Среда, 28 Септември 2011    PDF Печати Е-пошта
Реч на Исаија Мажевски на парабродот „Рицар“

Tihomir_Karanfilov
Тихомир Каранфилов

Потчинетите народи на Балканот во 70-тите години на XIX век навлегуваат во фазата на националнореволуционерните борби, како резултат на се позаострените социјални, национални и политички односи произлезени од зависноста на Османската империја од западните земји. Во овој период европскиот дел на Османската империја е изложен на внатрешни немири и побуни на поробените народи, кои со силата на оружјето се борат да се ослободат од вековното турско ропство. Незадоволството на поробените балкански народи се изразило во масовни востанија: 1875 година во Босна и Херцеговина, 1876 година во Бугарија. Исто така, Србија и Црна Гора, под притисок на Босанското востание, влегле во војна со Османската империја.

Македонскиот народ, кој се наоѓал во центарот на Османската империја најостро го чуствува  економскиот и политичкиот терор на турската држава. Неподносливите услови за живеење ќе предизвикаат подготовки на македонскиот народ за вооружено пресметување со туѓото ропство. Во тој поглед посебно се истакнуваат учителите Арсени Костенцев и Михаил Ковачев од Штип, Иван Хаџи Николов од Кукуш, Димитар Поп-Георгиев од Берово, Стојан Везенков од Крушево, Исаија Радев Мажовски од Лазарополе  и други.

Иако подготовките за востание зафатило голем дел од Македонија, поради низа околности не се резултирало со општо сенародно востание на македонскиот народ. Поединечните востанија како што се Разловечкото во 1876 и Кресненското во 1878 година, и покрај покажаната храброст на македонскиот народ набргу биле ликвидирани.

За да ги заштитат своите интереси, големи европски сили вршат притисок врз Османската империја за воведување на реформи за поробените народи. На Конференцијата одржана на 22 декември 1876 година во Цариград, на која учествувале Англија, Русија, Австро-Унгарија, Германија, Франција и Италија, за да се избегнат поголеми воени судири и работите да се решаат по мирен пат, се предложило османската влада да воведе административна автономија во Босна и Херцеговина, Бугарија и Македонија да бидат под контрола на големите сили, а на Србија и Црна Гора да им се даде извесно територијално проширување на сметка на Османската држава.

Меѓутоа, Турција ги одбила овие предлози. За да го олабави меѓународниот притисок  на 23 декември 1876 година, таа воведува уставно управување во земјата, а со тоа ја прогласила за беспредметна натамошната работа на Цариградската конференција. Набрзо на дело се покажува дека сето тоа е обичен политички маневар. Иако биле одржани парламентарни избори и формиран дводомен парламент, во кој бил избран битолскиот трговец Димитар Робев, и во сенатот  Георги Чакаров од Струга, оваа нова институција останала без никакво влијание, па истата  во март 1878 година била укината.

Ваквата состојба ќе ја предизвика Русија која на 23 април 1877 година објавува војна на Османската империја, а кон која веднаш се придружиле Србија и Црна Гора. Во војната Османската империја доживеала целосен војнички пораз и на 3 март 1878 година, Русија и Турција потпишуваат мир во Сан-Стефано.  Со потпишувањето на Санстефанскиот договор, балканските територии на Османската империја биле сериозно намалени. Со овој договор Србија, Црна Гора и Романија, територијално се проширени и се прогласени за независни. Во Босна и Херцеговина се воведуваат реформи, а за Крит и Тесалија се воведува Органски устав.

Најважната одлука на потпишаниот мир во Сан-Стефано е одлуката за создавање на автономна бугарска држава во чии граници влегувале и територии надвор од неа: Врањскиот округ од Србија, Корча од Албанија и цела Македонија. Во настојувањето да го осигури руското влијание на Балканот и на Средоземното Море со создавањето на Бугарија, царска Русија не водел сметка за интересите на македонскиот народ.

Со договорот не биле задоволни Австро-Унгарија, Германија и Англија кои санстефанска Бугарија ја сфатиле како фактор кој ги загрозува нивните интереси на Балканот и на Средоземното Море. Со Санстефанскиот договор не биле задоволни ниту балкански држави Грција и Србија, кои имале територијални претензии кон Македонија. Под нивен притисок, војнички исцрпената Русија се согласува на ревизија на Санстефанскиот договор. Таа,  пред да се состанат големите сили во Берлин, прави напор да се договори со Австро-Унгарија, при што предложила од територијата на Македонија и Новопазарскиот санџак да се формира одделно автономно кнежевство. Меѓутоа, Австро-Унгарија го одбила овој предлог.

На Конгресот во Берлин кој се одржал од 13 јуни до 13 јули 1878 година, Санстефанскиот договор претрпува ревизија, а според одлуките на Конгресот, Србија, Црна Гора и Романија биле прогласени за независни. Босна и Херцеговина биле препуштени да бидат окупирани од Австро-Унгарија. Бугарија пак била разделена на два дела: на автономното кнежевство Бугарија, кое се простирало од Дунав до Стара Планина, и на автономната област Источна Румелија. Македонија била вратена под власта на Султанот. Посебно бил значаен членот 23 од Договорот, со кој се предвидувало воведувањето на реформи во Македонија

Како и да се земе, решениата за македонскиот народ со Санстефанскиот договор и со ревизијата на истиот претставувало неправда за македонскиот народ кој својот стремеж за слобода го изразил со учество во војната. Големиот број Македонци се учествувале како доброволци во српските и руските војски во Српско-турската и Руско-турската војна. Во руската армија биле формирани неколку народни или доброволни чети со кои најчесто командувале Македонци, како на пример дедо Иљо Малешевски, Георги Пулевски, капетан Георги Антонов и др. Во Македонија дошло до раздвижување на ајдутските чети (четата на Димитар Беровски, дедо Иљо војвода). Со заеднички сили ги ликвидирале остатоците од турската власт во Малеш и формирале своја месна самоуправа, која функционирала околу 2 месеци. По потпишувањето на примирјето, во јануари 1878 година, македонските доброволци што учествувале во српската војска, на чело со Никола Алгунски и Јаким Чолопечки, навлегле во Кривопаланечко и Кумановско, го кренале месното население на востание.а бројот на востаниците нараснал на 3-4.000 лица. Востанието се проширило на сите соседни околии, а по склучувањето на Санстефанскиот мир, турската власт одвај ја ликвидирала слободната територија во Пијанец и во Кумановско- кривопаланечкиот регион.

Иако рускиот царизам неводел сметка за интересите на македонскиот народ, многу Македонци веруваат дека со нивна подршка Македонија ќе ја добије својата слобода. Меѓу нив е и Исаија Радев Мажевски од Лазарополе, Дебарско (1852-1926). Тој бил истакнат македонски деец, активен во формирањето на македонско-албанските лиги и борец за ослободување на Македонија. Верувал дека ослободувањето на Македонија треба да биде дело на самите Македонци, но исто така верува дека на Македонија треба да и помогне Русија.

Мажовски во неколку наврати патува за Русија од која бара помош за ослободување на Македонија. Во 1885 година патува за Петроград на прославата на 1000-годишнината од смртта на Методиј. Во 1888 година патува за Киев на прославата на 900-годишнината на покрстувањето на рускиот народ и при тоа на паробродот „Рицар", среде реката Днепар на 18 јули 1888 година ја држи знаменитата реч (Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том први, Скопје 1981), во која Мажовски кажува:

Многупочитувани господа и словенски браќа,

Дознавме во нашиот крај во Македонија, во Дебар и Кичево, за големиот радосен настан - 900-годишнината од покрстувањето на братскиот руски народ од големиот руски кнез св. Владимир и се подготвивме неколкумина од нас да дојдеме во словенската голема Русија за да присуствуваме на овој свечен голем руски празник, но за голема жал не можеме да добиеме паспорти за Русија. Но јас се осмелив и решив да дојдам сам и народот ќе ме испрати со солзи на очи, сожалувајќи дека повеќе луѓе не можат да дојдат во Русија. Јас решив, повторувам, и тргнав ноќно време и цели 30 дена одев, криејќи се од прогонувањето на Турците, и најсетне успеав да дојдам во славна словенска голема Русија. И многу повидни од мене лица од словенска Македонија имаа желба да дојдат во голема братска Русија и да присуствуваат на свечениот празник на 900-годишнина од покрстувањето на рускиот голем братски народ, кој е надежта на сите поробени словенски народи, но не смееја и се плашеа да дојдат, зашто добро знаеја дека ќе бидат фатени и испратени во азиските пустињи.

Многупочитувани господа,

Македонскиот старословенски народ уште пред 2.500 години е доведен во Македонија од цар Каран, кој како цар Фили и цар Александар бил чист Словен, не повеќе од 500 години поминаа откако Македонија и македонскиот стар словенски народ се потиснати и се наоѓаат под тешкиот турски јарем. Ние, клетите Македонци, офкаме и плачеме, но никој не сака да не чуе, дури и самите наши браќа ни пречат.

Браќа Словени,

Македонскиот словенски народ е окружен од најлути и отровни змии, тој се дави и се измачува од најлути и неумоливи ѕверови. Доволно е некој маж, некоја жена или пак некое дете само да спомене за велика Русија, па веднаш да биде тепан, понижуван во верата и е наречуван Москов ѓаур. Од друга страна, кај нас во Македонија се намножија протестантите и католиците, кои се обидуваат на секој начин да не направат протестанти или да не покатоличат. Во вашиот Дебар имаме егзархиски намесник-архимандрит, но и тука ни завидоа непријателите. Така, на пример грчкиот владика ги поткупи турските ѕверови и ги натера да го убијат. Не, колку да ни е тешко, ние го поднесуваме, плашејќи се да не паднеме под австриски јарем.

Браќа, руски Словени

Цели петстотини години станаа веќе откако целиот македонски народ и целата негова земја се опфатени од црни и мрачни облаци кои не ни даваат можност да ја видиме сончевата светлина и да го користиме нејзиното благотворно дејство. Само слушаме дека некаде има и грее големо и светло сонце, но очите на македонските Словени него не го гледаат. Нашата најголема надеж е велика Русија, од неа чекаме спас и да не избави. Русија, која ги спаси Грција и Србија, која ја избави Романија и словенска Бугарија, еден ден ќе ја претегне раката и кон несреќниот македонски роб и ќе го спаси, подарувајќи му слобода.

Браќа руски Словени,

Ние кутрите турски робови, македонските Словени, деноноќно го молиме севишниот Господ и нашиот спасител Исус Христос да му даде здравје и долг живот на Негово величество рускиот император - единствениот силен заштитник на сите словенски народи, ние го молиме Бога да му даде здравје и долговечност на целото руско возвишено царско семејство, ние го молиме Бога да му даде живот и здравје на целиот руски православен народ, ние несреќните сакаме да задува рускиот силен ветар и да ги распрсне темните и мрачните облаци со кои е обвиена поробена Македонија. Ние го молиме Бога да им подари сила и крепкост на руските храбри орли, да летнат во воздух и ја покријат цела Македонија, да ги претераат лутите змии и беспоштедните ѕверови, за да ги скршат вековните тешки железни пранги, да ја ослободат вековната турска робинка Македонија.

Да живее велика и силна Русија! Нека сјае руската златна круна како сонцето на небото во веки веков амин!“

Во оваа реч Исаија Мажовски покрај тоа што укажува на дволичната политика на државите кои ја опкружуваат Македонија, а за чија слобода гинеле и Македонците, тој ја истакнува и посебноста на македонскиот народ. Како и многумина историчари од тоа време Бутков, Савељев – Ростиславич и Чертков, потоа архимандритите Леонид и Филерот, германецот Куно, Лелевел и Бјелоски, врз основата на Херодотовата и Страбоновата историја, сметаат дека покрај Елините и Пелазгите на Балканот живееле и Словените, Исаија Мажовски ја потврдува горната мисла со зборовите „Македонските словени, Бугарите и Србите се едно словенско племе, кое живеело во Русија. Само Македонските Словени се преселиле на Балканскиот Полуостров во стари времиња пред Грците, Бугарите и Србите. Македонскиот старословенски народ уште пред 2.500 години е доведен во Македонија од цар Каран, кој како цар Фили и цар Александар бил чист Словен.“ На исто позиција биле и некои српски историчари и јавни работници кои тврделе дека „Македонците се најстари Словени на Илирскиот полуостров“.

Старомакодонската слава во средината на XIX век доживуваше вистинска ренесанса, а врз нејзините темели македонскиот народ се конституираше како нација. Раскажувањата за Александар и Филип им даваа сила на македонските патриоти и им овозможуваше да истрајат и да ја продолжат борбата за самостојна и национална држава на македонскиот народ.

Денес оваа теза има се повеќе приврзаници како кај нас така и во светот, но единствено променето е сфаќањето дека Словените дошле од Русија. Напротив се повеќе застапена е опцијата дека од Македонија се раселува народот и заминува на Исток.

 

На прво место

News image

МАКЕДОНСКА ДИЈАСПОРА : НЕ ЗА ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА

Придонесот на  Македонците кои го напуштиле дедовскиот праг во етничка Македонија и поради ек...

Иселеници

News image

МАСЛИНОВАТА ГОРА И ЕРУСАЛИМ (9)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИ...

Култура и туризам

News image

СИЛЈАН МИЦЕВСКИ - ИЗБРАН ЗА ПРВ ГРАДОНАЧАЛНИКНА БИТОЛА ВО 1996 ГОДИНА (10)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „СИЛЈАН МИЦЕВСКИ“ ОД АВТОРИТЕ СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ - КАТИН И ЃОРЃИ ЛУМБУРОВС...

Фељтон

News image

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА И СУДБИНАТА НА МАКЕДОНСКОТО НАСЕЛЕНИЕ ВО ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА (4)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ НА СЛАВЕ КАТИН

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.