|
||||
| Континуитет на раст: Плати, пензии и намалување на сиромаштијата |
|
Во време кога граѓаните со право очекуваат стабилност и предвидливост, Владата испраќа јасна порака: подобрувањето на животниот стандард не е декларативна заложба, туку системска политика. Најавата за ново зголемување на платите во здравството и образованието во март е уште една потврда за континуитетот на реформите во клучните сектори што директно го носат општествениот развој. Во интервју за „Вечер.мк“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нагласи дека зголемувањето на платите во овие два сектора се реализира врз основа на веќе потпишани четиригодишни договори со репрезентативните синдикати. Тоа значи дека не станува збор за ад-хок одлуки, туку за јасна, договорена и финансиски планирана динамика на раст. Според договорот во образованието, за периодот 2025–2027 година, зголемувањата ќе се движат меѓу 7,5% и 10%, во зависност од буџетските можности, додека во 2028 година се предвидува раст меѓу 10% и 12,5%. Сличен модел е договорен и во здравството, што покажува дека Владата гради партнерски однос со синдикатите и го јакне социјалниот дијалог како основа за стабилни реформи. Мицкоски потсети дека во текот на оваа година зголемување на платите добија и припадниците на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, што ја заокружува сликата за еден поширок, системски пристап кон унапредување на платите во јавниот сектор. „Апсолутно се грижиме за стандардот на граѓаните и на вработените во рамките на нашите можности и така ќе продолжиме и во иднина“, истакна тој. Паралелно со растот на платите, Владата спроведува и активна политика на зголемување на пензиите, чиј ефект веќе е видлив во официјалните статистички податоци. Според објавите на Државниот завод за статистика, стапката на сиромаштија се намалува – од 23% во 2021 година, на 22,2% во 2023, и на 21,9% во 2024 година. Истовремено, џини-индексот, кој ја мери нееднаквата распределба на доходот, се подобрува и во 2024 година изнесува 29,1, што е најдобар резултат во регионот и дури над европскиот просек. Мицкоски посочи дека линеарното зголемување на пензиите од 2.500 денари во ноември 2024 година има ограничено влијание врз овие индикатори, но дека вистинскиот ефект ќе се почувствува во 2025 година. Тогаш, според него, ќе биде јасно видливо дека ваквиот модел на зголемување на пензиите значително ќе придонесе за дополнително намалување на сиромаштијата, особено кај пензионерите, како и за понатамошно подобрување на џини-индексот. Овие параметри не се важни само за домашната јавност, туку и за меѓународните финансиски институции и кредитните агенции, кои токму врз основа на вакви социјално-економски индикатори го оценуваат кредитниот рејтинг на државата. „Таа политика си го даде својот резултат и апсолутно стоиме позади исправноста на тие чекори“, порача Мицкоски, додавајќи дека Владата ќе продолжи со истата насока и покрај политичките и институционалните предизвици. Во суштина, пораката е јасна: стабилните плати, повисоките пензии и намалувањето на сиромаштијата не се изолирани мерки, туку дел од една поширока визија за држава која гради одржлив економски раст и социјална сигурност за своите граѓани. |





















