|
|
| Премиерот Груевски во посета на општина Пустец, во соседна Албанија |
|
Премиерот Никола Груевски 8-ми септември Денот на независноста на Република Македонија го прослави заедно со Македонците од Мала Преспа во соседна Албанија каде денеска во општината Пустец се одржа голем народен собир.
- Ви честитам на вашата истрајност во негувањето и афирмацијата на македонската посебност и македонскиот национален дух кој остана во сечие срце и во сечии мисли цврсто да го држи македонскиот народ исправен и горд помеѓу сите други народи, да се знае и да се распознава, истакна претседателот на македонската Влада пред насобраниот народ во Пустец. За време на престојот во соседна Албанија премиерот Груевски ги потврди добрососедските односи со таа држава. - Република Македонија и Република Албанија негуваат и градат пријателски односи на соработка базирана на обострано почитување. И во тој дух низ едно партнерство и уважување на граѓаните се трудиме да постигнеме повисок степен во задоволувањето на сите потреби. Вие сте еден значаен мост на пријателство помеѓу двете земји и вредност која дава придонес во разивањето на добрососедските односи, како и во градењето на демократијата во државата во која живеење, посочи Груевски пред присутните меѓу кои беа и Македонци од Голо Брдо, Гора, Врбник и други места каде што живеат Македонци во Албанија. За време на престојот во Пустец, премиерот Груевски беше придружуван од градоначалникот Едмонд Темелко со кого разговараа за понатамошната поддршка и помош од Владата на Република Македонија на таа општина. - И благодарам на македонската Влада што оваа година овозможи 40 студентски стипендии за младите од Пустец, но и за другата континуирана поддршка што ни ја дава. Во наредниот период очекувам и Владата на Република Албанија да даде конкретна помош пред се за решавање на инфраструктурните проблеми бидејќи Македонците во Голо Брдо и Гора освен што немаат никакви патишта, немаат ниту вода за пиење. Исто така очекувам еднакви права за сите Македонци во Албанија настава на македонски јазик и друга помош, истакна Темелко. Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и градоначалникот на Општина Пустец Едмонд Темелко во Пустец ја посетија црквата „Св. Архангел Михаил“ и го проследија седмото издание на Македонскиот фолклорен фестивал „Преспа 2010“. |




























