|
|
| Лудоста и Глупоста |
|
Како би го окарактеризирале изминатиов период на кој сме сведоци како народ? Дали имате објаснување кое би можеле да го дадете на сето ова што се случува? Кога велам објаснување, мислам на праведно, рационално и нормално во одредени рамки, што не би се косело со веќе усвоените потврдени правила на функционирање на светската и европската реалност. Размислете за момент.... Најдовте ли одговор? Сигурна сум не, бидејќи и нема такво нешто. Ние сме некој вид експеримент на нечија сулудна политика и гладни, лажни политичари. Нам ни се поставија и ни се поставуваат услови и критериуми кои треба да ги исполниме според Европските прописи и стандарди, но на крај нивното реализирање не е важно и не е релевантно. Нам ни се сугерира и ни се води евиденција за секоја ситница која ќе биде кажана на некоја телевизиска емисија, а да не зборуваме за нешто повеќе, а во други земји на теророт што го вршат врз сопствениот народ не се обрнува никакво внимание. Нам ни се замерува дека не биле во доволна мерка реализирани човековите права, па ни префрлуваат за дискриминација и сл. Во исто време во некои европски земји се тепани луѓето за својата определба и искажување на своето мислење. Со еден збор ние сме доведени во ситуација на апсурд. Ние сме на тест до каде и колку може нашиот рационален капацитет да издржи, пред да попушти пред Лудоста и Глупоста. Овие зборови треба да ги применуваме и пишуваме со големи букви, бидејќи сега е нивно време и сега тие владеат. А како потврда на тоа е следното: Нашите еминентни политичари, новинари, интелектуалци максимално се заложија за да ја воскреснат и да ја стават на високо ниво на употреба Пофалбата на Лудоста на Еразмо Ротердамски. Имено, сега впрочем човек и неможе да не помислува во секој миг, или ние или тие се луди. Незнаат што зборуваат. Не знаат што прават. Некои даваат предлози за Име на својата Земја, некои не се сигурни точно што се и од каде потекнуваат, а кај други има и голем напредок па тие знаат добро дека нешто се, ама сигурно не македонци. А богами имаме и пионерски чекори на веќе јавно изјаснување на тоа дека ние сме нешто друго освен македонци со конкретно посочување на нашето “право потекло”. Им честитам на тие што откриле точно што сме ние, зошто ете така во заблуди сме живееле ние, но и нашите предци. Само размислувам сега како да им соопштам на своите предци дека загатката е решена, мистеријата е откриена и како да им кажам дека можеби некој ги лажел низ вековите наназад дека се македонци. Сигурна сум дека ќе се пронајде некој начин да им соопштиме исто така како што се пронајде начинот како откривме дека не сме ова што сме.... а иначе што сме? Бидејќи никој конкретно не кажува, само наговестува. Ете, ДНК анализите од еминентните научници во Швајцарија не биле точни зошто според нечии трдења и таму постоело мито и корупција и некој потплатил за да испаднат ДНК анализите со потекло на античките македонци. Види, види и таму имало жиро сметки и лажни донирања на приватни сметки, а?...е тоа не сум знаела. Па се запрашувам, зошто Европа бара од нас да се поправи системот кога тие се бетeр од нас? Па ние имаме традиција на лажење, на мито, на корупција, неморал и слични афинитети така да мислам дека треба да почнеме да организираме семинари на европско ниво за да може да им ја пружиме можноста да се запознаат со она што ете го имаат по тврдење на некои наши интелектуалци, но треба пософистицирано да го научат начинот. Впрочем кој може подобро тоа да го направи од македончето? Кај нас големите научници и нивните пронајдоци се третираат како комшиска љубомора и трач партија, зошто кој е тој сега па открил нешто, се замислува умен? Не е поумен од овие другиве, неуките, сигурно! А тоа што светот им ги признава нивните достигувања тоа ќе видиме кога ќе станат славни па ќе се шлепаме на нивните кредити, ако имаме интерес, сигурно. Во овој експериментален простор брилијантните идеи од почеток се осудуваат на пропаст, белото може секого да го уверите дека е црно, гладниот ќе го убедите дека е сит, а чесниот ќе го наведите сам да ви ги даде парите и имотот и плус за тоа да го дадете на суд, и да го добиете процесот. Ете зошто Европа не избрала за експериментално глувче, зошто има услови бе тука луѓе. На кој народ може ова да му го прави? Кој народ ќути во моментите кога му се врши помор? Е па Грција не е крива, Европа не е крива, криви сме сите ние македонци кои имаме сомнеж кои сме и што сме. Абе кој народ се преиспитува дали е или не е она што е? Лудост! Абе кај кој народ на сите телевизии и сите јавни гласила и сите интелектуални дебати се пере мозок на нацијата дека не е она што е и дека ќе му се измисли во нареден период кој е? Глупост! Затоа имам чувство дека го славиме времето на Еразмо Ротердамски. Па пријатели земете тоа коњот, јавнете го и почнете да ја измислувате својата Пофалба на Лудоста и пишувајте, зошто ништо друго и не ви преостанува... освен ваше чисто авторско дело за да имаат идните генерации на писмено на што да се повикаат и да не осудат! Можеби правдата е бавна но секого го стигнува, на овој или на оној начин, па внимавајте што правите. Ќе си го разнебитувате својот живот и на другите ваши поколенија или ќе го изживете најдобро што знаете својот век и ќе оставите причина со гордост иднината да ве споменува!? Инаку ќе испадне она според Ротердамски- Што е друго животот на човекот освен некоја врста на комедија во која луѓето играат секој под своја маска и секој својата улога, се додека режисерот не ги тргне од сцената! ![]() Катерина Климоска |















