|
||||
| Саем на македонска традиционална кујна – Пустец, 3 јануари 2026 |
|
Со присуство на Македонци од сите делови на Мала Преспа и пошироко, како и претставници на македонската Амбасада, во Пустец – седиштето на истоимената општина – беше одржан Саем на македонска традиционална кујна. Настанот беше вистински празник исполнет со вкус, мирис, традиција и силни емоции. Со срце и љубов, вредните преспански домаќинки приредија автентично гастрономско доживување – јадења што не само што се вкусуваат, туку и длабоко се чувствуваат. Во духот на македонската песна, со заедништво и гордост, уште еднаш беше потврдена љубовта кон македонските корени. Ова не беше само саем, туку празник на идентитетот, културата и традицијата. Настанот беше организиран од македонскиот активист Панде Симонофски, со поддршка преку Јавниот повик за проектни апликации наменет за правни и физички лица од дијаспората на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Од македонската Амбасада во Албанија информираа дека саемот претставува вистинска прослава на македонската традиција, култура и заедништво, упатувајќи искрени честитки до организаторите и учесниците, со нагласок дека Амбасадата останува посветена на поддршка на вакви иницијативи што ја негуваат и пренесуваат македонската традиција на идните генерации. Покрај претставници на здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“, на настанот присуствуваше и Едмонд Темелко, претседател на друштвото „Преспа“ и поранешен градоначалник на општина Пустец. Тој истакна дека станува збор за „прекрасен настан исполнет со вкус, мирис, традиција и емоции“, нагласувајќи дека со заедништво и гордост уште еднаш е потврдена љубовта кон македонските корени. „Ова не беше само саем – ова беше празник на идентитетот, културата и традицијата. Голема благодарност до сите кои придонесоа и до сите кои беа дел од оваа магија. Да ја чуваме и пренесуваме македонската традиција, затоа што таа нè прави тоа што сме“, порача Темелко.
|


























