|
|
| НА ПАТ БЕЗ ВРАЌАЊЕ ОД ЕГЕЈ – ТАЖНО НО ВИСТИНИТО (10) |
|
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Зимата ја поминав дома, помагајќи му на татко Стефо околу стадото овци, кое остана многу мало. Во средината на март 1948 година, една голема група од околу 100 деца се собра кај црквата и си замина од селото. Следниот ден како да немаше деца со кои би си играл. По неколку денови слушнавме дека во соседното село Куманичево дошла војска од Костур и ги собрала деца. Така почнаа пак да се собираат деца пред нашата црква. И јас отидов таму со торба на рамо. Таму се задржавме кратко време, а потоа со највозрасната девојка, Тана Сугарчева, која беше поставена за одговорна на групата, тргнавме кон Св. Илија и преку селото Олишта стигнавме во манастирот Свети Врач. Бевме група од 17 деца. Во еден момент видов дека таму дојде мајка ми Јана. Мајка ми ме молеше да останам, да не бегам, туку да се вратам во селото, ќе ми купела други гулаби. Но, јас и´ одговорив не и не, и дека јас одам со другите деца. Тогаш имав дванаесет години и не знам како не ме зедоа со сила назад во селото. Преку селото Черешница стигнавме во селото Блаца, а оттаму во големото македонско село Вишени, од каде што почнавме да патуваме само ноќе, а денот го минувавме засолнати во шумите. Кога стигнавме во селото Желево, првпат спиевме една ноќ во куќи, а утредента, кога падна мрак, тргнавме кон Долна Преспа. Ноќта по патот видовме многу товарни камиони, кои од Југославија носеа оружје и храна за партизаните на ДАГ. Кога стигнавме на тогашната грчко-југословенска граница уште беше ноќ, а кога се раздени, од левата страна го видовме Преспанското Езеро, за кое не ни знаевме дека е езеро. Пред да ја преминеме границата во пределот кај селото Герман со Долно Дупени, ни рекоа сите торби да ги оставиме таму а тие ќе ни ги донеселе подоцна, нешто што никогаш не се случи. Децата прогонети од Егејска Македонија Денски стигнавме во селото Љубојно, што беше полно со деца-бегалци од многу македонски, егејски села. Ги сретнавме и децата од Загоричани, кои порано го напуштија селото. Тие ни рекоа дека се многу гладни и дека ретко им давале нешто да јадат. Така и ние станавме гладни и полни со вошки. Одевме од куќа до куќа да питаме нешто за јадење, но ретко ни даваа по некое јаболко. Дури, одевме да питаме и во соседното село Брајчино, но без многу успех. Јас на две други деца од првата група од нашето село им предложив да се вратиме назад во Загоричани. Им реков, ќе одиме покрај водата и ќе стигнеме во Желево, но тогаш не знаев дека езерото не се простира до село Желево. Тие се согласија и ние тргнавме. Оддалеку, близу до границата, видовме вооружени војници. Кога сфативме дека се приближуваат кон нас, ние се скривме зад една капина; но многу бргу нè најде едно куче и почна да лае. Кога стигнаа војниците, нè прашаа каде сакаме да одиме. Јас им одговорив: - Дома, во нашето село. Но, тие нè вратија назад во Љубојно и нè прашаа кој бил организаторот за нашето бегство. Двете мои другарчиња во еден глас кажаа дека тоа сум јас, иако бев најмал од тројцата. Кога стигнавме сретсело, ни рекоа да си се вратиме во куќата кај другите деца, а мене ми напомнаа дека затоа што имам двајца браќа партизани сега нема да ме тепаат, но ако ова го направам повторно, нема да ми простат Утредента стигнаа запрежни коли полни со јаболка, меѓу кои многу беа веќе скапани, но за нас претставуваа голема радост и почнавме да јадеме со големо задоволство и наеднаш сè се смени околу нас. Нашата група беше составена од седумнаесет деца и сите нè сместија во една запрежна кола и нè однесоа на Битолската железничка станица. Таму нè внесоа во вагони во возот што беше поставен на железничката станица, но за мене немаше место во вагонот, па ме ставија во вагонот каде што го ставаа багажот, па за време на целото патување таму спиев. Патувајќи со возот по железничката линија, наеднаш стана ноќ, па се исплашивме, зашто не знаевме дека сме влегле во тунел. По кратко време, повторно излеговме на виделина и се успокоивме, а возот сè повеќе и побрзо грабаше од просторот, носејќи нè во непознати предели и во неизвесност... По долго патување, придружено со трускање и чкрипење на железните тркала, стигнавме на една голема железничка станица – тоа беше Скопје. Тогаш јас видов како неколку жени доаѓаат кон нас и ни донесоа какао, што ни го служеа во чаши. Кога се напивме топло какао, преполниот воз пак, тргна. Така дење-ноќе патувавме, но никој не ни кажа каде патуваме, а се прашував – каде одиме? Кога стигнавме во Будимпешта, во Унгарија, беше ноќ и тогаш во далечината, по малите ридови, видов безброј светилки. Помислив дека и тука има војна, зашто не знаев дека сме стигнале во еден голем град со многу светилки. Светилките беа од другата страна, по високите ридови на градот што се вика Будим. Тогаш не ни сонував дека по шеесет години, токму таму, во Будим, ќе имам сопствена клиника за пресадување коса… Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |



























