|
|
| Македонија не е проблем на Европа, Македонија е нејзин темел! |
|
Македонскиот модел нуди соживот без губење на идентитетот! Кога се зборува за Македонија, премногу често се зборува за граници, спорови и условувања. Ретко се зборува за суштината: за вредностите што Македонија ги дала на Европа и на светот, и кои и денес остануваат темел на една цивилизациска вертикала што не може да се избрише со политички декларации или историски ревизии. Христијанството во Европа не е увезена идеја без корен. Неговата европска приказна започнува токму од Македонија. Првите христијански заедници на европско тло се формираат тука – во Филипи, Солун и Бер – градови од античка Македонија, каде што Светиот Апостол Павле ги изгради првите цркви во Европа. Токму во Филипи денешен Пловдив е крстена и првата христијанка во Европа – Лидија Македонката, симбол на новата вера што ќе го обликува континентот. Од Македонија тргнува и големата цивилизациска мисија на описменување и покрстување на народите во Источна Европа. Преку делото на светите Климент и Наум, преку Охридската книжевна школа, се создава духовен и културен модел што ќе стане основа на словенската писменост, богослужба и културна автономија. Охрид, како духовен центар, не е само град – тој е идеја. Во тој контекст, Охридската книжевна школа со право се смета за првиот универзитет во Европа, постар и од Болоња. Не како формална институција по денешни стандарди, туку како систематско средиште на образование, превод, теологија, филозофија и култура. Европа таму учела да чита, да пишува и да мисли на свој јазик. Охридската Архиепископија, пак, претставува еден од најстарите црковни институти во христијанскиот свет. Нејзината канонска, легална и легитимна наследничка е Македонската Православна Црква-ОА, жива врска меѓу древноста и современоста, меѓу континуитетот и идентитетот. Не случајно, таа црква опстојувала со векови, често без држава, но никогаш без народ. Македонија не дала само духовни и културни темели, туку и личности чии траги се вградени во светската историја. Филип, Александар Македонски, Мохамед Али Паша – реформаторот на Египет, на Мустафа Кемал Ататурк–основачот на модерна Турција, Ѓорѓија Кастриот Скендербег – симболот на албанската борба за слобода, водат кон Македонија. Ова не е прашање на присвојување, туку на историски факт што сведочи за улогата на Македонија како раскрсница на народи, идеи и епохи. Но вистинската големина на една цивилизација не е само во тоа што го дала во минатото, туку во вредностите што ги афирмирала и ги пренела. Универзалните вредности на македонската цивилизација се јасни и препознатливи: мирот и љубовта, наспроти војната и омразата; толеранцијата и коегзистенцијата, наспроти дискриминацијата и сегрегацијата. Македонија историски не била империја што брише, туку простор што поврзува. Затоа, македонската цивилизациска логика природно припаѓа на културниот глобализам – интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури. Спротивно на корпоративниот глобализам, кој под маската на профит и „напредок“ врши асимилација, бришење и на крај физичка ликвидација на различностите. Македонскиот модел нуди соживот без губење на идентитетот. Прашањето не е дали Македонија припаѓа на европските вредности, туку дали Европа денес е подготвена да се соочи со сопствените корени–кои, колку и да се негираат, водат и кон Македонија. Македонија не е проблем на Европа, Македонија е нејзин темел! |














