|
|
| Тиквешкото револуционерно знаме |
|
Пишува Зоран Тодоровски
Тиквешкото востание било објавено под старото револуционерно знаме, изработено уште во 1903 година, што грижливо се чувало уште од илинденските настани во Тиквешијата. Материјалот на знамето бил од црвена свила со разнобојни свилени конци купени од Солун. Знамето било во елипсна форма во средината била претставена девојка со развиени коси што држи знаме, а стапната врз Турчин со раскинати синџири. Лицето на девојката било изработено со мрсни бои, а косата – природно црна, била пресечена од косата на Тима Минчева. На предната страна, исто така, со големи букви биле извезени зборовите: Внатрешна Македонско-Одринска Револуционерна Организација, Тиквешки револуционерен реон. Знамето било изработено во месец март 1903 година под раководство на Иван Љамчев во куќата на Јованче Михајловски, а од Евгенија Михајловска, Тима Минчева, Лефтерка Грозданова и Ана Иванова. Во почетокот на јуни истата година војводата Петар Јуруков побарал да го види знамето и го завештал да се развие при едно идно востание. Така тиквешкото револуционерно знаме се зачувало во Ваташа се до објавувањето на востанието во јуни 1913 година. За натамошната судбина на знамето Пане Поп Коцев известува дека пори повлекувањето на востаниците знамето било заробено од српската војска, а истото го потврдуваат и српските четнички војводи Јован Бабунски и Василие Трбиќ во извештајот од 29 јуни 1913 година до Штабот на српската Врховна команда. Последно бугарско училиште во Македонија(раскажува Јордан Анастасов) Во текот на Балканската војна беше затворена Бугарската духовна семинарија во Цариград, во која јас бев ученик во трети клас (денешен десетти клас). Се вратив во Кавадарци кај родителите. Уште во првите денови ја почувствував вознемиреноста и разочараноста на Кавадарчани. Ја очекувале бугарската војска дошла српската, со српска администрација, која не ја криела својата омраза кон нив, нарекувајќи ги бугараши. Се заканувале дека ќе ги затворат бугарските училишта и ќе ги заменат со српски. И тоа Тиквешијата (ги опфаќа градовите Неготино и Кавадарци и над 90 села). каде што никогаш не може да проникне ни српска ни грчка пропаганда. Во почетокот на учебната 1912-1913 год. архиерејски намесник, свештеникот Глигор Лазаров по селата испратил бугарски учители. Меѓу нив бев и јас. Мене ме назначија за учител во с. Шешково, оддалечено околу три часа од Кавадарци. Се на се имав околу 30 ученици, а повеќето беа момчиња. Започнав со запознавање на буквите и букварот за прво одделение, со читанките и сметалките за второ и со други предмети за погорните одделенија. Ме хранеше селото. Родителите на учениците сами доаѓаа и одредуваа кога и кај кого да отидам. Секое семејство се трудеше да ме пречека со богата гозба: баници со кисело млеко, ориз со свинско или кокошкино месо, качамак со пршки и др. Бев галениче на селото. Ме канеа на свадби и ме учеа да ги играм нивните ора. За големи празници во црквата службата ја одржуваше свештеникот Тодор кој доаѓаше од село Ресава. Јас бев негов пејач во црквата. По секоја црковна служба јас држев кратка проповед поврзана со она што е прочитано од Евангелието. На едно мое одење во Кавадарци ми кажаа дека една српска чета одела по селата и ги прогонувала учителите, а тој што ќе се спротивставел бил претепуван. Кога еднаш таа чета дојде во селото, газдарицата ме завитка во рогозина и така се спасив. Бидејќи веќе беше април, решив да ја завршам годината до празникот „Кирил и Методиј“ на кој традиционално се спроведуваше училишниот испит. Во тоа ми помогна и мојот роднина Христо Поп Лазаров кој ми беше дошол во посета и кој божемски претставуваше училиштен инспектор. Бидејќи тој имаше завршено гимназија и беше две години постар од мене делуваше многу сериозно. Неговото присуство му даваше голема свеченост на испитот. На денот на испитот училиштето беше украсено со зеленило. Беше украсена и иконата на православните Кирил и Методиј, која беше донесена од црквата, а дворот чисто изметен. Децата празнично облечени, наредени по ккасови, испоседнаа по клупите кои беа извадени надвор. Целото село беше излезено да види како ќе помине испитот. Јас и инспекторот седевме на маса покриена со чаршав. Јас одржав краток говор, а потоа инспекторот ги повикуваше еден по еден и ги распрашуваше. Одговорите на децата беа пречекани со видливо задоволство од селаните. По испитот ручавме свечено кај моите газди, а потоа заминавме за Кавадарци. Тоа беше последното народно училиште во Македонија, кое постоеше до крајот на учебната 1912-1913година. Во културен и образовен оглед Тиквеш играл голема улога во минатото, за време на Преродбата и револуционерните движења па се до војните. До 1913 година тиквешани речиси во секое село имаа добро уредени училишта и цркви. Во Кавадарци беше трикласно прогимназиско училиште, а во Неготино и Ваташа, првокласно училиште со засилен учителски персонал и со многу ученици. Кавадарци беше седиште на архиерејското намесништво под покровителство на Струмичката митрополија. За жал денес нема ниту спомен од целата таа културно-просветна дејност, создадена и одржувана од средствата на месното население. Од книгата „Вистински приказни за вечни сеќавања“, Кавадарци 1900-1945. од Зорка Тодорова Младеновиќ, Кавадарци 2010. |



























