|
|
Зајас, Осломеј, Вранешница и Другово станаа дел од Кичево |
„Некои прашања не заслужуваат одговор“ Референдум за територијална поделба на Република Македонија- 2004. Се смени етничкиот состав на Кичево и Струга. Во свој град, Македонците станаа малцинство кое не може да се избори за своите права поради помалиот број граѓани. Според пописот од 2002-ра година, во Кичево живеат 30.138 жители, од кои 16.140 се Македонци, а 9.202 Албанци. По спојувањето на петте општини, Кичево има околу 56.000 жители, од кои околу 30.000 се Албанци, а околу 23.000 Македонци. Границите на Кичево се скроија во 2004 г. како резултат на територијална реорганизација што ја договорија тогаш владејачките СДСМ и ДУИ. Во членот 16 од законот стои дека од 2008 година четирите рурални општини ќе се припојат кон општината Кичево. ВМРО-ДПМНЕ успеа во 2008 година да го измени овој член и да се пролонгира „окрупнувањето“ на општината Кичево за уште еден локален изборен циклус. Референдумот од 2004 година бил распишан со цел изјаснување на граѓаните во врска со новоусвоениот Закон за територијална поделба на Република Македонија и бил одржан на 7 ноември 2004. Согласно Уставот на Република Македонија и Законот за референдум и граѓанска иницијатива од 1998, а по барање на 180.545 граѓани на Република Македонија со право на глас, Собранието на Република Македонија го распишало задолжителниот референдум за територијалната организација на Република Македонија. На референдумот мнозинството се искажало против новата територијална поделба, но референдумот не бил успешен поради тоа што не бил постигнат законски потребниот процент од 51% излезеност на вкупното население. Иницијатор за собирање на потписите бил Светскиот Mакедонски Kонгрес.
Новата територијална организација на Република Македонија предизвика голем број на контроверзи и поделби во македонската јавност, главно поради етно-демографските импликации на новата територијална организација. Голем дел од Македонците, а и помал дел од албанското население сметаше дека со новата територијална организација се врши нарушување на етничката рамнотежа во Република Македонија. Во противници на предложената територијалната поделба се вклучија повеќе тогашни опозициони партии, како и некои познати интелектуалци кои сметаа дека целиот процес на подготовка на новата територијална поделба се извршило крајно нетранспарентно, спротивно од волјата на граѓаните и дека е конципиран да направи етничка поделба помеѓу македонски и албански "територии". Поддржувачите на новата територијална организација, кои ги опфаќаа владејачките партии, (тогаш владејачки партии беа СДСМ и ДУИ) како и некои невладини организации сметаа дека со оваа поделба се исполнуваат обврските од Рамковниот договор, а исто така се овозможува поголема независност на општините, односно фискална и физичка децентрализација, која би била невозможна доколку би постоеле микро-општини како во претходната организација. На овој референдум гласачите со ЗА и ПРОТИВ се изјаснуваа по прашањето: Дали сте за територијалната организација на локалната самоуправа (општините и Градот Скопје) утврдена со Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/96) и Законот за градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија бр.49/96)? Гласањето се одвивало на 2.973 гласачки места, при што целата територија на Република Македонија беше една изборна единица.
Согласно Уставот, референдумот бил прогласен за неуспешен, затоа што не се изјасниле повеќе од половина од гласачите. Зад иницијативата за референдум застана целокупниот опозиционен блок, додека тогашната владеачка коалиција предводена од СДСМ и ДУИ, се противеше на референдумската иницијатива и бараше граѓаните да не гласаат на референдумот, со паролата: „Некои прашања не заслужуваат одговор“. |