Среда, 20 Мај 2020   
ПОЕТСКАТА ПРИКАЗНА ЗА РАДА КРСТЕВСКА – ВИДИНОВСКА (5)

9.6

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – КАНАДА

Рада Крстевска – Видиновска е Канаѓанка од македонско потекло, родена во селото Живојно, Мариовско, а мажена за Борче Видиновски од Крстоар, Битолско. Рано ја напуштила својата родна земја – Македонија, меѓутоа, спомените, мечтите, мислата, љубовта и патриотскиот дух кон татковината и својот народ не ја напуштиле

Инаку, селото Крстоар, кое е едно од најкарактеристичните места е сместено во падините на Баба Планина,  свртено кон Пелагонија. Тоа има прекрасна местоположба и климатски услови за одмор и живеење и како едно од најблиските населби на Битола, го вбројуваат меѓу најхристијанските села во тој регион. Крстоар е убаво село кое пленува со своите стари архитектонски  градби, со дворовите, чардаците, панорамата и живописната околина.

Рада и Борче Видиновски сe дел од многуте печалбари од подпелистерските краишта, за кои судбината  била сурова и оставила вековни последици и лузни врз животот на иселениците. Во таа печалбарска сага, секако свое посебно место имаат нивните родни села Живојно, каде Рада е родена на 15 јули 1944 година и Крстоар, родното место на Видиновци, заедно се тесно поврзани со историскиот и општествениот развој на Битолскиот регион, Македонија и македонскиот народ и со иселеништвото во целина.

Треба да се нагласи дека Рада Видиновска е современ македонски писател, поет, есеист раскажувач. И покрај тоа што живее во Торонто, постојано копнее, пее се радува и тагува за родната Македонија.

Во Торонто активно се вклучила во македонските иселенички организации и црковни општини. Била член на управата на МПЦ „Свети Климент Охридски“, член на културниот комитет,  како и претседател на женската секција при црквата „Свети Климент Охридски“, претседател на женската секција при организацијата „Обединети Македонци“ и претседател на Литературното друштвото „Браќа Миладиновци“, во Торонто. Повеќе години била учесник на Меѓународната манифестација „Струшки вечери на поезијата“, за по покана на Управниот одбор на (СВП), таа е застапена во изборот „Кој е Кој“ на светските поети. 

9.7 9.8 9.9

Кога се пишува за поетската приказна за Рада Видиновска треба да се каже дека за неа поезијата, всушност, е нејзин живот. Во нејзините илјадници стихови, се испреплетени нејзините две татковини, Македонија и Канада. Затоа поетските дела што таа ги напишала претставуваат убав пример и патоказ на една честита и трудољубива канадска Македонка, на која татковините ѝ се’: и радост и тага и восхит.

 Економските причини, или идејата за подобар живот го натерало семејството Видиновски за замине за Канада. Така, во 1970 година, со своето семејство ја напуштила Македонија и емигрирала во Торонто, каде активно се вклучила во македонските иселенички организации и црковни општини.

Во Канада, Рада Видиновска стана македонски иселенички писател, поет, есеист и раскажувач. Затоа, може да се рече дека во нејзиниот творечки  светоглед, во нејзините  поетски рамки и преку нејзините дела се проектира македонската иселеничка историја. Таа е личност за почит и пример од кој можат и треба да се огледаат и други Македонци во двете татковини, Канада и Македонија.

 Свои стихови објавувала во: „Обединети Македонци“, „Македонија“, „Македонски вести“, „Вечер“, „Време“, во списанијата „Македонија“, „Современост“, „Жена“, „Стожер“, „Битолски весник“ и др. Таа е меѓу најактивните членови во Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ како и во македонската заедница во Торонто, Канада и една од најголемите поетеси од македонската дијаспора.

Рада Видиновска е автор на поетските книги: „Бисерни капки од Нијагара“ (1992), „Молњи во окото“ (1993), „Белези за душата“ (1993), „Скришни огледала“ (1995), „Отворени порти“ (1999), „Траги по коренот“ (2005), „Жена на брегот на океанот“ (2007), „Харфа“ (2007), „Göç Kuşu“ на турски јазик (2008), превод Есад Бајрам, „Бисери и кавали“ (2009), „Трендафилот од Живојно“ (2010), „Огниште“ (2012), „Мајка Македонија“ (2013) и „Поезијата -  мојот живот“ (2018).

Таа е прв лауреат на наградата „Иселеничка грамота“ 1992 година, што за првпат Матицата на иселениците од Македонија ја додели на Струшките вечери на поезијата за најдобар поет од дијаспората.

Затоа, со право се вели дека за Рада Видиновска е карактеристична 1992 година. Таа е година кога Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ го прослави петгодишниот јубилеј од неговото постоење. Покрај јубилет на Друштвото посебен белег на вечерта на прославата остави претставувањето на првата звирка песни на Рада Видиновска под наслов „Бисерни капки од Нијагара“.

Песните што се објавени во оваа стихозбирка се прва покомплетна објава на поетесата Рада Видиновска, независно што и претходно таа била присутна во одделни книжевни гласила во татковината и во Канада. Во првата нејзина книга се собрани повеќето нејзини досегашни напишани песни од кои не е тешко да се заклучи дека станува збор за една автентична поетска мисла и оригинална идеја.

1.0.0 

Манастирот Христофор кај Крстоар 

Поетесата Рада Видиновска стана првиот носител на „Иселеничката грамота“, награда што на Струшките вечери на поезијата за првпат ја додели Матицата на иселениците од Македонија. Оваа награда ѝ беше доделена на Рада Видиновска за нејзиниот севкупен поетски опис во стихозбирката „Бисерни капки на Нијагара“.

Со добивањето на високото иселеничко признание и настапот на 30. Струшки вечери на поезијата во 1992 година, Рада и Борче беа гости на Меѓународниот поетски митинг во Куршумли ан како завршна приредба на оваа меѓународна манифестација. На завршната средбата настапија повеќето од учесниците на „Струшките вечери на поезијата“, меѓу кои имаше настап и поетесата Рада Видиновска од Канада. Тоа беше можност скопската публика да ги слушне и доживее поетските гласови на повеќе поети од Македонија и од бројни земји во светот.

Активностите за Рада Видиновска по „Струшките вечери на поезијата“ продолжија со  промоцијата на  нејзината стихозбирка „Бисерни капки од Нијагара“, која се одржа и во Битола, а е издание на Книгоиздателството „Везилка“ и Литературниот клуб „Стале Попов“, чиј рецензент е писателот Анте Поповски. Промоцијата се оджа во кафеаната „Гемиџиите“, во присуство на поголем број гости. Во присуство на Рада и Борче Видиновски и нивни пријатели, книгата ја промовираше поетот Илија Мерковски.

1.0.1 

Дел од активностите во „Св. Климент“

И во наредната 1993 година, Рада Видиновска учествуваше на „Струшките вечери на поезијата“ како претставник на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ од Торонто. Тоа беше нејзино трето учество на поетските вечери во Струга, а учествуваше и на други литературни претстави во повеќе градови во Македонија.

Исто така, од активностите на поетесата Рада во Канада треба да се нагласи дека во 1994 година таа учествуваше на Комитската вечер што ја организраше Комитетот на ВНРО-ДПМНЕ за Торонто и Канада. Вечерта се одржа во просториите на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“. На оваа Комитска вечер  како претставник на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ со свои песни  од збирките „Молњи во окото“ и  „Белези на душата“ настапи  поетесата Рада Видиновска.

Инаку, Рада Видиновска е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1994 година и член на Медитеранската академија „Браќа Миладиновци“ од Струга. Преведена е на повеќе јазици. Застапена е во повеќе антологиски извори од дијаспората и во Македонија, како и  во антологијата „Сто македонски кратки раскази“, како раскажувач (издавач „Феникс“ – Скопје, (2009). Застапена е во книгата избрани есеи „Година на есејот“ објавена во 2010 година. Добитник е на наградата „Книга на годината“ за „Бисери и кавалот“ на Медитеранската академија „Браќа Миладиновци“.

Исто така, Рада Видиновска во 2018 година стана добитник  на признанието „Златен клас за македонски вознес“ на Пелагониските културно-научни средби во Новаци. Ова високо признание се доделува на познати автори кои со своето творештво го афирмираат македонскиот јазик и култура во странство.

Поетските дела на Рада Видиновска се промовирани на многу места во Република Македонија и на северноамериканскиот континент. Тоа придонело  таа да биде избрана за прв лауреат на наградата „Иселеничка грамота“ во 1992 година, што за првпат Матицата на иселениците од Македонија ја додели на „Струшките вечери на поезијата“ за најдобар поет од дијаспората.

Затоа, со право може да се каже дека со нејзините поетски видувања Рада Видиновска настојува да навлезе во суштината на македонското и канадското живеење, на иселеничката вистина, слобода, иднина... Оттука и сознанието дека при читањето  на нејзините дела, низ стиховите, пораките и поетската имагинација, нѐ прави побогати за уште едно ново и продлабочено видување на авторовото пренесување на земјата и народот на кој им припаѓа Рада Видиновска, која е горда што се чувствува како канадска Македонка или македонска Канаѓанка.

Продолжува

 KatS

Пишува: СЛАВЕ КАТИН 

 

На прво место

News image

Мицкоски: Гласајте за нас нема да ве изневериме

Дел од обраќањето на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Охрид

Историја

News image

Титовите слуги измислуваат македонски национализам

На 18 јули о. г. сите дневни весници од Југославија донесоа подолги извештаи од заседанието на Секре...

Култура и туризам

News image

Верувања од Разлошко

Градба на куќа Кога се започнува да се копа темел за градење нова куќа, обично, се почнува со работ...

Фељтон

News image

ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО САД И ВО КАНАДА – (ДЕЛ II) (28)

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА АТАНАС БЛИЗНАКОВ ВО МОНОГРАФИИТЕ НА СЛАВЕ КАТИН

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.