|
|
| Биографија на Драган Богдановски |
|
Потекнува од фамилија со патриотски корени (дедото на Драган е илинденец-комита во четата на Атанас Бабата). Драган, основно училиште завршува во родното село, а средно образование во Куманово и Битола. Во 1948 год. се запишува на факултет за Земјоделство и Шумарство во Белград. Во Белград уште во третиот семестар од студиите се пројавува како иницијатор за формирање на „Македонски студентски клуб„за која активност лежел 4 месеци во затвор. Драган по излегувањето од затвор бил исклучен од факултетот, без право на упис на било кој факултет во Југославија. По забраната да студира во Југославија, заедно со неколку студенти во 1950 год. кај Гевгелија ја преминува границата кон Грција. Кон крајот на 1950 год. заминува за Јужна Америка, во Аргентина и Бразил престојува се до 1954 год. Од Јужна Америка заминува за Франција. Во Париз, на Сорбона, се запишува на факултет за политички науки и журналистика После кратко време, во Париз со негови истомисленици ја формира организацијата „Македонски национален фронт„ и издава весник„Македонска искра„. Од овој весник успеваат да излезат само неколку броеви. По интервенција на Грчката амбасада во Париз, Француската влада го забранува овој весник како националистички и антигрчки. Во 1958 год. се жени со Брита, ќерка на тогашниот главен архитект на Осло, заминува да живее во Норвешка. Драган со Брита има два сина, Пер-Арне и Иван. Во истата година Драган издава повеќе весници, списанија и книги. Во Осло го издава списанието „Македонска лоза„ и „Слободна Македонија„ потоа го печати весникот „Македонија„ и списанието „Македонска нација„. Во 1963 год. се формира македонската организација ОКМ (Ослободителен комитет на Македонија). Во 1972 год. ОКМ, се трансформира во ДООМ (Движење за ослободување и обединување на Македонија). Драган беше претседател на ДООМ до 1977 год. ДООМ беше активна кон македонците кои по 60-те години масовно ја напуштаа својата татковина од економски или политички причини. Драган и другите членови и симпатизери на ДООМ многу брзо наидоа на проблеми со тогашната УДБА. Во Минхен, од страна на УДБА, беше убиен секретарот на ДООМ, Благој Шамбевски. Благој Шамбевски беше убиен во хотелот во кој работеше, убиен беше во соба со тврд предмет. Исто така во Минхен, УДБА организира кражба на кириличните слова и беше искршена печатницата, во која се печатеше списанието „Македонска нација„. Печатницата ја демолира еден, денес почесен граѓанин на нашиот главен град, сопственик на печатницата беше Украинец. Во 1977 год. Драган Богдановски, како претседател на ДООМ е киднапиран во Париз и доведен во Југославија. Него го киднапираат припадници на УДБА кај друг член на ДООМ. Драган бил поканет во стан на гости кај Македонец, удрен со тврд предмет по глава, онесвестен и со дипломатско возило бил пренесен во Љубљана, а подоцна во Скопје. За време на префрлањето до Југославија, Драган бил во бесвесна состојб Со врзани очи бил одведен во полициски објект во близина на Македонски Брод каде што бил под истрага 18 месеци. Во Македонски Брод бил чуван, врзан со ланци на нозете. Судскиот процес против него бил организиран зад затворени врати, без присуство на јавност. На тој процес Драган беше осуден на 13 години. Во Идризово издржува 11 години затвор. Во 1988 година, по излегувањето од затвор извесно време живее во Скопје, а по добивањето на патна исправа заминува, прво за Берлин а потоа во Шведска. Во април 1990 година Драган Богдановски од Шведска доаѓа во Берлин. Тој не запозна за идејата, дека има подготвено програма и статут на партија која треба да се формира во Македонија. На првиот состанок во ресторанот „Ново Скопје„ во Берлин, учествуваа: Драган Богдановски, Гојко Јаковлески, Стево Доневски-мајка, Мане Јаковлески, Ванчо Механџиски-новинар, кој престојуваше на гости кај Гојко Јаковлески. На овој состанок беше цврсто договорено за формирање на партија. Драган не информираше дека има неколку луѓе во Македонија кои се подготвени, со поддршка на македонците од дијаспората, да започнат активност за формирање партија во Македонија. На средбата во Берлин исто така беше договорен начинот на финансирање на партијата. По состанокот во Берлин, Драган Богдановски и Гојко Јаковлески заминуваат на друг состанок во Минхен. На состанокот што се одржа на почетокот на јуни 1990 година во Минхен, од Македонија присуствуваа: Љупчо Георгиевски, Борис Змејковски, Владо Транталовски-татко на Дијана Транталовска. На состанокот во Минхен беше одлучено, предложеното име од страна на Драган, партијата да се вика ДПМНЕ, да се додаде и придавката ВМРО. На овој состанок беше исто така договорено за програмските содржини и цели на партијата,за датумот на Основачкото собрание, и за начинот како да се шират Вмровските идеали меѓу македонското население. На делегацијата од Македонија им се даваат материјали: програмски цели, изборна програма и проглас, и три брошури од Драган Богдановски. На 17.Јуни.1990 год.се одржа Основачкото собрание на ВМРО-ДПМНЕ во Домот на млади 25 мај во Скопје. На основачкото собрание во Скопје Драган неможеше да присуствува затоа што не поседуваше Југословенска патна исправа. Веднаш по доаѓањето во Берлин, по излегувањето од затворот Идризово ја искина со зборовите: „Јас нема да ја носам оваа патна исправа затоа што не е Македонска„. На Основачкото собрание во Скопје, говореше првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски. Првиот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Борис Змејковски го прочита прогласот за формирање партија. Реферат во името на емиграцијата прочита Гојко Јаковлески од Берлин. Со поздравни говори Основачкото собрание го поздравија: Стојан Ковачев од Париз, Дане Поповски од Чикаго, Душко Дојчиновски од Сиднеј, Јордан Груев од Мелбурн и Панде Мицев од ОМО „Илинден„ од Пиринска Македонија. По формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, партијата со голема брзина почна да формира комитети по сите градови низ цела Македонија. УДБА и тогаш го попречуваше ширењето на партијата во Македонија. И покрај тоа ВМРО-ДПМНЕ беше масовно прифатена од Македонските граѓани, а најмасовно од младите. УДБА правеше списоци за ликвидација на активисти и основачи на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се заплашат граѓаните, но без успех. Заканувањата на УДБА само ги охрабри луѓето повеќе да издржат во понатамошните активности. За масовно организирање на комитети низ цела Македонија, мора да се напомене дека најголема заслуга има, тогашниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Борис Змејковски. На 6 и 7 април 1991 год во Прилеп, на првиот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Богдановски е избран за почесен претседател на партијата. Во септември 1991 год. во Берлин, се одржа првото советување на македонците во дијаспората. На тоа советување присуствуваа преставници од Европа,Австралија,Канада,Америка, Пиринска и Егејска Македонија. На советувањето се донесе одлука, да се формира Задграничен комитет на ВМРО-ДПМНЕ. За претседател на Задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ беше избран Драган Богдановски. На крајот на 1993год. доаѓа до разделување со Љупчо Георгиевски. Драган Богдановски умира на 31.05.1998 година во Копенхаген, Данска, на пат од Шведска за Берлин. Погребан е во присуство на фамилијата и најблиските во Куманово на 01.08.1998 год. Македонска нација |
Драган Богдановски е роден на 18 септември 1929г. во Клечовце, Кумановско, Почина во Копенхаген, Данска, во месец мај, 1998г, погребен е во Куманово, на 1 август 1998.














