|
||||
| Илија Џувалековски |
|
Илија Џувалековски (20. ⅩⅠⅠ 1915 – 18. X 2004) е македонски театарски и филмски актер, професор на ФДУ во Скопје. Тој е еден од втемелувачите на македонскиот современ театар. Во 1944 година работел во Москва како уредник и спикер во Радио Слободна Југославија, кое било првото што емитувало вести на македонски јазик. Илија Џувалековски е роден на 20 декември 1915 година во Прилеп. Дипломирал на Музичката академија во Белград. За време на Втората светска војна, се приклучил на Народноослободителниот театар на Вис, предводен од Вјекослав Африќ. Во втората половина на 1944 година бил испратен во Москва, каде работел како уредник и спикер во Радио Слободна Југославија. Тој ги водел емисиите на македонски јазик. По војната, ја започнал својата кариера како театарски и филмски актер во Скопје. Во 1963 година заминал во Загреб, каде што настапувал на сцената на Хрватско народно казалиште, а од 1967 ја водел катедрата за глума на македонски јазик при Академијата за театар, филм и телевизија. Во Скопје се вратил во 1972 година и продолжил со својата педагошка работа на Факултетот за драмски уметности, а истовремено и со својата актерска кариера. Улоги: Поцко („Чорбаџи Теодос“), Виќа („Сомнително лице“), Отело, Егор Буличов, Гоце (во истоимените дела), Тетерев („Малограѓани“), Сатин („На дното“), Игнациј Глембај („Господа Глембаеви“) и др. Придонесот на Џувалекоски на филмот не е ништо помал од театарскиот. Во својата актерска кариера остварил над 60 филмски улоги. Познати филмови во кои играл се „Фросина“, „Возот на доктор М.“, „Кота 905“, „Волча ноќ“, „Републиката во пламен“, „Црвениот коњ“ и многу др. Џувалекоски добил многу награди и признанија. Во 1977 година бил добитник на наградата „АВНОЈ“, а во 1983 година ја добил и наградата „11 Октомври“ за животно дело. Илија Џувалековски починал во Скопје на 18 октомври 2004 година.
Подготвил: Т.К. |
















