|
|
| Зошто државата ги осуди уставобранителите, а ги награди архитектите на хаосот? |
|
Мане Јаковлески Владимир Панчевски бил цел на организиран прогон затоа што одбил да постапува незаконски и да биде „послушен“ Зошто државата ги казнуваше оние што го бранеа Уставот?
27 април 2017 беше тежок ден, но вистинската темнина дојде потоа, во годините кога правдата беше сведена на алатка за политичка одмазда, а институциите на извршители на однапред донесени одлуки. Во координација на СЈО предводено од Катица Јанева, делови од Јавното обвинителство, МВР под водство на Оливер Спасовски и судии од Кривичниот суд–Скопје, беше создаден систем во кој не се судеше за дело, туку за припадност. Не за вина, туку за став, не за настан, туку за тоа кој одбил да се поклони. Така мора да се чита и случајот на Горан Ангелов–Ќосето, како и случаите на останатите уставобранители. Беа осудени затоа што не беа на „вистинската“ страна за тогашната власт на СДС, под политичко покровителство на Зоран Заев–како што сам изјави, трговецот од Горни Милановац. Квалификацијата „тероризам“ не беше правна, туку политичка. Таа беше порака, порака до сите што не се согласуваа со Преспанскиот договор, со насилното менување на уставот, името, историјата и идентитетот. Ако ова беше правна држава, зошто не беа обвинети оние што ги отворија вратите на Собранието? Зошто ниту еден од тогашните безбедносни структури, не сноси одговорност? Одговорот е болен, но јасен: затоа што обвинителството работеше селективно, а судовите беа послушни. Условното пуштање на Горан Ангелов по осум години затвор е најсилната потврда на фарсата: Ако бил терорист, зошто е пуштен? Ако не бил, зошто СЈО и Кривичниот суд го осудија како таков, а Апелација ја потврди пресудата? Дополнителна светлина врз оваа темна слика фрли изјавата на Лејла Кадриу, екс-обвинител, избркана од Катица бидејќи: „не била тимски играч“ во емисијата ВЕЧЕРНОТО ШОУ НА БОГДАН ИЛИЕВСКИ од 06 02 2026,.Според Кадриу, клучни оперативци во СЈО биле Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски–истите оние кои денес повторно се појавуваат како „реформатори“ и кандидати за високи функции. Луѓе кои примале предмети директно од Заев и Шекеринска, без процедура и без записник. Во таков систем, правото не важи, важи партиската волја. Постоеле обиди за директна контрола врз судството, па дури и креирање лажен предмет за претседателот на Кривичниот суд Владимир Панчевски. Кадриу открива дека Владимир Панчевски бил цел на организиран прогон затоа што одбил да постапува незаконски и да биде „послушен“. Откако не дозволил предмети да се изнесуваат од судот без процедура, започнала хајката за негово отстранување. Кога не можеле да му најдат реален пропуст, му бил наместен случај за наводна рачна распределба на предмети, иако таква практика постоела и во други судови. Владимир Панчевски, вели Кадриу, бил жртва на селективна правда и политичка егзекуција во време кога СЈО и власта на СДС креирале обвиненија за неподобните. Исто така, како што изјави Кадриу, Зоран Заев, Радмила Шекеринска и советници на Оливер Спасовски биле редовни гости. Обвинителството, наместо независна институција, било претворено во штаб на СДС. Според изјавата на Кадриу, Буџетот се трошел без срам: кафиња, лешници, договори со партиски блиски, роднини и пријатели. Само за два месеци во 2015 година, бил потрошен еден милион евра. За што? За правда или за партиски комодитет? На врвот на таа структура стоела Катица Јанева, „девојката од милион долари“, денес симбол на пропаста на СЈО. Осудена на седум години затвор за примање мито, а денес на условен отпуст. Ова не беше само судење за уставобранителите од 27 април, ова беше судење на ВМРО-ДПМНЕ, за идејата за македонска држава и за секој што не се согласи со наметнатиот политички проект. Уставобранителите не бараат помилување, помилување се бара кога имаш вина. Тие бараат повторено, фер судење, пред судии без политички диктат и обвинители без инструкции. Судот на народот и судот на историјата не познаваат застарување. Овој антимакедонски чин е смислен, организиран и спроведен од конкретни политички актери, свесно и со умисла, на штета на државата и народот. Од таа вина нема засолниште – ниту во функции, ниту во институции, ниту во времето. Правдата можеби доцни, но кога ќе стигне, таа не простува. |















