|
|
| Христос воскресе! Вистина воскресе! |
|
На Велигден верниците го одбележуваат Христовото Воскресение, настан што ја содржи суштината на верата и претставува нејзина најсилна потврда. Тоа е денот кога Исус Христос ја покажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Како што вели Светиот апостол Павле: „Празна ќе беше нашата вера, ако Христос не воскреснеше“. Велигден, како симбол на победата над смртта, се празнува уште од првиот век. Според Светото предание, овој празник – спој на верата и традицијата – се практикува од времето на светите апостоли, Христовите ученици и нивните наследници. Македонските православни верници со особена радост го пречекуваат Велигден. На празникот му претходи Великиот пост, кој трае седум седмици. Кулминацијата започнува на Велики Четврток, кога домаќинките уште пред изгрејсонце ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца. Како што Христос на Тајната вечера најавил дека ќе пострада и ќе воскресне, така и црвените јајца се симболична најава за приближувањето на Воскресението. Традицијата на бојадисување јајца има длабоки корени. Јајцето како симбол на нов живот се среќава во многу древни култури, а во христијанството добива ново значење – симбол на Христовото Воскресение. Црвената боја ја претставува победата, божествената сила, но и крвта што Исус Христос ја пролева за спасението на човештвото. Според преданието, Марија Магдалена била првата што го започнала овој обичај. По Христовото вознесение, таа го напуштила Ерусалим и почнала да го проповеда Евангелието. Следејќи го нејзиниот пример, првите христијани започнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат, поздравувајќи се со: „Христос воскресе!“, на што се одговара: „Вистина воскресе!“. Овој поздрав се користи сè до Спасовден. Датумот на Велигден се менува секоја година. Првите правила за негово определување се донесени во 325 година на Првиот вселенски собор во Никеја, свикан од императорот Константин Први. Таму било утврдено Велигден да се празнува во првата недела по првата полна месечина по пролетната рамноденица. Подоцна, во 526 година, правилата биле дополнително прецизирани: Велигден секогаш паѓа во недела, по рамноденицата и по полната месечина, и не смее да се совпадне со еврејската Пасха. Разликите меѓу Јулијанскиот (православен) и Грегоријанскиот (католички) календар често доведуваат до различни датуми на празнување, но понекогаш се поклопуваат, па празникот се слави заеднички. Со текот на времето, Велигден станал празник што ги сплотува луѓето. Во Македонија, црвеното јајце често се дарува како знак на почит и пријателство, без разлика на верската припадност. Така, празникот ја носи пораката на Христос – за мир, љубов, човекољубие и взаемно почитување. Христос воскресе! |














