|
||||
| Паметните се договараат пред војна, глупите после неа! |
|
Постои едно непишано, но сурово точно правило во историјата на човештвото: разумот секогаш доаѓа пред војната, ако има кој да го употреби. Кога дипломатијата се отфрла, а силата се избира како прва опција, исходот никогаш не е победа, туку трагедија со одложена „мировна“ фаза. Војните не започнуваат затоа што нема можност за договор. Тие започнуваат затоа што некој одбива договор, верува дека ќе добие повеќе со оружје отколку со збор, или затоа што туѓи геополитички интереси стануваат поважни од сопствениот народ. Историјата е полна со моменти кога решението било на дофат, и свесно оттурнато. Сценариото речиси секогаш е исто.
Пред војната се зборува за „чест“, „стратегија“ и „национален интерес“. По војната, истиот речник исчезнува и го заменуваат зборовите „компромис“, „реалност“ и „болни, но неопходни одлуки“. Само што тогаш цената веќе е платена, со уништени животи, градови и иднини. Најголемата неправда е што политичарите кои туркаат кон војна ретко ја плаќаат нејзината цена. Тие не гинат, не бегаат, не ги закопуваат своите деца. Тоа го прави обичниот народ. А по сето тоа, истите тие елити често се појавуваат како „миротворци“ и „архитекти на договори“ склучени врз рушевини. Историјата покажува уште една сурова вистина: договорите потпишани по војна речиси секогаш се полоши од оние што можеле да се постигнат пред неа. Територии се губат, суверенитети се ограничуваат, општествата се трајно осакатени. И тогаш слушаме дека „немало друг избор“. Имало и секогаш има. Само што договорот пред војна бара храброст и одговорност, а договорот по војна, само пораз и принуда. Затоа поделбата не е меѓу победници и поразени, туку меѓу одговорни и неодговорни лидери. Паметниот лидер ја користи дипломатијата за да спречи конфликт. Погрешниот ја користи војната за да ја оправда сопствената неспособност. Таков е и случајот со Украина. Минските договори, иако несовршени, беа шанса конфликтот да не прерасне во целосна војна. Наместо нивна доследна примена, следеше милитаризација и геополитичко надмудрување.
Денес, договорите повторно се тема, но по стотици илјади жртви и огромно разурнување, разумот дојде предоцна.
Кога оваа војна ќе заврши, а мора да заврши, први ќе се појават децата со погледи постари од нивните години, децата што разликуваат звук на дрон од звук на авион, децата што цртаат тенкови наместо сонца. Ќе се вратат и бегалците.
Никој договор на децата нема да им го врати изгубеното детство. И кога утре ќе се зборува за „обнова“, „планови“ и „иднина“, треба да се запомни една работа: иднината не се гради само со бетон и кредити, туку со доверба, а таа е најскапата жртва на секоја војна и многу тешко се враќа. Војните најчесто се водат за профит, контрола и моќ. И додека обичниот човек ја плаќа највисоката цена, со живот, дом и иднина, профитот секогаш завршува кај малкумина, далеку од фронтот. Затоа вистинското прашање не е зошто има војни, туку кому му е исплатливо тие да траат што подолго. Историјата ќе ги памети политичарите на два начина: оние што спречиле војни и оние што потпишале договори по катастрофи. И затоа постои едно ненапишано правило: Паметните се договараат пред војна, глупите после неа! И на крај, секогаш мора да има Договор! А цената? како и секогаш, ја плаќа обичниот човек. МН |
























