Среда, 27 Април 2011   
Александар III Македонски

Раѓањето на Александар

aleksandar-3-makedonskiАлександар III Македонски е роден на дваесетиот ден од месецот јули или според тогашниот календар на шестиот ден од месецот хекатом беом, што македонците го викале лоос.

Истиот тој ден во Ефес, лудак го запалил Артемидиниот храм. Не случајно историчарот Хегесиј рекол дека храмот морал да изгори затоа што Артемида не била таму бидејки бабувала на Александровото раѓање. Подоцна по наредба на Александар храмот повторно бил изграден и тоа толку убаво со што се вброил во едно од седумте светски чуда на античкиот свет.
Маговите, кои тој ден биле во Ефес, пророкувале нова несреќа на Азија, велејки дека тој ден родил проклетство и голема несреќа. Нивното пророштво подоцна навистина се остварило со тоа што Александар станал нивен господар и покорил голем дел од Азија.
На Филип кој во тоа време ја освоил Потидеја, коринтска населба на полуостровот Халкидики, му пристигнале три вести. Првата вест била дека неговиот војсководач Парменион ги победил Илирите во крвава битка; Втората дека неговиот коњ победил на трката што се одржувала во Олимпија; А третата дека му се родил син, Александар. На Филип сите овие вести му причинувале задоволство и голема среќа, а со тоа што гаталците му пророкувале дека штом Александар се родил со три победи той ќе биде непобедлив, тој особено се радувал.

Младост

Александар уште како мал бил многу одговорен и свесен за обврските и одговорностите како иден крал на Македонците. Тој наспроти своите врсници не ги ценел парите премногу, ами славата и духовното богатство. Него уште го краселе и чесноста и достоинството, како и неговата умерена скромност, што го спречувала да се фали за своите дела насекаде како татко му Филип. И покрај тоа што имал огромна страст за разни работи, тој сепак во телесните уживања влегувал многу трезвено и умерено.

Телесно Александар бил добро граден, со широки гради и исправено држење на телото. Најкарактеристичен бил неговиот копнежлив поглед, за којшто најмногу дознаваме од делата на скулпторот Лисип од Сикион.

Лисип го имал ексклузивното право да прави скулптури на Александар. Тој ги правел толку реалистично, што Александар сакал само тој да му ги ваја портретите. Освен што го погодил лицето, Лисип успеал и точно да го прикаже неговиот исправен врат, којшто само малку бил настранет кон лево.

Сликите на Александар пак ги правел Апеле, сликар родум од Колофон, Јонија. Апеле често го сликал Александар со молскавица во рацете што одавало впечаток на моќ, но не бил добар со боите и го направил помрачен. Александар пак имал бел тен на кожата. Неговото белило преминувало во руменило, единствено во пределот околу градите и на лицето.

Еднаш кога Филип не бил дома, Александар ги примил пратениците на персискиот крал. Тој брзо се спријателил со нив и ја освоил нивната почит со тоа што прашувал за сериозни работи Пратениците биле зачудени од ова дете кое дури и ја бришело сета слава на големиот Филип од нивните мисли.

Еден ден, некојси трговец од Тесалија по име Филоник, му понудил на Филип да го купи коњот Букефал за тринаесет таланти, меѓутоа откако неколку Филипови војници не успеале да го јавнат коњот оти бил многу див и разјарен тој заклучил дека коњот е неупотреблив.
За сето тоа време Александар, внимателно ги следел неуспешните обиди на војниците и откако Филип одбил да го купи коњот, тој почнал да протестира и да го напаѓа затоа што не сакал да купи одличен коњ само затоа што не знае да го јавне. На ова Филип се разгневнил и почнал да го укорува младото момче затоа што на постари луѓе им замерувал небаре тој повеќе знае од нив. На ова Александар одговорил дека знае и го замолил татка си да му дозволи и тој да проба да го јавне коњот. Откако Филип се согласил, Александар му се приближил на Букефал и откако го свртел кон сонцето, најверојатно затоа што увидел дека коњот се плаши од својата сенка која му паѓала пред очите, и без никакви проблеми го јавнал. Додека Александар го јавал Букефал околу кралскиот дворец, на Филип и на останатите од кралската придружба од страв им се смрзнувала крвта во вените.

Овој настан му покажал на Филип дека воопшто не треба да се грижи за свој наследник. Потоа се зборува дека Филип заплакал од радост и откако Александар се вратил тој го помилувал и му рекол дека кралството што тој му го остава е премало за неговата големина.

Кога во престолнината ќе пристигнела вест дека Филип освоил некое место, Александар тоа не го примал ниту со најмало воодушевување, ами бил тажен поради тоа. Тој не се стремел кон хедонстички уживање, богатство и раскош, туку кон слава и јунаштво и мислел дека колку повеќе ќе наследи од својот татко толку помалку ќе постигне во својот живот.


Едукација

На едукацијата на Александар Филип посветил големо внимание. Неговото образование, Филип им го доверил на цела плејада учени луѓе на чело со Леонид. Од него, Александар научил да биде штедлив, умерен и физички издржлив.

Од сериозните постапки на Александар и неговиот непопустлив карактер, Филип увидел дека кај сина си може повеќе да влијае со совети и молби отколку со наредби. Иако тој на Александар му овозможил да учи од најучените луѓе, филозофи во тоа време тој сепак ним никогаш целосно не им го отстапувал неговото образование.
Кога Александар наполнил тринаесет години, Филип од Грција му го довел Аристотел, најголем и најславен мислител и филозоф на стариот век. За подучувањето на Александар, Филип му дал на Аристотел голема награда и повторно го изградил Стагира, градот од каде што потекнувал Аристотел, којшто самиот го разурнал.
Цели три години, од тринаесетата до шестнаесетата години, Александар бил образован од прочуениот грчки филозоф. Аристотел го учел Александар: етика, политика, медицина и литература.

Александар по природа го сакал читањето, а Хомеровите книги: "Илијада" и "Одисеја", му биле омилени книги. Тој "Илијада" ја опишувал како патоказ на воената храброст. Откако увидел дека многу ја сака, Аристотел дури и му го дал своето издание на таа книга. Легендата вели дека Александар секогаш спиел со таа копија од книгата, која се наоѓала веднаш до камата, под неговата перница.
Уште на самиот почеток Александар многу го засакал својот учител, Аристотел па дури и велел дека на Филип му го должи животот, но дека Аристотел е заслужен за неговиот поубав живот. Како и да е подоцна Александар го надминал егоцентристичкиот став на грчкиот филозоф дека сите негрци треба да бидат третирани како робови и го напуѓтил неговото учење. По ова Александар се оддалечил од својот учител и заедно со татка си почнал да ја учи техниката на војување. Той уште тогаш ги покажал своите желби за војување и освојување и честопати велел дека ако татко му продолжи со воените походи за него нема да остане да освои ниту едно значајно место.

Всушност Александар имал само двајца вистински учители. Едниот бил Аристотел, а другиот неговиот татко Филип.

Придобивање на власта

Во 340 година пне, Александар за првпат учествувал во битка. Додека неговиот татко Филип се борел против Тракијците кај Византиум, Александар останал да го заменува и да го чува кралскиот жиг. Иако шеснаесетгодишник, Александар ефективно ги покорил Мејаните кои се побуниле и на тоа место формирал мешана населба на која и го дал името Александропол. Во 338 година пне заедно со својот татко, Александар учествувал и во битката против Елините кај градот Хиронеја. Во таа битка Македонците победиле, а на Елините по поразот им била укината политичката независност.

Македонците често го нарекувале Александар свој крал, а Филип врховен заповедник. Филип на ова воопшто не се лутел, ами напротив тоа придонесло тој уште повеќе да го засака својот син. Како и да е нередите во кралскиот дворец како последица на неговите женачки причиниле многу остри кавги и расправии.

Овие кавги лукаво ги искористувала Олимпијада, а нив најмногу ги поттикнал Атал. На свадбата меѓу Филип и Клеопатра, тој поднапиен почнал да бара Македонците да им се молат на боговите Клеопатра да им роди вистински престолонаследник и иден крал на Македонија. Кога Александар го слушнал ова многу се налутил и рекол "што ништожнику зарем јас сум копиле за тебе" по што својот пехар го фрлил на него. На ова Филип рипнал и го извлекол мечот за да се бие со сина си но за среќа мечот му се лизнал и тој се сопнал, на што Александар рекол "Гледајте луѓе овој се токмеше од Европа да премине во Азија, а овде не може да стигне од едно столче до друго, а да не падне". По оваа пијана расправија Олимпијада заминала во родниот Епир, а Александар отишол во Илирија.
Откако поминало некое време и откако Филип се покајал тој отишол кај Демарат, нивен куќен пријател и го замолил да отиде во Илирија и да го убеди Александар да се врати. Демарат успеал во тоа и Александар навистина се вратил.

Во годината 336 пне Филип бил убиен. Тој наговорен од Клеопатра и нејзиниот вујко Атал, го навредил Павсаниј, а овој неможејки да најде правда за себе го извлекол мечот и го убил. Во тогашно време вината најмногу паднала на Олимпијада демек таа го убедила Павсаниј, а се зборувало дека и Александар имал учество во тој грозен настан. Како и да е под обвинение дека таа била во заднината на убиството била егзекутирана принцезата од Линкестида.

Александар во истата година со подршката од македонската војска и со неполни дваесет години успеал да ја придобие власта. Во тоа не успеале да го спречат ниту матните игри на многумина, а ниту пак обидите на незаконските деца на Филип да седнат на престолот. Младиот Александар бил доволно мудар да седне на престолот на својот татко.

Уште во првите денови од своето владеење, Александар тргнал кон југ кон Коринт. По пат тој ја вратил Тесалија под македонска власт, а на собранието на Елинската лига во Коринт бил прогласен за водач на идната инвазија на Азија која што била иницирана и одамна планирана од Филип. Тој таму се запознал со многу видни луѓе, а го видел и Диоген кој многу го ценел. Кога застанал пред него го запрашал дали нешто може да стори за него, а овој му одговорил дека може, а тоа е да му се тргне од сонцето. Кога пријателите почнале да се шегуваат на негова сметка, Александар рекол дека кога не би бил Александар би бил Диоген, воодушевувајки се на неговата духовна големина.

Враќајки се назад кон Македонија Александар бил и на најславното пророчиште Делфи. Откако никој не сакал да му пророкува оти бил празник на кој тоа било забрането, тој почнал сосила да влече до храмот една питијска свештеничка на што таа извикала дека е несовладлив. На ова Александар се успокоил и задоволен од одговорот, дури и нечекајки пророштво ја оставил свештеничката на мира.

Иако од Македонците кои биле уплашени, Александар бил советуван со благост да се однесува кон покорените народи и на тој начин да се обиде да си ја зачува својата позиција, тој сепак мислел дека само со јуначки битки може да опстои на власта. Откако ја освоил Тракија во пролетта 335 година пне, Александар со својата војска тргнал кон север и стигнал се до местото каде се спојуваат реките Западна и Северна Морава, каде што ја задушил буната на тракијскиот народ Трибалијци и нивниот крал Сирм. Потоа го минал и Дунав за да ги покори и Гетите. Свртувајки го својот поход кон запад , Александар ја покорил и Илирската коалиција којашто ја нападнала Македонија.

Подоцна и Тебанците наслушувајки ја лажната вест за смртта на Александар и подржувани од Елинската коалиција, а особено од Атињаните, се побуниле против македонската власт. Кога за ова слушнал Александар со својата војска, од Пелион, (Денешна Корча) Илирија, тргнал кон Теба која била оддалечена 240 милји и за четиринаесет дена стигнал таму. Откако го одбиле ултиматумот, Александар веднаш удрил на нив. Тебанците соочувајки се со многу посилната македонска војска за кратко време биле поразени. Загинати имало 6 000 луѓе. Александар потоа Теба ја срамнил со земјата, а 30 000 Тебанци ги продал како робови.

Атињаните, а и сите Елини многу се уплашиле од клетата судба што ја снашла Теба и си останале мирни. Сепак македонски гарнизони биле поставени во Коринт Калкис и Кадмеа.

Алексанадар пак како што некои велат многу се покајал за тоа што премногу ги казнил Тебанците и многупати се разжалостувал. На оние Тебанци кои останале тој им ги исполнувал сите желби и им простувал за се и сешто. Бидејки Теба била родно место на Дионис, Александар своите неуспеси, а и плашливоста на македонските војници кога стигнале до Индија, им ја препишувал на одмаздата Дионисиова.

Почетокот на походот кон Азија

Во пролетта 334 година пне Александар ги преминал Дарданелите, со што го започнал навлегувањето во Азија. Како свој намесник во Европа, Александар го оставил Антипатер, со војска од над 13 000 луѓе.

Александровата војска пак броела 30 000 војници пешадија и 5 000 коњаничка војска. Втор заповедник на војската, по Александар бил Парменион. Бидејки во кралската каса немало доволно пари, Александар на некои од војницити им давал земја, на некои приходите од населбите, а на други пак пристаништата. Кога Александар ги раздал скоро сите кралски имоти, Пердика (Македонски генерал) го запрашал што ќе остави за себе. Тогаш кралот рекол дека за себе ги остава надежите, на што Пердика рекол дека тие надежи ќе мора да ги дели со оние со кои што тргнал во поход и го одбил имотот. По примерот на Пердика постапиле и неколку други војници на што Александар не се противел, но на оние што барале подароци тој од срце им давал.

Кога пристигнале во старата Троја, Александар им принел жртви на паднатите борци, а и на Ахил, чијшто штит го понел со себе.
Додека Александар бил во Троја, Персијците на чело со Дариј испланирале напад како да го пресретнат на реката Граник ( денешен Кочабаш). Многу Македонци уплашени од длабочините на реката му велеле на Александар да се врати назад, но тој не ги послушал. Во битката која се одиграла кај Граник во мај/јуни 334 година пне, Александар се соочил со персиската армија водена од тројца сатрапи. Планот на Персијците за малку не успеал и тие за малку не го убиле Александар. Тој со помош на "Мрачниот" Клито, заповедникот на пешадијата, едвај спасил жива глава. Персијците, спротивно од очекувањата не дале силен отпор, туку се разбегале. Само една мала група персиски војници, се качиле на едно ритче од каде барале да се предадат, но Александар да им вети дека ќе ги поштеди. Александар воден од својот бес не ја послушал нивната молба, туку почнал да се бие со нив при што, му го убиле коњот, но той коњ не бил Букефал, ами некој друг.

Кога завршила битката од страната на поразените Персијци, загинати имало 20 000 пешаци и 2 500 коњаника. Оние кои биле заробени, 2 000, биле испратени во Македонија оковани во синџири. Македонската војска пак имала само 34 загинати.

Тираните владетели, биле избркани и спротивно од неговата политика кон Елините, Александар поставил демократска власт. Како и да е освоените градови, де факто, останале под власта на Александар.

По оваа голема победа за Александар, движејки се од север кон југ, речиси без битка, покорил и многу приморски градови вклучувајки го таму и градот Сард. Само Милет и Халикарнас во Карија му се спротивставиле. Александар не сакал да се бори на море, па затоа ја распуштил својата морнарица и изјавил дека на копно ќе ги победи персиските бродови. Милет бил охрабруван од персиската власт, но и покрај тоа Александар за кратко време и само со копнена војска го покорил. Истото го снашло и Халикарнас. Тамошниот сатрап Пиксодар бил избркан, а неговата сестра Ада, го посинила Александар, со што била наметната македонската власт. Таа многу го засакала и често му праќала разни јадења, но Александар не уживал многу во јадењето како што Леонид го научил. Леонид дури и му ги претресувал плакарите поради ова.

Откако ги освоил овие градови Александар се замислил дали да го нападне Дариј, но потоа решил да продолжи со освојувањето, на крајбрежните градови и да се извежба во техниката на војувањето.

Освојувањата во Мала Азија

Во зимата 334-333 година пне го продолжил освојувањето на јужниот дел од Мала Азија, освојувайки ги градовите Ликијја и Писидија. Во пролетта 333 година пне, Александар го продолжил походот кон исток, движејки се по патот за Перга и минувајки преку планината Климакс. Тој бил решен да го покори целото Малоазиско крајбрежје се до Киликија и да се пресели на источниот дел од Арабискиот полуостров и да ја освои Феникија. Неговото поминување и освојување на Памфилија, многу историчари го искористиле за вметнување на фантастични приказни.

Од Памфилија, Александар со својата војска тргнал кон север, каде што ја освоил Фригија, а потоа и градот Гордион. Градот Гордион, според преданијата бил престолнина на кралот Мида којшто се што ќе допрел го претворал во злато. Како и да е тогаш Гордион бил најпознат по Гордиевиот јазол. Еден ден додека Александар се одмарал во својот шатор, дошол гласник и му кажал дека во градот постои јазол кој досега никој не го одврзал, а според верувањата, оној кој тоа ќе го стори ќе го освои светот. Александар, израдуван од моќноста што му се нуди, веднаш отишол на тоа место. Откако добро го разгледал јазолот тој го извлекол мечот и отсекол еден дел од него при што се појавиле повеќе краеви. Убеден од пророштвото тој решил да го продолжи походот.
Во тоа време на Александар му стигнал абер дека умрел Мемнон, храбар командант на елинските платеници во морнарицата кои Дариј ги плаќал.

Од Гордион Александровиот поход тргнал кон Анкира (денешна Анкара), а потоа ја покорил Пафлагонија и Кападокија, а потоа тргнал кон југ и ја освоил и Килилија, нешто кое одамна го намислувал.

Болест го задръала Александар во Киликија подолго време. Болеста веројатно била причинета од големиот замор или пак од настинка, бидејки се капел во студените води на реката Кидно. Ниеден лекар не се осудувал да го лекува, плашејки се од судбината што може да го снајде ако не успее. Подоцна некој лекар Филип му подготвил лек од кој Александар за кратко време оздравел и го продолжил походот.

Битката кај Ис

Додека Александар, бил во Киликија Дариј планирал нов напад како да ја разбие и да ја скрши неговата војска. Долгиот престој во Киликија на Александар, Дариј го толкувал како кукавичлак, а толкувањата на гаталците за неговите сништа, уште повеќе го охрабрувале.

Дариј располагал со војска од 600 000 луѓе, меѓу нив се наоѓал и некој Македонец по име Аминта. Тој знаејки го начинот на војување на Македонците, го предупредувал Дариј да не оди да го бара Александар зашто Александар ќе дојде да го бара него. Дариј не го послушал и се симнал од рамнината во клисурите. Кога слушнал дека Дарий се наоѓа кај Ис Александар тргнал по него, но се разминале, такашто Александар се нашол на пространата рамнина, а Дариј долу во клисурите.

Во есента 333 година пне Александар ја нападнал персиската војска на чело со Дариј. Големата персиска војска не можејки да маневририра била немоќна. Александар кој се борел во првите редови бил ранет во бедрата. Тој не дозволил да биде опколен, туку со десното крило од својата армија, го опколил нивното лево крило и Персијците за кратко време биле поразени. Дариј уплашен за својот живот побегнал, оставувајки го дури и своето семејство и богатството во рацете на Александар.

Александар добро се однесувал кон семејството на Дариј, а и кон сите, такашто тие не се чувствувале како заробени, ами и нивните права пораснале.

Освојувањата на Медитеранското крајбрежје

Од Ис, Александровата војска се упатила кон Сирија и Феникија. Кралевите од Кипар без борба му ја предале власта. За кратко време тоа се случило и со древната Феникија. Во тоа време Дариј пратил писмо во кое барал примирје со Македонците, на што Александар арогантно одговорил.

Во меѓувреме, во зимата 333-332 година пне, Персијците презеле противнапад освојувајки повеќе градови и острови во Мала Азија.
Откако ги освоил Библос и Сидон, Александар стигнал до островскиот град Тир. Луѓето од овој град покажале силен отпор такашто војската на Александар таму останале цели седум месеци. Додека сеуште се воделе битки во Тир Дариј пратил второ писмо во кое му понудил на Александар сума од 10 000 таланти, за откупнина на заробениците, под негова власт да остане целата земја до Еуфрат, како и да се ожени со една од неговите ќерки. Кога Парменион бил запрашан што мисли за ова тој рекол дека кога би бил Александар би прифатил, на што Александар рекол дека и тој би го сторил истото кога би бил Парменион. Тогаш на Дариј му порачал дека срдечно ќе го пречека ако се предаде, а во спротивно веднаш ќе го нападне. Поради добриот однос кон неговото семејство Дариј го засакал Александар и доколку не можел тој да владее сакал барем Александар да биде господар на Персија.

На крајот на опсадата на Тир, Александар заповедал војската да се одмори, а само еден мал дел да ги продолжи нападите. За тоа време Аристандар принесол жртва. Потоа бил нареден напад, но не само еден дел од војската, туку и војниците што биле во логорите го нападнале Тир, при што бил целосно освоен уште во истиот ден. Тоа се случувало во јули 332 година пне.

По освојувањето на Тир, Александар се упатил кон Сирија и цела ја освоил без борба освен градот Газа, најголемиот град кој таму се наоѓал. При војувањето на Александар му било повредено рамото. Како и во Тир и овде се соочил со голем отпор, но за два месеци опсада градот бил завземен.

Еден ден пријателите на Александар му донеле некое ковчеже за кое верувале дека е најскапоцениот предмет од целото Дариево запленето богатство. Откако размислил што да стави во него, решил таму да ја чува "Илијада" која постојано ја носел со себе.

Освојувањето на Египет

Во ноември 332, Александар пристигнал во Египет. Наместо со борба жителите го пречекале со поздрав и со веселба. Откако персискиот сатрап се предал, Александар веднаш бил прифатен како нов владетел. По ова точ отижол во Мемфис кадешто принел жртва на светиот бик Апис, а веднаш потоа бил крунисан со двојна фараонска круна.

Целата зима, Александар ја поминал во Египет, организирајки го. За одржување на редот, тој вработил египетски гувернери, со посебна војска независна од македонската.

Уште на почетокот Александар имал намера таму да изгради густо населен град. За таа цел го вработил Дејнократ, архитект од Родос. Овој град, како и седумдесетина други, кралот го нарекол според неговото име, Александрија. Освен Александрија бил направен нацрт и за изградба на островскиот град Фарос, кој требало да претставува негова заштита.

Веднаш по ова Алексанар тргнал кон храмот на богот Амон Ра. Патот бил многу тешко прооден, поради тоа што ја сечел пустината, но со многу среќа и напор сепак пристигнал. Таму го пречекал главниот свештеник при што му рекол дека е тој син божји и дека смртта на Филип е целосно одмаздена. Кога Александар го чул ова му принел жртва на Амон и тргнал кон Тир. Иако Александар го прашал свештеникот и за тоа каков ќе биде успехот на походот, сепак никому не му го кажал одговорот на ова прашање.

Во пролетта 331 година пне, Александар се вратил во Тир кадешто поставил македонски сатрап на Сирија, а исто така и се подготвил за напредување во Месопотамија. Со походот во Египет тој го освоил целиот источен медитерански брег.

Битката кај Гавгамела

Во јули 331 година пне, Александар пристигнал во Тапсакус на Еуфрат. Наместо да продолжи походот по течението на Еуфрат до Вавилон тој отишол во северна Месопотамија пред реката Тигар. Кога Дариј слушнал за ова се подготвил и со милионска војска тргнал да му се спротивстави.

Додека Александар со Аристандар принесувале жртва на богот Фобос, Персијците поставиле логор во нивна близина, од каде што во секој миг биле подготвени за напад. Иако Македонците во тоа време се одморале, тие сепак ги забележале непријателите кои својот камп го осветлувале со фаќели. Уплашен од ова Парменион, а и останатите Македонци го молеле и советувале Александар што побрзо да тргнат во напад и тоа ноќе затоа што не верувале дека дење ќе успеат да го победат помногубројниот непријател. Александар пак не ги послушал и уште им рекол дека тој не ја краде победата, затоа што доколку Дариј ја изгуби битката тој сета вина ќе ја префрли на темнината. По ова Александар си легнал и сета ноќ ја минал во длабок сон. Кога Парминион, во утринските часови едвај успеал да го разбудил го запрашал како може толку убаво да спие, небаре победиле, а Александар самоуверено му одговорил дека доволна победа е тоа што нема да мора повеќе да го бркаат Дариј.

Оваа битка се одиграла кај Гавгамела кон крајот на септември и почетокот на октомври истата година. Уште на почетокот војската на Александар успеала да натера еден дел од персијската во бегство. Дариј бил во средината на својата војска обиколен од коњаница составена главно од благородници. Бидејки непријателската војска се доближувала до него, а гледајки како неговата војска гине под тркалата, Дариј се уплашил и неможејки да ја сврти својата кочија, јавнал една кобила и со неа побегнал. Александар тргнал со дел од војската да го гони, но бидејки некои Персијци сеуште не побегнале и се бореле со Парменион кој не можел да ги совлада, Александар се откажал од ова и тргнал да му помогне.

Откако ги победил петпати побројните Персијци, Александар ги бркал цели 35 милји се до Арабела, но сепак не успеал да го фати Дариј кој побегнал во Медија. Оваа битка ја означила пропаста на Персиската држава.

Освојувањето на Вавилонија, Персида и Медија

По ова во истата година, Александар го окупирал градот Вавилон, а и целата провинција Вавилонийа. Мазеј кој се борел од страната на Дариј во битката кај Гавгамела, мудро се предал и бил поставен за сатрап, но воената власт била под македонски командант. На Мазеј дури и му било дозволено да кова пари. Александар останал таму еден месец, а потоа отишол во главниот град на Елам Суса, којшто веќе бил покорен од Филоксен.

Во овој град биле запленети 50 000 златни таланти. По ова тргнале кон исток и поминале преку планината Заргос и со помош на еден сатрап навлегле во Персида. Иако теренот бил обраснат со шума војската на Александар сепак ги освоила Персеполис и Пасаргада во покраината Персида во 331 година пне. Во Персеполис заплениле околу 50 000 таланти, а за превоз на останатите запленети предмети употребиле 10 000 маски и 5 000 камили.

Еднаш Александар присуствувал на една пијанка и наговорен од Таида, а и малку поднапиен во знак на одмаздата врз Ксеркс којшто некогаш ја запалил Атина, ја запалил неговата палата. Како и да е тој набргу се покајал и палатата била изгасната.

Во пролетта 330 походот продолжил кон север, кон Медија, при што бил окупиран и главниот град Ектабана. Пред да ја продолъи потрагата по Дариј, богатството му го доверил на Харпал, кого го наименувал за главен ризничар во Ектабана.

Бидейки Александар бил дарежлив и ги опсипувал војниците со разни нешта, тие станале мрзеливи и наместо да се борат повеќе сакале да уживаат во раскошниот живот. Ова многу го налутило Александар и покрај тоа што многу ги советувал за ова и со самопожртвуваност и челичење на своето тело им докажувал дека е поважно да се биде силен одошто да се живее во раскош затоа што и Персија ја освоиле на тој начин, а Персијците пак загубиле затоа што премногу му се препуштиле на раскошот кој им напакостил.
Кога Александар слушнал дека Бесо го заробил Дариј Тесалијците и останатиот дел од војската на Елинските држави ги пратил назад во Елада со што почнал да води лична војна. Со назначувањето на Мазеј за сатрап тој ја изменил филозофијата за својата држава и сега ја базирал врз еднаквоста на сите луѓе.

Потрагата по Дариј била мачна и исцрпувачка. За единаесет дни Александар со дел од својата македонска војска морал да помине околу 3 300 километри. Неговата војска, а и тој самиот биле преморени од патот и од сувото време. Кога некои патници му понудиле вода тој одбил затоа што така ќе им го скршел моралот на другите војници.

Конечно на видикот се појавила Персиска војска. Тие биле убедени дека со нив е и Дариј, но додека Александар и останатите од неговата придружба ги бркале Персијците, Полистрат го забележал него како лежи во една кола целиот прободен со стрели. Откако се напил вода и откако се созел, ми рекол на Полистрат дека поголема несреќа од оваа не можела да го снајде оти не ќе може да му се заблагодари на Александар за добротата што ја покажал кон неговото семејство и пред да дојде Александар испуштил душа.
Кога Александар стигнал до мртвото тело на Дариј го покрил, а потоа ја викнал мајка му и брат му Ексатар, кој му станал доживотен пријател, и величествен закоп му направил.
Со смртта на Дариј, Александар се прогласил за господар на Азија т.е. на Персија во 330 година пне.

Походот кон централна Азија

Откако Александар седнал на Дариевиот престол својот поход го продолъил кон централна Азија. Поголемиот дел од војската го оставил, а со себе зел 20 000 војници пешадија и 3 000 коњаника. Тој поминал низ планината Елбурз и стигнал до брегот на Каспиското езеро каде ги освоиле градовите Задракарта и Хирканија. Овде му се предале група од сатрапи и персиски благородници.
Во овие краишта некои варвари ги нападнале Александравите луѓе и меѓу другото го украле неговиот коњ Букефал. Кога Александар разбрал за ова се разбеснил и се заканил дека ќе ги испотепа сите сосе жени и деца но набргу се смирил откако Букефал му бил вратен.
По ова продолжил низ Партија кон запад и ги покорил Маердите, планински луѓе кои живееле на планината Елбурз, а во Ариа ги покорил Сатибарзаните и ја изградил Арианска Александрија.

Потоа Александар тргнал јужно и ја покорил и Фрага во Дрангиана, но таму повеќе несреќи одошто радост ги снашле Македонците. Филиота бил најомилен кај Македонците по Александар. Исто како и неговиот крал така и тој ги опсипувал луѓето со подароци што не доликувало на обичен човек. Кога Александровата армија ја освоила Киликија, Филота задржал за себе една убава девојка по име Антигона. Тој често го минувал времето со неа и постојано и се фалел дека сите места што Македонците ги освоиле се по негова заслуга и по заслуга на неговиот татко Парменион и при тоа го навредувал Александар нарекувајки го копиле. Александар дознал за ова и иако имал доволно докази против него сепак ништо не презел но на Антигона и наредил да го известува за се.

Некој Македонец по име Лимно ковал заговор против Александар и сакал да придобие некое момче да му биде соучесник, но тоа не само што не сакало туку и веднаш отишло да го извести Александар за ова. Откако побарал Филота да му каже на Александар дека сака да го извести за нешто и откако овој повеќе пати го одбил, момчето се посомневало во него и преку друг Александров пријател било примено кај него. Откако го известил кралот дека Лимно кова заговор против него, уште и му го кажал однесувањето на Филота.
Веднаш по ова Александар пратил некој војник да го фати Лимно но бидејки тој се бранел бил убиен. Александар не бил задоволен од ова оти не можел да докаже дека и Филота учествувал во заговорот, но разгневената војска сепак го фатила Филота и откако го осудила тој бил убиен. Александар пак веднаш пратил свои луѓе во Медија со наредба да го убијат Парменион.

Од Фрага во зимата 330-329 година пне, Александар ја поминал реката Хелманд, преку Арахосија стигнал во Паропамисад која ја покорил и во неа основал уште еден град Александрија.

За ова време Бесо престојувал во Бактрија каде сакал да крене востание против Александар и си го присвоил називот голем крал. Бидејки македонската армија немала доволно храна се насочиле кон Драпаска. Бесо се дал во бегство кога чул за ова и отишол дури зад Оксус. Македонците продолжиле и понатаму кон запад до Бактрија и Ариа каде што наименувале верни сатрапи. Генералот Птоломеј бил пратен да го гони Бесо и откако го фатил го однел во Бактрија и според персиските обичаи му биле исечени обете уши и носот а потоа бил расчеречен меѓу две стебла во Ектабана.

Од Мараканда, Александар ги освоил сите места се до Кирополис, а ја поминал и реката Орексарта каде што ги победил Скитските номади со употреба на катапулти па потоа ги бркал стотина километри.

За време на престојот во Мараканда се случил уште еден немил настан. На една пијанка некои Македонци почнале да пеат песни со кои ги исмејувале Македонците кои пред неколку дни претрпеле пораз од Персијците. На ова најмногу се налутил Клито многу близок Александров пријател, но откако кралот му рекол дека не треба да се лути затоа што и тој е страшливец во борбата, Клито пламнал од гнев и почнал и нему да му вика дека ако тој не бил, Спитридат уште на Хиронеја ќе му ја скинел главата по што Александар што пийан, а што навреден го зел копјето и во градите го прободел својот пријател. Откако увидел што сторил го извлекол копјето од мртвото тело и го свртел кон себе да се убие, но пријателите го спречиле во ова.

Во меѓувреме Спитаменес ја кренал цела Согдиана во буна против него. Александар ги покорил во есента 328 година пне и го продолжил походот. Подоцна истата година го нападнал Оксиарт и останатите барони кои се биле сокриле во ридиштата во Параетацен. Александар бргу ги ставил под своја власт, а во знак на смирување во 327 година пне се оженил со ќерката на Оксиарт, Роксана, а и некои други Македонци се ожениле со тамошни девојки.

По ова Александровата армија се упатила кон Бактрија каде тој и јавно почнал да носи персиска кралска облека. Овде тој почнал да се третира премногу како бог што на Македонците не им се допаднало, а и Калистен одбил да му се покорува. Подоцна Калистен бил убиен или умрел во затвор, бидејки бил обвинет дека поттикнал три момчиња да го убијат Александар.

Набргу потоа Демарат дошол да го посети Александар и кога го видел многу се израдувал што рекол дека од голема радост се лишени Елините кои умреле пред да го видат Александар како седи на Дариевиот престол. Некој ден по ова стариот Демарат починал, а Александар толку многу се растажил што наредил да му се направи огромна могила.

Инвазијата врз Индија

Во раното лето во 327 година, Александар ја напуштил Бактрија и со засилена армија се упатил кон Индија. Тие поминале низ Хинду Куш, а потоа дел од неговата армија командувана од Пердика и Хефестион поминала низ преминот Кубер, а Александар се упатил кон северните планини. Тој брзо напредувал и откако го освоил Аорнос тргнал кон Сват и Кандахара кои што исто така за кратко време ги освоил.

Во пролетта 326 година пне влегле во Таксилија и се соочиле со нејзиниот владетел Таксил. Место војска таму ги пречекал кралот лично и откако се поздравил со Александар му рекол дека нема потреба да се бори со него затоа што ако има повеќе леб ќе го подели со него, а ако не нема да се срами да прими. Кога го слушнал ова Александар се изненадил и му рекол дека и покрај мудрите зборови тој сепак нема да помине без битка туку ќе се натпреварува со него во правење добри дела и му подарил 100 000 таланти со што ја добил битката.

По ова Александар се соочил со многу повоинствениот владетел Пор. Бидејки непријателската армија била на спротивната страна на реката Хидасп, Александар зел дел од својата пешадија и најдобрата коњаница и тргнал по течението на реката. Бидејки ноќното небо било многу облачно и почнало да врне и да трештат молњи, преминувањето на Хидасп не било многу лесно, а некои војници пак загинале од молњите. Откако ја преминале реката, Александар со својата коњаница се оддалечил дваесетина километри од пешадијата, а кога слушнал за ова Пор веднаш го нападнал.

Битката траела десет часа, но на крајот Александар сепак победил. Непријателот ја имал таа предност што кога ќе почувствувал опасност можел да се скрие на средината на слонот, а Поровиот слон бил толку умен што и точ самиот се борел против Македонците.
Откако го заробил Пор, Александар го поставил за негов сатрап на земјата со која владеел, а згора на тоа под негова власт му се додале и уште неколку градови. На другите места за сатрап бил поставен Филип.

Во Индија, македонската војска претрпела големи загуби. За разлика од Персија кадешто угнетуваните луѓе го дочекувале Александар како ослободител, во Индија слободољубивиот народ дал силен отпор.

Во јуни истата година Александар ја извојувал својата последна голема победа на левиот брег на реката Хидасп. Таму му умрел коњот Букефал, којшто бил многу стар 30 години. Набргу потоа Александар изградил град и во негова чест го нарекол Букефалија. Подоцна кога му пцовисало и кучето Перита изградил град и во негова чест, а за да ја означи оваа победа го изградил градот Никеја.

Враќањето назад

Македонската војска била исцрпена од оваа битка, а и од долгото лутање по непознатите краишта и преку Коен побарала да се вратат назад. Александар се почувствувал изневерен и многу се натажил оти нема да може да продолжи понатаму, но сепак ја почитувал нивната желба.

Пред враќање Александар наредил во Хифас да се изградат 12 олтари за дванаесетте Олимписки богови, а на Хидасп биле изградени од 800 до 1 000 бродови. На враќањето назад Македонците се движеле по Петоречието со бродови, а половина од војската по крајбрежјето. Ниту ова патување не било без борба. Тие по пат покорувале многу градови но кога стигнале во градот на Малијците на брегот на реката Хидраот, Александар само што не ја загубил главата. Кога тој почнал да се качува по скалата за да влезе во тврдината таа се скршила и тој паднал на земја каде што собрани биле многу Малијци. Тие почнале да го рануваат Александар со копјата, а потоа една стрела го погодила и му го пробила оклопот. Сепак со крајни напори на неговите пријатели и лекарите, Александар успеал да преживее.

Пловидбата низ петоречието траела седум месеци. Кога пристигнале во Патала, Македонската војска се поделила на два дела; Едниот дел бил командуван од Неарх и се движел по Индиското море, а другиот во кој бил и Александар се движел по копно.
Во земјата на Ориѓаните, Александровата војска ја снашла голема несреќа. Сиромашната храна и болестите биле причина за смрта на многу војници, така што од војската не останала ниту една четвртина. Во септември 325 год пне Александар поминал низ Гедросија. Таму војската се одморила и добила храна во изобилие за што се погрижиле околните сатрапи. Потоа се упатил за Карманија и истата ја минал за седум дни. Таму во Александрија се сретнал и со Неарх кој му кажал дека и тој претрпел загуби. Александар сакал дури и да продолжи со него, но поради немирите во покраините до тоа не дошло.

Консолидирање на империјата

Поради тоа што многу сатрапи со одметнале од Александровата власт, бидејки наслушнале дека тој нема да се врати, Александар не му се придружил на Неарх, туку патувал по копно. Во периодот помеѓу 326 и 324 година пне, една третина од сатрапите биле сменети, а шестмина биле убиени. Тој дознал и дека Кировиот гроб бил раскопан и наредил да се фатат виновниците и да се напише: "О човеку кој и да си и од каде и да си - зошто ќе дојдеш, тоа го знам - Јас сум Кир, кој на Персијците им извојував власт затоа не земај ми го ова парче земја, кое го покрива моето тело." Овие зборови оставиле длабок печат кај Александар за тоа што тој сфатил дека се е минливо.
Во пролетта 324 година пне, тој се вратил во Суса. По пат организирал натпревар во пиење, но за несреќа и оној кој победил, а и мнозина други се разболеле од треска и набргу умреле. Таму тој дознал дека Харпал побегнал со неговите пари во Грција. Подоцна Харпал бил уапсен во Атина, но побегнал во Крит кадешто загинал.

Во Суса Александар организирал свадба за изедначување на победниците и покорените народи при што 10 000 Македонски војници се ожениле со Персиски девојки, а Александар се оженил со Дариевата ќерка Статира. Овој настан бил наречен "Свадба на Европа со Азија". Со ова јасно се покажува дека Александар сакал да изгради светска држава на рамноправни народи.

Политиката на изедначување на народите не предизвикала воодушевување кај Македонците но затоа Персиците многу го ценеле ова. Тој во својата војска зел 30 000 персијски момчиња кои ја изучувале Елинската култура и начинот на војување, а кога стигнале во Опис голем дел од Македонската војска бил пратен назад во родните краишта. Ова уште повеќе ги разгневило Македонците што тие почнале многу да го критикуваат.

Овде била организирана и прослава за одбележување на крајот на Македонско-персиските несогласувања во која присуствувале 9 000 гости. Бидејки Александар се разжалостил кога видел дека неговите Македонци се почуствувале навредени и запоставени им дал богати дарови и ги испратил на што и самите тие биле задоволни. 10 000 ветерани заминале во Македонија.
Александар сакал да го замени Антипатер со Кратер, но тој умрел пред ова да се случи. Во есента 324 година пне во Ектабана, умрел и неговиот друг пријател Хефестион. Тој него многу го почитувал и затоа му направил величествен закоп во Вавилон кој чинел 10 000 таланти и наредил да му се принесуваат жртви. Како жртва за Хефестион, во зимата 324 година пне Александар убил мнозина луѓе од племето Косејци.

Кога Александар се движел накај Вавилон во пролетта 323 година пне, на реката Еуфрат го пристигнал Неарх кој му рекол дека сретнал некои Халдејци кои му порачале да му каже на кралот да не оди во Вавилон. Александар на ова не обрнал големо внимание.

Смртта на Александар

Александар во главниот град на својата огромна империја, Вавилон почувствувал дека е опкружен со непријатели, а најмногу се плашел од синовите на Антипатер: Јол и Касандар. Овде присуствувал на многу пиенки што придонело тој да се разболе. Десет дена подоцна во приквечерието на 13 јуни 323 година пне, во својата 33 година од својот живот, Александар починал. Целата Македонска војска тогаш поминала покрај мртвото тело на својот голем војсководец.

Во тоа време се појавил и сомнеж дека Александар бил отруен, такашто мајка му Олимпија наредила да се убијат мнозина. Најголем сомнеж паднал на Јол за којшто се мислело дека го подготвил отровот. Во истрагата за ова пет години подоцна биле откопани неговите останки. Некои пак тврделе дека зад сево ова стои Аристотел којшто го набавил отровот, па преку Антипатар стигнал до Јол.
Кога Александар умрел, Роксана носела негов син и била особено почитувана, а неговата друга жена Статира била убиена токму од неа.

Империјата по Александровата смрт

По Александровата смрт бидејки тој не оставил возрасен наследник веднаш започнала борба за власт која траела дваесетина години. Неговите генерали ги посиниле малоумниот син на Филип II, Аридеј и постхумниот син на Александар III од Роксана, Александар IV, и помеѓу себе ја поделиле империјата на повеќе сатрапии со кои што владееле.

На чело на Александровата империјата застанал Пердика како регент наместо двајцата наследници, но со не многу дефинирана позиција. Во 322 година тој бил убиен. По ова на чело на империјата застанал Антипатер.

319 година пне, по смртта на Антипатер, од неговиот наследник за нов регент наместо Александар IV била повикана неговата баба Олимпија. Таа оваа функција ја извршувала се до 317 година пне кога од Касандар за нов крал на Македонија бил поставен Аридеј. По ова Олимпија го убила Аридеј, неговата сопруга и братот на Касандар. Како одговор на ова Касандар ја пресретнал Олимпија во Пидна во 316 година пне и била осудена на смрт од неговите војници. Империјата била силно разбранувана и како таква не можела да опстои. Во 310/309 година пне бил убиен и Александар IV, а и неговата мајка Роксана.

Иако наследниците биле убиени Касандар сепак станал крал на Македонија дури во 305 година пне, а владеел се до 297 година пне. По смртта на Касандар Македонија влегла во граѓанска војна.

Aleksandar_Stevanov_copy

 

 

 

 

 

 

Александар Стеванов

 

На прво место

News image

Источен Петок – Балаклија: Празник на водата, верата и надежта

Источниот Петок, познат меѓу народот како Балаклија, е еден од најзначајните празници што се одбел...

Иселеници

Култура и туризам

News image

Источен Петок – Балаклија

Првиот петок по Велигден се вика Источен Петок Балаклија. Тој спаѓа во Светлата недела поради што не...

Фељтон

News image

УНГАРИЈА - ВТОРАТА ТАТКОВИНА НА ЛЕФТЕР МАНЧЕ (11)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.