|
||||
| Излегува ли вистината на виделина за улогата на Заев и Филипче во скандалот со Клиниката „ЖАН МИТРЕВ“? |
|
Понекогаш една реченица е доволна за да се отвори цел систем. Во случајот со клиниката „Жан Митрев“, токму една таква реченица – кажана без патетика, но со тешка содржина – отвори сериозни прашања за односот меѓу политичката моќ, обвинителството и организираниот криминал. Безбедносниот експерт Љубомир Ѓурчески, гостувајќи во емисијата „За или против“ 20.01.2026 на ТВ Алфа, го нарече овој случај „најчист пример за врската меѓу политичките елити и организираните криминални групи“. Поводот е јавно изнесеното тврдење на Жан Митрев дека, откако од Зоран Заев и Венко Филипче добил „непристојна понуда“ за купување на неговата болница, настанало „чудо“ – забраната за продажба на удели, наметната од Обвинителството, била повлечена. И тоа за само една недела. Сметките останале замрзнати, но клучната пречка за купопродажба исчезнала. Прашањето кое логично се наметнува е: кој, како и зошто ја тргнал таа забрана? Според Ѓурчески, ваквиот развој на настаните не може да се толкува поинаку освен како директен притисок врз обвинителството од страна на тогашната политичка власт. Затоа тој јавно побара Советот на јавни обвинители да го разгледа случајот, да се утврди кој обвинител ја донел одлуката и под какви околности, особено имајќи предвид дека станува збор за имот под посебни мерки. Но, оваа афера, според него, оди многу подлабоко од една болница. Ѓурчески ја отвори и најтешката можна теза: дека преку вакви бизнис-зделки се вршело класично перење пари, стекнати од големи политички договори како Преспанскиот договор и договорот со Бугарија. Перење кое, вели тој, најлесно се спроведува преку недвижнини, бизниси и здравствени установи. Како дополнителен аларм, тој потсети на изјава на грчкиот премиер Мицотакис, кој јавно говореше за огромни провизии поврзани со потпишувањето на Преспанскиот договор. Изјава што, според Ѓурчески, требало веднаш да биде сигнал за македонското Јавно обвинителство да отвори сериозна истрага. Наместо тоа – молк. Молк што остава впечаток на институционален притисок и политичка заштита. Контекстот, вели тој, е исто толку важен. Случајот се случува во време на пандемија, вонредна состојба и правен хаос. Во период кога Владата носеше уредби со законска сила, од кои дел никогаш не беа потврдени во Собранието, а истовремено се емитуваше еврообврзница од 940 милиони евра – додека државата мака мачеше со набавка на вакцини. Во тие „матни времиња“, како што ги нарекува Ѓурчески, се создадоа услови за легализација на тежок криминал: преку јавни набавки, преку уредби, преку систем што беше ставен во функција на една тендер-коалиција. Затоа, вели тој, случајот со Жан Митрев не е изолиран инцидент, туку симптом на едно подолго и подлабоко заболување на државата. Пред Македонија, според Ѓурчески, стои „интересна година“ – година во која ќе се тестира дали навистина постои волја за расчистување со криминалот наталожен во годините на владеење на СДС и ДУИ. Нов обвинител, нови закони и најавите за институционално раскрстување со минатото се можност, но и последен тест за државата. Дали оваа афера ќе заврши како уште една „заборавена приказна“, или како почеток на вистинско соочување со вистината – зависи од тоа дали институциите конечно ќе престанат да молчат. А молкот, како што видовме премногу пати, никогаш не бил случаен. |




















