|
|
| Човечки принципи и идеи за вистински мир меѓу народите |
Нa 1 октомври 1980 г. излегува првиот број на весникот „Народна волја“. Таму, во далечна Австралија, во градот Сиднеј, на овој ден слободољубивите македонски патриоти Александар Христов, Крсто Енчев, Ангело Вретовски, Георги Чочков, Митре Мојсовски и други ги поставија темелите на едно вистинско големо историско и свето дело за македонската национална кауза – создавањето на македoнското издание.Многу имаме пишувано во изминатите години за весникот „Народна волја“, особено при годишнините од неговото излегување, или при злобните и глупави обиди да биде оцрнет и запрен. И во иднина нема да ги премолчуваме реакциите на бугарските печатени медиуми, радиjата и телевизиите, а ќе војуваме за општочовечките хумани принципи и прогресивни идеи кои со мајчинска љубов ги има прегрнато весникот.
Уште во времето на своето прво појавување во Бугарија, во Благоевград, во април 1992 г. медиумите во земјата со голем гнев започнаа да истураат безочни клевети и лаги против весникот. „Народна волја“ им стана трн во очите на бугарските ултранационалисти. Тие не очекуваа овде таков весник. Збеснаа од омраза. Тие, кутрите, не беа навикнати некој да им ги покажува подмолните и нечисти дела и веднаш се нафрлија како подивени врз него, залепувајќи му валкани и лажни етикети, како „антидржавен“, „антинароден“, „антибугарски“ и си во таа насока. Специјалните бугарски служби и обвинителството ја активизираа својата дејност, стигнувајќи дури дотаму што весникот на два пати беше конфискуван без никакво законско право.
Нападите врз весникот не одговараа на вистината, зашто основната идеја, принципите и целите на „Народна волја“ имаат отворен, прогресивен карактер. Зашто ние секогаш сме изјавувале дека се бориме за јасни добрососедски односи, при што сите спорни прашања останати од минатото ќе треба да се решаваат преку дијалог, без закани и диктат, искрено, без да се засегнуваат националните интереси на некого.
Весникот „Народна волја“ секогаш изјавувал дека се бори против нацоналшовинизмот од каде и да доаѓа тој, и докажувал дека национализмот е најголемото зло за сите народи, и дека тоа важи и за бугарскиот народ. Еве зошто ние секогаш ќе ги разобличуваме со факти и документи сите псевдоисторичари и мегаломани, државници и политичари, кои занесени во своите фатаморгани за голема Бугарија, арогантно и бесрамно повторуваат пред својот народ и пред светската јавност дека македонска нација и народ не постојат. Нашата борба е праведна, зашто ние Македонците имаме секоја основа да ги бараме своите права и слободи. Тие наши права и слободи Бугарија е должна да ни ги гарантира согласно Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, којашто таа ја има потпишано, и согласно Меѓународната повелба за правата на човекот, како и по многу други меѓународни договори и документи. Овие наши барања не ги нарушуваат бугарските интереси – ние не ги негираме бугарскиот народ и држава. Напротив, секогаш сме работеле за меѓусебно почитување и создавање на искрени пријателски односи меѓу двете земји и за почитување правата на малцинствата.
Треба да се разбере еднаш и засекогаш дека македонски народ и нација има, дека македонска држава има, и таа се вика Република Македонија. Нека сите соседи на Македонија, кои болуваат од свои мераци по неа, да разберат дека обидите за освојување на Македонија ќе ги стигне злосреќната судбина на поразот. Денес Република Македонија е реалност, таа се прероди, таа е жива и ќе биде вечна.
Истакнувајќи ги идеите за добрососедство и пријателски соживот меѓу соседите, ние веруваме дека ќе можеме да помогнеме за реализирањето на овие идеи, а тоа ќе биде од корист и во интерес на сите народи.
Истакнувајќи ги вечните човечки стремежи, верувајќи во нивното мирно реализирање, „Народна волја“ најде свои читатели во Бугарија, Балканот, САД, Канада, Австралија и други места и по светот.
Како што спомнав уште на почетокот на статијата, родното место на весникот „Народна волја“ е градот Сиднеј, Австралија. Сега, во овој момент, кога ги пишувам овие редови, можам со големо задоволство, радост и среќа да соопштем за постигнатата долгорочна спогодба со Македонската православна општина од Сиднеј за заедничко издавање и долгорочно финансирање на „Народна волја“. Со тоа општината станува коиздавач и генерален покровител на весникот. Информирајќи ги нашите читатели и пријатели за чудесната спогодба истовремено ја користам можноста да ја искажам својата и на редакцискиот колегиум голема благодарност на раководството на општината и на нејзиниот претседател Игор Александров, на сите македонски браќа и сестри од Македонската православна општина во Сиднеј што ја подржаа оваа македонска патриотска идеја. По повод оваа спогодба меѓу весникот „Народна волја“ и Македонската православна општина од Сиднеј, пред некое време ја дадов следната изјава:
„Пред својата 30-годишнина весникот „Народна волја“ завршува еден непредвиден циклус – започнат во 1980 г. во Сиднеј, Австралија, а продолжен во Пиринскиот дел на Македонија, со тоа што по скоро три децении борба се враќа под покровителство на Македонците во Сиднеј. Одлуката на Македонската православна општина од Сиднеј да го финансира единствениот македонски весник во Бугарија може само да и служи за чест. Постигнатaта спогодба со која тaa станува коиздавач на весникот ни овозможува поспокојно да гледаме кон иднината и подобро да ги искористиме нашите сили во борбата за нашите права во Бугарија и за вистината“.
И ТАКА, весникот „Народна волја“ на 1 октомври 2009 г. наврши 29 години. Години на борба за извојување на нашите природни човекови права и слободи во Бугарија. Години во кои секогаш ги убедувавме и уверувавме со своите принципи, цели и идеи бугарската и светската јавност, дека ние, Македонците, сме за вистински мирни, пријателски, добрососедски односи меѓу народите. Тоа беше историската благородна мисија на весникот во сите овие години и таква ќе остане, верувајќи дека ќе помогнеме за просперитетот, стабилноста и разумниот соживот на народите на Балканот, Европа и светот.
![]() Јан Пирински |

Нa 1 октомври 1980 г. излегува првиот број на весникот „Народна волја“. Таму, во далечна Австралија, во градот Сиднеј, на овој ден слободољубивите македонски патриоти Александар Христов, Крсто Енчев, Ангело Вретовски, Георги Чочков, Митре Мојсовски и други ги поставија темелите на едно вистинско големо историско и свето дело за македонската национална кауза – создавањето на македoнското издание.



























