Среда, 24 Април 2019   
МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ – ПРВИОТ АРХИЕРЕЈ ВО МАКЕДОНСКОТО ИСЕЛЕНИШТВО (23)

vfr1

ОСВЕТУВАЊЕ НА ЦРКВИТЕ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО ЧИКАГО, „СВ. ИЛИЈА“ ВО СИНСИНАТИ И „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ ВО ЛОРЕИН

Црква „Св. Кирил и Методиј“ беше осветена на 30 август 1992 година од митрополитот г. Кирил, а во сослужение на голем број свештеници. Благодарение на митрополитот г. Кирил, членовите на црквата собраа големи парични средства, со што осветувањето се направи голем ден за Македонците од тој дел на САД и остана во трајно сеќавање кај сите кои присуствуваа на таа голема свеченост. Црквата „Свети Илија“ во Синсинати, пак, на 26 август 1982 година, беше завршена и пуштена во употреба, од митрополитот г. Кирил. На 26 август 1982 година, и црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Пасаик беше завршена и пуштена во употреба од тогашниот архијереј на Американско-канадската епархија, митрополитот г. Кирил

Во Чикаго, една од најголемите светски метрополи и најзначаен индустриски, трговски, политички, културен и спортски центар на државата Илиноис и пошироко, живеат илјадници македонски семејства од сите краишта на Македонија, но најбројни се од Преспанско, од Битолско, од Охридско, од Прилепско, од Скопско и од други места.

Иницијатива за покренување акција за собирање средства за изградба на македонски духовно-културен дом што ќе служи на интересите на македонските доселеници од сите делови на Македонија беше покрената на 21 мај 1976 година. Притоа беше одлучено црквата да го носи името на свети Кирил и Методиј, со што општината беше примена како дел од МПЦ со писмо на Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА.

Потоа управата купи една зграда на една Лутеранска црква, којашто беше преуредена и приспособена за вршење православни богослужби. Една година подоцна за време на Велигденските празници, свештеникот Борис Поповски изврши мало осветување, а на 3 август 1981 година црквата е осветена од надлежниот архијереј, митрополитот г. Кирил во сослужение на поголем број македонски свештеници и пред неколку стотици македонски иселеници и претставници од градските власти.

vfr2
Црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Чикаго

Co зголемувањето на колонијата, Управата купи место од неколку хектари во Бервин, предградие на југозападната страна на Чикаго, каде што е изградена новата црква и дом. Местото е купено во 1985 година, на кое на 16 јуни истата година се одржа првиот македонски пикник. Тоа е убаво македонско катче и претставува зелена оаза заградена со високи дрвја што местото го прават пријатен простор за одмор и рекреација.

За ова македонско катче се погрижиле сите членови на црквата, a особено претседателите, меѓу кои Трајан Илиевски, Стојан Чкламовски, Трифун Саљамовски, Трајан Таневски, Борис Ничов, Илче Мушаревски и други, како и свештениците Борис Поповски, Стојан Стојанов, Томислав Петковски, Тони Јошевски и Рубинчо Ацески, Женската секција, Фолклорната група и други секции.

Меѓу големиот број донатори на овој македонски дом, посебно место му припаѓа на војводата Коста Македонски, истакнат иселеник и патриот од пиринскиот дел на Македонија. Тој, заедно со поголем број патриоти помогна на 24 јули 1988 година да се постават темелите на новиот македонски храм.

Новата црква „Св. Кирил и Методиј“ беше осветена на 30 август 1992 година од митрополитот г. Кирил, а во сослужение на голем број свештеници. Благодарение на митрополитот г. Кирил, членовите на црквата собраа големи парични средства, со што осветувањето се направи голем ден за Македонците од тој дел на САД и остана во трајно сеќавање кај сите кои присуствуваа на таа голема свеченост.

Во еден од најстарите универзитетски градови на САД - Синсинати, пак, кој што се протега по должината на реката Охајо, сместен на самата југозападна граница на државата Охајо, е регистрирана македонската православна црковна општина „Св. Пророк Илија“, единствениот македонски духовен и културен дом во тој убав и богат дел на САД. Таму, во милионската метропола се доселиле македонски семејства од сите краишта на Македонија. Македонската колонија во Синсинати е една од помалите во семејството македонски заедници.

vfr3
Црквата „Свети Илија“ во Синсинати, Охајо

Меѓутоа, кај тие македонски доселеници тлеат патриотските чувства, македонскиот дух, православната вера и силната љубов кон МПЦ и кон дедовската земја - Македонија. Во почетните години одреден број Македонци од Синсинати црквуваа во црквата „Света Богородица“ во Колубос, но подоцна се роди идејата да имаат своја црква.

Македонците од Синсинати засекогаш го паметат 27 февруари 1977 година кога е формиран Иницијативниот одбор за организирање на МПЦО „Свети Пророк Илија“. Со собраниот поголем износ пари, во 1978 година е купено местото од неколку акри на кое има сала што се користи и како црква. Истата година со одлука на Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА оваа црква е примена во крилото на Мајката црква, а во мај 1980 година е положен камен-темелник за изградба на црковна сала.

На 26 август 1982 година, кога беше завршена и пуштена во употреба, тогашниот, архијереј на Американско-канадската епархија, митрополитот г. Кирил, во сослужение на протаѓаконот Јовица Симоновски ја отслужи првата богослужба на македонски јазик во Синсинати, што претставуваше посебно доживување за Македонците од тој град.

Денес е изградена нова црква која целосно беше завршена во 1996 година и беше осветена од архиепископот охридски македонски г.г. Михаил. Црквата е градена во неколку архитектонски стилови и е висока 16 метри, што е една од највисоките православни цркви во САД. Таа е градена со амфитеатарски стил и може да собере околу 500 лица.

Спорек запишаното од митрополитот г. Кирил, меѓу Македонците во Синсинати особена активност пројавувале: Видан Стојановски, Кире Карапаша, Митре Лазаревски, Блаже Талевски, Пандо Стојановски, Методија Ангеловски, Благој Тодоровски, Корун Павловски и други истакнати иселеници од кои многумина биле и претседатели на Црковната управа, како и Женската и другите секции.

Македонски црковен живот е развиен и во градот Лореин кој се наоѓа на езерото Ири. Тој има неколку стотици илјади жители и развиена индустрија за железо и челик, машини, текстил и бродоградба. Градот е основан во 1807 година. Меѓу 55-те националности од целиот свет што живеат и работат во градот Лореин во државата Охајо, видно место зазема македонската етничка група.

Таму е подигнат светилник за македонските генерации - МПЦ „Св. Климент Охридски“. Овој македонски дом е собиралиште и свет храм за Македонците од Лореин, Кливеланд, Илирија Емерст и други места. Таму се населиле Македонци, главно, од егејскиот дел на Македонија, од Преспанско, Битолско, Охридско и други места.

Во минатото Македонците од овој дел на Охајо црквувале во „Свети Кирил и Методиј“, која претежно била изградена со средства и даренија на Македонците, a e под јурисдикција на Бугарската православна црква. Затоа, Македонците се организираа да градат своја македонска црква под јурисдикција на МПЦ. Така, првата литургија на македонски јазик во оваа колонија ја отслужи свештеникот Борис Арсовски во Украинската црква во август 1978 година. Потоа, се отпочна со собирање средства и е купено местото во Еиван на кое е изградена црквата „Свети Климент Охридски“.

Ha 14 август 1983 година, во присуство на повеќе од илјада присутни, надлежниот архијереј, митрополитот г. Кирил ја освети и ја даде во употреба новата сала. По една година им дојде прв македонски свештеник, прота Бошко Кипровски, чија улога беше непроценлива во духовното живеење и зближувањето на Македонците.

На 11 август 1985 година митрополитот г. Кирил во сослужение на пет свештени лица, пред голем број верници, и во присуство на градоначалниците на градовите Лореин и Шефилд Леик, ги освети темелите на новата црква. Потоа на 17 јули 1986 година, е завршена изградбата на новата црква и е извршено мало осветување. На денот на осветувањето е извршена и првата служба во црквата и прва венчавка. Новиот храм беше изграден и на 16 септември 1996 година беше осветен од поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Михаил. 

vfr4

Митрополитот Кирил на служба

Особени заслуги за духовниот развој во оваа општина имаат бројни Македонци од САД и од Канада, потоа донаторот Никола Богоевич, Ристо Мановски и Кире Стефов, како и голем број други дарители, кои помогнаа во изградбата на оваа македонска општина, во која се одвиваат голем број активности, не само на црковно, туку и на културно-просветно поле.

Митрополитот Кирил повеќе пати богослужел и водел кампања за собирање парични средства во црквата „Св. Климент Охридски“.

Продолжува

 c6

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Заев се наоѓа на врвот од октоподот

Заев се наоѓа на врвот од октоподот

Историја

News image

Кичево, 116 години од битката на „Ѓурѓејца“, 4-ти август 1903 година

Кичево, 116 години од битката на „Ѓурѓејца“, 4-ти август 1903 година

Иселеници

News image

Академикот Ферид Мурад – американски нобеловец (10)

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – САД

Култура и туризам

News image

Триумфални порти (арки) во Битола

Триумфални порти (арки) во БитолТриумфални порти (арки) во Битола

Фељтон

News image

ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ (22)

ПЛЕМИЊАТА  ЈОНЦИ И МИНОИ ОД МАЛА АЗИЈА

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.