|
||||
| Државата како плен: мафијашкиот модел на Филипче и Заев |
|
Кога државата ќе престане да им служи на граѓаните, а ќе почне да им служи на кланови, тоа повеќе не е политичка криза – тоа е системска деградација. Македонија го живееше токму тој модел во времето кога СДС, под менторство на Зоран Заев и со извршителска улога на Венко Филипче, ја претвори власта во алатка за притисоци, уцени и лични интереси. Нема пора во општеството во која овој тандем не се обиде да остави трага. Институциите не беа сервис на граѓаните, туку продолжена рака на партиски и клановски агенди. Кризите, наместо моменти за солидарност и одговорност, станаа шанса за профит и моќ. Колку поголема беше несреќата на народот, толку поголем беше апетитот на власта. Најилустративен пример за тоа е ковид-пандемијата. Додека граѓаните стравуваа за своето здравје и живот, а здравствениот систем беше на колена, тогашниот министер за здравство и неговиот партиски шеф не гледаа криза, туку можност. Наместо грижа за пациентите, следуваше обид за преземање на приватната болница „Жан Митрев“ – и тоа не преку пазарни механизми, туку преку притисоци и уцени. Сведоштвото на самиот д-р Жан Митрев јавно ја разоткри таа матрица на владеење. Обидите тандемот Заев–Филипче сами да ја одредуваат вредноста на болницата, а за возврат да нудат „помош“ во судска постапка, се класичен пример за злоупотреба на политичката моќ. Тоа не е реформа. Тоа е рекет. Тоа не е држава. Тоа е мафијашки модел. Овие тврдења не се изолиран инцидент. Тие се вклопуваат во долгата низа сомнежи што со години ја следат оваа политичка гарнитура: златни визи, имоти и бизниси во Дубаи, фирми во странство, сомнителни финансиски трансакции. Мозаик кој, кога ќе се состави, дава јасна слика – државата била гледана како банкомат, а институциите како алат за заштита на сопствените интереси. И денес, Венко Филипче се обидува да се продава како „ново лице“ во политиката. Но какво ново лице може да биде човек кој седи на столчето на Заев и ги продолжува истите политики, со истите луѓе и истите шеми? Ново пакување, стара содржина. Нов имиџ, ист систем на злоупотреба. Затоа прашањето е едноставно, но суштинско: може ли човек со ваков багаж на скандали, сомнежи и сериозни обвинувања да има кредибилитет да води политичка партија, а уште помалку да бара доверба од граѓаните? Наместо одговорност и повлекување, сведоци сме на молк и ароганција. Но токму тука завршува политиката, а мора да почне правдата. Јавното обвинителство има обврска – не политичка, туку уставна – веднаш да ги истражи сите наводи за притисоци, уцени и злоупотреба на државата и институциите од страна на Филипче и Заев. Во држава која сака да биде правна, не смее да има недопирливи. Законот мора да важи подеднакво за сите. Во спротивно, нема да зборуваме за демократија, туку за заробена држава – со мафијашки правила и клановска правда. |




















