|
|
| ЛЕГЕНДИ ЗА АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ МАКЕДОНСКИ ЗАПИШАНИ ОД МАРКО ПОЛО |
|
Во нашата јавност е малку познато дека легенди за Александар Велики Македонски запишал светски познатиот средновековен морепловец и патеписец Марко Поло. Марко Поло се родил некаде околу 1254 година во Венеција. Неговите татко и чичко биле познати трговци. Поради својата трговија, во 1260 година, тие тргнале на пат од Узбекистан за Кина, од каде се вратиле по девет години. По две години го зеле со себе и Марко Поло и повторно тргнале за Кина. Поминале низ многу азиски земји. Тие биле првите европјани за кои се знае дека ги посетиле пустината Гоби и висорамнината Памир. Марко Поло се сретнал со Кублај-кан и се вработил во неговата администрација. Три години бил управник на еден кинески град, а неговите татко и чичко исто така работеле во служба на Кублај-кан. Тројцата останале во Кина до 1292 година, по што заминале за Иран. Претходно ја посетиле Суматра и Индија. Во Венеција се вратиле во 1295 година. Во 1298 година Марко Поло бил затворен поради учество во војната помеѓу Венеција и Генова. Во затворот на затворениците им раскажувал за целото свое патешествие. Следната година бил ослободен и се вратил во Венеција. Неговите записи се објавени во 1300 година во делото „Патувањата на Марко Поло“ и тие се сметаат за најпознатите патеписи во историјата. За прв пат средновековните европјани се сретнале со подетални записи за животот во Кина и другите далечни азиски земји. Се смета дека таа книга го предизвикала интересот и кај Христифор Колумбо да ги преземе своите патувања. Марко Поло починал во 1324 година. Каква е поврзаноста на Марко Поло со Македонија и Македонците? Најнапред да кажеме дека тој поминал непосредно крај македонскиот брег во Егејското Море пред да се врати во Венеција во 1295 година. Крај македонскиот брег претходно поминале и неговиот татко и чичко Николо и Мафео Поло, за време на нивното прво патување за Кина во 1260 година. Но, тоа не е се. За време на своето патување, Марко Поло запишал четири легенди за Александар Велики Македонски и истите ги објавил во својот труд во 1300 година. Првата легенда носи наслов „Осаменото дрво” и била запишана некаде во северниот дел на Иран. Таму на Марко Поло му било кажано дека во тие земји постоело едно осамено дрво среде огромна пустина. Наводно тоа дрво изникнало на местото на голема битка помеѓу Александар Македонски и персискиот цар Дарие. Поло пишува дека тоа дрво било со огромна големина и дека од едната страна имало зелени лисја, а од другата бели. Она што е многу интересно е фактот дека на најстарата зачувана претстава на битката кај Ис (мозаикот од Помпеј од 80 година пред Христа) и навистина во позадината (над главата на Александар, кој е првата фигура од лево) се гледа едно осамено дрво.
Втората легенда за Александар Македонски што Марко Поло ја запишал во Азија носи наслов “Наследникот на Александар”. Според оваа легенда, Александар се оженил за ќерката на Дарие некаде на територијата на денешен Авганистан. Од тој брак тие добиле деца, кои пораснале се омажиле и ожениле и така нивното потомство стигнало се до 13 век, т.е. до посетата на Марко Поло на тие краеви. Тој запишал дека стигнал во земјата Бадакшан, чии владетели себеси се сметале како директни потомци на Александар и на неговата персиска невеста. Во чест на својот наводен предок, тие ја носеле титулата „Зул-карнијан”, што рековме дека претставува исламско описно име за Александар Велики Македонски, под кое се смета дека тој е спомнат во Куранот. Третата легенда носи наслов „Последниот еднорог”. Според оваа легенда, познатиот коњ на Александар по име Букефал, до својата четиринаесетта година од животот, наводно бил еднорог. Според тоа што го запишал Марко Поло во претходно спомнатата земја Бадакшан, наводно постоело едно стадо еднорози, кои наводно потекнувале од Букефал. Ова стадо било во сопственост на некој богат член на кралското семејство во таа област. Кралот посакал да добие барем еден еднорог од тоа стадо, но богаташот го одбил. Поради тоа кралот наредил тој да биде убиен. Но, жената на богаташот, за да се одмазди на кралот, наредила на своите слуги да ги убијат сите еднорози што ги имале. Така била прекината лозата на коњот Букефал. Четвртата легенда за Александар Македонски што ја запишал Марко Поло носи наслов „Александровата преграда”. Оваа легенда се однесува за еден настан што наводно се одиграл на територијата на денешна Грузија. Според оваа легенда во оваа земја напредувањето на Александар било запрено затоа што пред него се појавил опасен теснец. Од едната страна се наоѓало морето, а од другата имало непреодни планини со густи шуми пред нив. Овде Александар решил да изгради преграда во теснецот помеѓу двете планини. На тој начин Александар ги спречил племињата што го напаѓале и ги отсекол од цивилизраниот свет. Таа преграда го добила името „Железна порта“. Интересно е што мнозина истражувачи подоцна се обидувале да ја пронајдат таа „Железна порта”. Така, на пример, некои средновековни арапски географи сметале дека таа преграда всушност е Кинескиот ѕид, а други сметале дека се наоѓала во Дагестан.
|
Александар ДОНСКИ

























