|
|
| Ако Македонија стане автономна, таму нема да постојат ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци |
|
Бугарскиот министер Иван Шишманов во разговор со францускиот публицист Гастон Рутие во 1903г. Постојат историски сведоштва за изјава на бугарскиот министер Иван Шишманов во разговор со францускиот публицист Гастон Рутие, автор на книгата La Question Macèdonienne во 1903 г. Во 1903 година, во еден разговор што денес звучи речиси пророчки како да ја кажал Нострадамус. Бугарскиот министер Иван Шишманов му вели на Рутие: „По десет години, ако Македонија стане автономна, таму нема да постојат ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци – ќе постојат само Македонци,…“ Оваа реченица не ја изговорил македонски револуционер, ниту „пропагандист“, туку бугарски министер, интелектуалец и државник и тоа во 1903 година. Токму затоа таа и денес боли. Не затоа што е навредлива, туку затоа што е точна. Шишманов јасно ја разбирал непријатната вистина: -Автономна Македонија значи крај на туѓите национални проекции. -Значи крај на бугарскиот, српскиот и грчкиот инженеринг, -Значи раѓање на нешто што веќе постои, -Македонски народ со сопствени интереси, економија, политика и визија за иднината на Македонија. Ете затоа Македонија никогаш не смееше да биде автономна. Парадоксот е суров. Уште на почетокот на XX век, дел од бугарската политичка елита знаела дека македонскиот идентитет не е вештачки производ, туку природен историски исход. Знаела дека, ако на луѓето им се даде простор да дишат без туторство, тие нема да се нарекуваат ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци, туку Македонци. И токму тоа сознание ја објаснува жестокоста со која македонскиот идентитет подоцна се негираше и сè уште се негира, ден денес, во летото господово 2026. Историјата понекогаш е цинична. Тие што најрано ја препознаа македонската посебност, денес се најгласни во нејзиното оспорување. Од Шишманов до современите политички ултиматуми, линијата е јасна: стравот не е од минатото, туку од иднината. Стравот дека Македонија, ако конечно биде оставена на мир, ќе престане да биде „прашање“ и ќе стане одговор. Денес, повеќе од еден век подоцна, Македонија, на дел од својата територија е држава, но суштински сè уште се третира како експеримент. Како проект што постојано треба да се докажува, да се преименува, да се објаснува и да се коригира. Како да не е доволно тоа што уште во 1903 година еден бугарски министер јасно кажал што ќе се случи ако Македонците добијат шанса. И ете се случи! Постоењето на македонскиот народ не е историска грешка, туку историска неминовност. Проблемот не е што Македонија постои, туку што предолго беше спречувана да ја биде! А изјавата на Шишманов останува нем, но моќен сведок дека вистината за Македонија одамна е позната, само не им одговара на сите. А кога вистината не им одговара на моќните, тогаш таа најчесто се нарекува „спор“. |


























