|
|
Уделот на Македонците во создавањето на исламот |
Какви биле врските помеѓу Македонците и исламот? Веднаш ќе кажеме дека исламската култура има примено извесно влијание од културата што Македонците ја прошириле во Арабија, т.е. во земјата во која се родил исламот. Познато е дека уште Александар Македонски покажувал голем интерес кон Арабија и дека тој испратил своја експедиција со бродови кои пловеле близу брегот на оваа земја. Се знае и дека Александар во 323 година пред Христа планирал да ја освои Арабија, но дека во тоа го спречила смртта во Вавилон. Но, и без тоа Арабија станала значајна сфера во ширењето и прифаќањето на балканската култура. За ова придонела и географската положба на оваа земја, а значајна улога одиграла и трговијата со разни производи. Исламска илустрација на која е претставена средбата на Александар Македонски сo браманите (XVIII век). Влијанието на македонската култура во Арабија се огледа во тоа што уште во III век пред Христа во оваа земја почнале да се коваат пари, кои биле имитација на македонските пари од времето на Александар Македонски. Овие пари главно се ковеле во градот Гера. На некои од нив дури го пишувало и името Александар. Ова најмногу дошло до израз кај монетите со помала вредност (оболи), кои претставувале целосна имитација на монетите на Александар Македонски, но и на монетите на македонската династија на Селевкидите. Исто било и со монетите билони, кои се користеле во Арабија дури и во доцниот прв век по Христа. Секако дека влијанието на балканската култура во Арабија било присутно и во останатите сфери (уметноста и сл.). Ова практично значи дека оваа култура била прилично распространета во Арабија, т.е. во земјата во која подоцна ќе биде создаден исламот. Познато е дека пророкот Мухамед неколку пати ја посетил Сирија. Сосема е можно дека за време на тие посети тој остварил средби со потомците на големата колонија Македонци, кои таму биле населени уште од времето кога Сирија била составен дел од македонската држава на Селевкидите. Познато е дека во сирискиот град Антиохија (кој бил изграден и населен од Македонците) културни траги од Македонците се забележани дури и во VI век, а тоа е токму времето кога пророкот Мухамед ја посетувал Сирија. Имено, во овој век е забележано името на некој танчер од Антиохија кој се викал Македонијa (Macedonia). Кога зборуваме за врските помеѓу Македонците и почетоците на исламот, да го кажеме и тоа дека мнозина истражувачи денес сметаат дека еден Македонец е спомнат и во самата исламска света книга Кур'ан. Конкретно, се смета дека во оваа исламска света книга е спомнат Александар Македонски, но под друго име. Всушност, се смета дека тој овде е спомнат под описното име Зу'л-Карнијан. Овој израз може да се преведе на неколку начина. Според буквалниот превод, овој израз значи “оној со два рога”. Германскиот историчар Улрих Вилкен пишува дека ваквото детерминирање на Александар потекнува од старото египетско предание, според кое, Александар е претставен како “син на Амон”. Од своја страна, синот на Амон, во ликовните претстави секогаш бил прикажуван како лик кој на главата има два мали рога. Поради тоа Вилкен смета дека оттука потекнува описното име на Александар како “оној со два рога” (Улрих Вилкен: “Александар Македонски” Скопје, 1988, стр. 353). Некои исламски теолози изразот “Зул-Карнијан” го преведуваат и описно како: “оној што живеел во две генерации”, што е тесно поврзано со содржината на некои исламски преданија за Александар, конкретно за мигот на неговото раѓање, поврзан со “спојувањето” на две планети (или ѕвезди) на небото. Што се однесува до самото спомнување на Александар во Кур'анот, конкретно се смета дека тој е спомнат во осумнаесеттата сура која се вика “Пештера” (Ал-Кахфи) и тоа во ајетите (стиховите) 83-98. Но, има и такви исламски теолози кои сметаат дека терминот Зу'л Карнијан не се однесува на Александар Македонски, туку на некој друг владетел. Сепак, може да се каже дека официјален став на повеќе исламски теолози е дека станува збор токму за Александар Македонски. Така, на пример, во официјалната “Енциклопедија на исламот” јасно пишува дека и навистина Александар Македонски е спомнат во Кур'анот. Овде читаме: “Општо е прифатено, како од исламските толкувачи, така и од современите западни научници дека Зу'л-Карнијан или “оној со два рога”, спомнат во сурата 18, 82/83-98, всушност го претставува Александар Велики.” (“Encycloapedia of Islam”, New Edition, Vol. IV, 1978). А, сега да ги спомнеме стиховите од сурата 18, во кои се смета дека самиот Бог (Алах) го спомнал Александар Македонски под описното име Зул'Карнијан или во слободен превод: “оној што живеел во две генерации”. Овие стихови гласат: “И ќе те прашаат за Зу'л-Карнијан? Одговори им: 'Ќе ви го изрецитирам споменот за него'.(83) Навистина, Ние го поставивме него на земјата и му го откривме значењето на сите работи. (84) И така тој појде по патот. (85). И кога стигна на местото каде сонцето заоѓа, виде дека тоа заоѓа во едно црно море, по што кај него дојде народот. И Ние му рековме: 'О, Зу'л-Карнијан! Или казни ги, или покажи им добрина.(86). А тој рече: 'Што се однесува до оној што прави лошо, ќе го казниме, а потоа ќе биде вратен кај својот Господар за да биде казнет со страшна казна. (87). Што се однесува до оној што верува и што прави добрини, тој ќе има добра плата и нему ќе му ги пренесиме зборовите на нашите одредби (88). Потоа, тој продолжи по патот. (89). Се додека не стигна во земјата каде што сонцето изгрева, каде го најде како изгрева над луѓе на кои не им дадовме заштита од него. (90). И така! Навистина она што беше кај него го опфативме со знаење (91). Потоа, тој продолжи по патот (92). Се додека не стигна меѓу две планини, каде најде луѓе, кои не разбираа ниту збор. (93). Тие рекоа: О, Зу'л-Карнијан! Навистина Гог и Магог создадоа низа немири во земјата. Сакаш ли да ти дадеме награда ако ставиш бариера помеѓу нив и нас? (94). Тој им рече: Она во што ме востанови мојот Господар е подобро. Затоа помогнете ми со работници и ќе изградам заштитна бариера помеѓу вас и нив. (95). Донесете ми блокови од железо. И додека тој го пополни просторот помеѓу двете планини, им рече: 'Дувајте!”, а кога се запали огнот им рече: 'Дајте сега да го излеам растопениот бакар. (96).' Така тие не можеа да поминат, ниту да направат дупка (97). Тој им рече: 'Ова е милост од мојот Господар, но кога Тој ќе вети, ќе го срамни со земја, а ветувањето на мојот Господар секогаш е вистинито! ' (98). Главна индиција за поистоветувањето на Александар Македонски со “Зу'л Карнијан” е фактот што обајцата патувале во, за нив, дотогаш непознати земји. Овде секако е и самото име Зул-Карнијан, кое рековме дека буквално преведено значи “оној со два рога”, што може да се однесува само на Александар Македонски, т.е. на неговата постара претстава како син на Амон, за кој, пак, рековме дека секогаш бил претставуван како човек со два мали рога на главата. Токму како таков Александар останал запометен во исламската традиција и останал длабоко почитуван од муслиманите. Некои (пред се христијански) истражувачи сметаат дека сторијата за Александар Македонски, која е предадена во Кур'анот, претставува адаптација на некоја постара легенда за него. Ваквиот став е прифатен и во Енциклопедија Британика, каде во врска со ова читаме: “Спомнувањето на Александар од страна на Мухамед како 'оној со два рога' (18,82) е превземено од една романса за Александар која била популарна среде несторијанските христијани во VII век во својата сириска варијанта”. Но, исламските теолози ова го негираат, наведувајќи податоци дека во времето на создавањето на текстот на Кур'анот тешко можеле да бидат достапни легендите и преданијата за Александар Македонски. Полемики околу ова прашање се водат до денес. Сепак, Александар Македонски е присутен и во други постари исламски текстови и преданија, и тоа токму под описното име Зул-Карнијан. Така, на пример, неговото име е тесно поврзано со познатото исламско светилиште Катарагама во Шри Ланка (Цејлон). Во ова светилиште (каде има убава џамија) до денес секоја година се собираат илјадници муслимани од целиот свет. Според исламската традиција, на тоа место Алах создал извор со животворна вода од која, секој што ќе се напие, станувал бесмртен. Странските патеписци забележале дека дури и во XIX век луѓето упорно го барале тој извор во областа Катарагама. Притоа мнозина од нив тврделе дека таму лично го сретнале исламскиот светител ал-Кизр, кој своевремено се напил од тој извор и станал бесмртен. Според официјално прифатената исламска традиција од страна на исламските великодостојници во Катарагама, до овој извор успеале да дојдат само Александар Македонски (Зул-Карнијан) и споменатиот исламски светител ал-Кизр. Но, кој бил ал-Кизр? Исламските теолози сметаат дека тој бил слуга на Бог (Алах), кој поради својата верност бил награден со вечен живот, т.е. бил награден да стигне до изворот на водата на животот и да се напие од него. Но, за потеклото на исламскиот светител Ал-Кизр има и друга теорија. Според преданието во Катарагама, ал-Кизр бил генерал во војската на Александар Македонски, а според друга варијанта тој бил готвач во Македонската војска. Ова практично значи дека, според оваа теорија, еден од најпознатите исламски светители среде муслиманите во Шри Ланка (но и пошироко) Ал-Кизр бил - Македонец (посебно ако се знае дека генералите во војската на Александар биле исклучиво Македонци)! Тие обајцата заедно тргнале да го бараат изворот на животворна вода. Ал-Кизр прв дошол до изворот и се напил од животворната вода. Тој лесно го нашол изворот, додека Александар прилично се измачил во тоа. Во местото Серендиб во Шри Ланка има и светилиште посветено на тој настан. Среде муслиманите во Катарагама (но и пошироко) постои уште едно традиционално верување според кое Александар Македонски дури се смета и како еден од пророците на Алах (Бог)! Според ова предание, од првиот човек на светот Адам (кој се смета за прв пророк), до последниот пророк Мухамед имало вкупно 124.000 пророци (набиси), а од нив само 313 биле посебни пророци (расули). Само 25 набиси биле спомнати во Кур'анот, а Алах им дал посебна сила само на неколку од нив. Сите тие живееле во различни времиња, а еден од нив бил и Александар Македонски, познат под името Зул-Карнијан или ал-Иксандар. Ова значи дека, според оваа официјално исламско толкување, најпознатиот македонски цар е сметан како пророк на Бог. Заедно со Александар (Зул-Карнијан) меѓу луѓето бил испратен да дејствува и претходно споменатиот ал-Кизр, кој овде е претставен како братучед на Александар (тие биле деца од две сестри, чиј татко бил крал). Таткото на Александар (Зул-Карнијан) бил император, додека таткото на ал-Кизр бил главен на некое село. Пред да се роди Александар, неговиот татко четириесет години чекал две планети (или ѕвезди) да се “спојат” на небото. Тој и рекол на својата царица: “Ако ни се роди дете токму во тоа време, тоа ќе живее се до крајот на светот, а ако се роди еден час подоцна, тоа ќе владее со светот.” Ова кришум го слушнала сестрата на царицата (идната мајка на ал-Кизр). Кога дошло време обете да се породат, сестрата на царицата го родила ал-Кизр токму во мигот што го посакувал царот, додека царицата го родила Александар еден час подоцна. Кога пораснале братучедите, заедно тргнале да го бараат изворот на животворна вода. Така, стигнале до местото Катарагама (денешна Шри Ланка), каде го нашле тој извор во една планина. Но, од водата се напил само ал-Кизр, затоа што таква била волјата на Алах. Затоа ал-Кизр станал бесмртен, а Александар, пак, и навистина го освоил речиси сиот тогашен свет. Постојат и други исламски преданија и легенди посветени на Александар Македонски од останатите краеви на Азија каде живеат муслиманите. Во врска со оваа тема има пишувано историчарот Ален Френк. Во својата подолга статија под наслов: “Историските легенди на муслиманите од реонот на Волга и на Урал, поврзани со Александар Велики, градот Јелабуга и Бачман хан” тој пишува дека постоеле голем број легенди среде муслиманите од оваа област, поврзани со Александар Македонски. Во резимето на својата статија, Френк пишува: “Уште од почетокот на XIX век, пишаните традиции на муслиманите од областа на Волга и на Урал имаат регистрирано повеќе историски и генеолошки легенди, поврзани со Искендер Зул-Карнијан (Александар Велики)... Овој труд има за цел да ги идентификува и класифицира разните варијанти на овие легенди од кои, најголемиот дел се најдени во колекциите на муслимански ракописи, најдени во тој регион, како и да ја открие нивната улога во детерминирањето на развитокот на идентитетот на муслиманите околу Волга и Урал. (Allen J. Frank: "Historical Legends of the Volga-Ural Mislims concerning Alexander the Great, the City of Yelabuga, and Bachman Khan" in Figures Mythiques Mondes Muslimans, France). Во продолжение Френк пишува за поврзаноста и на волшките Бугари со ликот на Александар Македонски. Тој го споменува патеписецот Абу Хамид ал-Гарнати од XII век, кој во својот патепис, запишал дека од разговорите што ги водел со волшките Бугари, тие себеси јасно се декларирале како потомци на Александар Македонски. Во врска со ова Ален Френк пишува: “Патеписецот Абу Хамид ал-Гарнати од XII век пишува дека волшките Бугари себеси се сметале како потомци на Александар Велики. Овие легенди имаат свое потекло во традицијата на муслиманските степски номади и на пред-монголските волшки Бугари.” Практично ваквите декларирања на Бугарите (како потомци на Македонците) се целосно спротивни од денешните големобугарски артикулации за наводното “бугарско потекло” на денешната македонска нација. Гледаме дека токму нивните предци (азиските Бугари) го тврделе спротивното, т.е. дека тие се потомци на Македонците, а не обратно! Френк ги споменува и легендите за градот Јелабуга, за кој муслиманите сметале дека бил формиран од Искендер Зул-Карнијан (Алекандар Македонски) и од неговиот пријател Сократ Хаким (филозофот Сократ). Градот Јелабуга подоцна станал свет центар за муслиманите. Таму имало извесен број гробови на исламските светители. Во контекст на ова да ја спомнеме и содржината на персиската поема од поетот Нисами (XII век), според која Александар Македонски (Зул-Карнијан) бил муслиман, кој престојувал во Мека и се молел во Каба (Улрих Вилкен, цит. дело, стр. 353). Кога зборуваме за почитта кон Александар Македонски од страна на муслиманите да кажеме и дека култот на Александар Македонски бил присутен и во Отоманската империја и тоа уште во времето на Средниот век. Најдецидна потврда за ова е литературното дело Хабнаме, од авторот Вејс Б. Мехмед (1561-1628), кое претставувало замислен разговор воден помеѓу турскиот султан Ахмед Први и Александар Македонски. Фактот што ова дело било неколкупати печатено во Отоманската империја само ја потврдува вистината дека духот и славата на најславниот македонски цар стигнале до свеста на интелигенцијата од тогашната моќна турска империја. И подоцна турските султани со стравопочит го спомнувале името на Александар Македонски. Некои од нив дури и намерно ги праќале своите жени да им родат син во Македонија, надевајќи се на тој начин дека новороденото дете ќе ја стекне моќта и славата на Александар Македонски. Ќе презентираме едно сведоштво во врска со ова. Англискиот патеписец Едвард Браун во 1669 година ја посетил Битола. Во неговиот патепис името Македонија се споменува десетина пати. Во еден дел од патеписот, тој ја опишува почитта што тогашните турски великодостојници ја искажувале кон македонскиот цар Александар Македонски. Поради тоа, Браун сведочи дека на тогашните Турци дури им било чест ако нивниот престолонаследник бил роден во Македонија. Воедно Браун за Македонците вели дека биле пријателски расположени кон странците. Следи цитат од неговиот патепис: “Стигнавме до Монастир (Битола, з. м.), кој е голем град со многубројно население, кое е пријателски расположено. Се зборуваше дека жената на султанот, која беше во Лариса и која набргу требаше да роди, сака да дојде во Монастир за да роди. За таа цел беа направени потребните подготовки. Турците, кои имаа високо мислење за Александар Велики, се радуваа ако во Македонија им се родеше еден од синовите на империјата”. (академик Александар Матковски: “Македонија во делата на странските патеписци 1371-1777”, Скопје, 1991, стр. 570). И во Пакистан Александар Македонски се смета како една од најзначајните историски личности во пакистанската историја, заедно со бројни султани, шахови и ханови. Тој овде е познат под името Сикандер-и-Азам. Во чест на Александар Македонски во исламскиот ономастикон до денес постои неговото име, иако во малку изменета форма и во неколку варијанти (Искендер, Скендер, Сикандер и други). Впрочем, во ова нема ништо чудно ако се знае дека многу христијански, муслимански, па и еврејски имиња всушност имаат ист корен, т.е. се работи за потполно истите имиња, кои само се различно транскрибирани. Така, на пример, старозаветниот пророк Мојсие е спомнат и во Кур'анот, но под името Муса, Ное е Нух, Исус е Исо, Марија е Мејрем, Јосиф е Јусуф, Аврам е Ибрахим, Ева е Хава и така натаму. Во врска со влијанието на Македонците во исламската култура авторот Ц.Х. Бекер дури смета дека исламска цивилизација немало ни да постои доколку не биле Македонците. Во своето дело “Der Islam als Problem” (Der Islam I, 1910, стр. 15), тој пишува: “Без Александар немаше да има исламска цивилизација”. |