|
|
| Деновиве Венко Филипче делуваше како да слави изборна победа во Македонија |
|
Мане Јаковлески Политичар кој нема што да понуди дома, почнува да се храни со туѓи политички победи. Наместо одговори за граѓаните – коментари за странски избори. Наместо визија – политичко навивање. По толку години во политика, Венко Филипче сè уште не ја разбрал ни азбуката на демократијата: владите се менуваат, но државите и нивните интереси не се менуваат со изборни циклуси.
Надворешната политика не е играчка за дневно-политички поени, каква што ја практикуваа седум години Зоран Заев, Филипче и СДС, туку сериозен систем што бара континуитет, стабилност и вистинска државничка одговорност. Освен ако, се разбира, не доаѓате од политичка школа на СДС во која сè се менува преку ноќ – ставови, договори, па дури и распродажба на национални интереси. Токму таквата пракса ја воспоставија Заев, Филипче и СДС додека беа на власт. Денес, истите тие структури зборуваат за „тајни врски“, обидувајќи се нормалната меѓудржавна соработка со Унгарија да ја претстават како заговор. А вистината е проста: Македонија и Унгарија имаат официјални договори, партнерства и институционална комуникација – како секоја нормална европска држава. Тоа е дипломатија и взаемен интерес. Но кога си навикнат на нетранспарентност, транспарентноста ти изгледа како лага. Кога политиката и бизнисот ти оделе рака под рака, тешко прифаќаш дека постои чиста, институционална соработка. Затоа сенката на Заев и понатаму тежи врз СДС – не само како политичко наследство, туку како матрица на размислување од која не можат да избегаат. Национални отстапки, скандали, сомнежи за криминал, клиентелизам, разнишани институции и уништена доверба кај граѓаните – за сето тоа, молк од СДС. На парламентарните избори во Унгарија, по 16 години власт, пораз доживеа Фидес на Виктор Орбан, а победата ја однесе опозициската Тиса предводена од Петер Маѓар. Во тој контекст, Христијан Мицкоски упати честитки и изрази очекување за проевропски политики и поддршка за регионот, вклучително и за Македонија. Но еве ја реалноста што најмногу боли: Тимчо Муцунски оствари разговор со Анита Орбан, при што беше потврдена силната поддршка од Унгарија за евроинтегративниот пат на Македонија. Дополнително, беа реафирмирани одличните билатерални односи и подготвеноста за нивно продлабочување – политички, економски и трговски. Со други зборови – државите продолжуваат да соработуваат. Континуирано. Стабилно. Државнички. Спротивно на очекувањата на Филипче. Надворешната политика кај сериозните држави не се води според дневни изјави, туку според долгорочни интереси. Проблемот е што Филипче гласно зборува за Орбан, а молчи за седумгодишното владеење на СДС. А тоа молчење е најгласното признание. Кога си производ на систем во кој политиката се водела зад затворени врати, со посредници и кеш-договори, тогаш не е чудо што мислиш дека сите функционираат така, но не функционираат. Лесно е Венко Филипче од опозиција да држи лекции за тоа што „треба“ да се направи. Но политиката не се мери со зборови од удобна опозициска позиција, туку со дела кога ја имаш власта. А токму во тие седум години власт, не се случи никаква суштинска трансформација – само пропуштени шанси и празни ветувања. И за крај – едноставна вистина што очигледно сè уште не ја научиле Филипче и СДС: поретко гледај што се случува во туѓиот двор, туку погледни што си оставил во сопствениот. Христос Воскресе!
|















