|
||||
| Време е да ја добиеме битката за наталитетот |
|
Многудетното семејство – темелот на опстанокот! Македонија старее, а се празни–тивката демографска катастрофа што ни се случува пред очи! Македонија денес живее подолг живот, но со сè помалку деца, помалку семејства и сè повеќе празни домови. Податокот дека очекуваниот животен век во 2025 година достигна 76,6 години на прв поглед изгледа како успех. Но зад таа бројка се крие горчлива и опасна вистина – народот исчезнува побрзо отколку што старее. Негативниот природен прираст веќе шест години по ред не е случајност, туку последица на иселувањето и разнишаните семејни вредности. Паралелно со падот на наталитетот, браковите се сè помалку, разводите сè повеќе. Младите и илузијата за „совршениот момент“ Денес младите сè потешко се одлучуваат да стапат во брак. Прво диплома, потоа сигурна работа, автомобил, стан, патувања, а семејството „кога ќе дојде време“. Но животот брзо поминува. Додека се остварат желбите, младоста веќе минала, а одлуката за семејство станува сè потешка. Дел од младите стануваат заробеници на комодитетот и навиките, неспремни да ги споделат со друг. Среќата на човекот не ја прават убавата кола и луксузниот стан, туку чувството дека си сакан, потребен, дека припаѓаш. Детската смеа е најсилниот мотив за создавање, за истрајност и за борба. Децата не се товар, тие се богатство. Тие се нашата иднина, нашата надеж, нашата поткрепа кога ќе остареме. Ако денес не реагираме, утре нема да имаме кого да броиме. Македонија не смее да стане земја на спомени и статистики. Потребна ни е демографска обнова – сега, додека сè уште има кој да ја започне. Негативните демографски прогнози можат да се изменат само доколку младите во Македонија храбро се соочат со вистината и ги преиспитаат своите ставови за тоа што навистина значи среќен и убав живот. Ако сакаме да ја зачуваме Македонија, тоа можеме да го направиме само преку многудетни семејства. Само така може да се неутрализира демографската бомба која ни е инсталирана под нозете. Историјата јасно покажува: многудетните македонски семејства биле најсилниот бедем против асимилацијата. Иако често живееле во сиромаштија, тие имале по пет, шест и повеќе деца. Сè уште се живи спомените за нашите баби и дедовци кај кои секогаш имало кој да ја продолжи лозата, да ја пренесе приказната за името, обичаите, културата и идентитетот, да раскажува за Македонија. Залудно е сè ако младите не почнат повторно да веруваат дека можат, дека имаат сила да го вратат сјајот на силното македонско семејство. Залудни се сите политики и кампањи ако секој од нас не даде личен пример. Залудно е сè ако не поверуваме дека можеме. Време е зборовите да ги претвориме во дело. Создавајте семејства. |




















