко Прокопиев (6. XI 1909 - 21. I 1979) е македонски композитор и диригент. Еден од петтемината основоположници на современиот музички живот во Р. Македонија. Создал богат опус на хорски, камерни, оркестарски, музичко-сценски (опери и балети) и други композиции. Трајко Прокопиев е роден на 6 ноември 1909 година во Куманово. Се родил во семејство со пет деца и како мал ја засакал музиката. По преселувањето во Скопје во 1915 година, почнал да учи виолина, а се подучувал да свири и флејта, Во 1924/25 година Прокопиев прво се запишал во Трговската академија, а потоа и во Гимназијата во Скопје. Понесен од љубовта кон музиката во 1929 година се запишал на Музичката школа во Белград. Таму совладал повеќе музички дисциплини, како свирење виолина, диригирање, оперско пеење, компонирање, музичка педагогија. За време на школувањето, како виолинист бил член на оркестарот на Кралската гарда, бил виолинист и во оркестарот „Colegium musicum“, а како хорист настапувал во Првото белградско пејачко друштво. Бил и диригент на хорот на Спортското друштво „Југ“. По дипломирањето во 1934 година се вратил во Скопје. Станал секретар и професор по виолина на Приватната музичка школа „Мокрањац“, а подоцна и професор по музика во Државната реална женска гимназија. Бил член и на тогаш формираниот Скопски гудачки квартет. Освен во Скопје диригирал и со неколку хорови во Лесковац (Србија), Сараево (БИХ) и Куманово. Во текот на двегодишниот престој во Лесковац (1935-1937) го водел Друштвото „Бранко“. Потоа, повторно бил наставник во Скопје и до почетокот на НОБ во 1941 година, бил диригент на Хорското друштво „Слога“ и наставник по музика на Богословијата во Сараево. Во 1944 година, Прокопиев го формирал хорот при Главниот штаб на НОВ на Македонија, со кој настапувал низ Македонија и Србија, сè до Сремскиот фронт. Прокопиев бил прв директор на Средното музичко училиште во Скопје (декември 1944). Исто така бил диригент на Оркестарот во Радио Скопје и на Оперскиот оркестар, а потоа и на Симфонискиот оркестар на Филхармонијата. Од 1958 до 1964 година бил директор на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“. Творечкиот опус на Прокопиев е мошне богат и разновиден. Централно место во неговото хорско творештво зазема циклусот „Кумановки“ - шест композиции што се вбројуваат меѓу најубавите страници во хорската музика на македонските автори. Во зрелиот творечки период авторот се зафаќа со неколку крупни вокално-инструментални дела: балетот „Лабин и Дојрана“ и оперите „Разделба“, според драмата „Печалбари“ од Антон Панов, и „Кузман Капидан“, според истоименото дело од Васил Иљоски, инспирирано од поемата „Сердарот“ од Григор Прличев. Трајко Прокопиев починал на 21 јануари 1979 година во Белград. (извор: М.Е. Скопје, 2009 г., стр. 1229; https://sokom.mk/mk/)
Подготвил; Т.К. |
















