|
||||
| Претседателот Иванов на аудиенција кај папата Бенедикт Шеснаести |
|
- Ние како државна и црковна делегација дадовме највисоко значење на ова и на тој начин ги продолжуваме овие традиции меѓу Светиот Престол и Македонија и ја негуваме оваа взаемна почит, рече Иванов. Како што јави известувачот на МИА, претседателот посочи дека папата Бенедикт Шеснаесети е посебно импресиониран од тоа што Македонија е позната по верската толеранција и почитување на различностите. Римокатоличкиот поглавар, како што рече претседателот Иванов, е добро упатен и во состојбите на нашата држава и притоа се интересирал до каде е проблемот за името со Грција. Токму затоа станало збор и на тет-а-тет средбата на претседателот со папата кој сакал да дознае повеќе детали. На ауденцијата претседателот Иванов на папата му подари бронзен релјеф со библиска тема, а тој му возврати со златен медалјон од Понтификатот. - Папата беше воодушевен, а неговата елаборација за подарокот импресивна за тоа како изгледа тоа дело, рече Иванов. Релјефот е тежок 250 килограми, изработен од македонскиот скулптор Маријан Камиловски, а излеан во Фиренца. Темата е инспирирана од сон на Свети Павле кога му се јавува Македонец и го повикува да дојде во Македонија. На тој начин, појаснува скулпторот, христијанството преку Македонија почнува да се шири во Европа. Ова е втора средба на претседателот Ѓорге Иванов со папата Бенедикт Шеснаести за еден месец. Првата беше по повод беатификацијата на папата Јован Павле Втори. Во Ватикан претседателот Иванов денеска имаше средба и со кардиналот Франческо Монтеризи. На аудиенција кај папата присуствуваа и министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и заменик директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Антон Серечи, митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар и митрополит европски г. Пимен, како и бискупот скопски и апостолски егзарх Киро Стојанов. Владиката Петар рече дека МПЦ и Ватикан ги врзуваат повеќе релации меѓу кои е и чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј. Она што е важно за денешно време, како што посочи митрополитот Петар, е фактот што папата и Ватикан даваат поддршка и можност наши дипломирани студенти да доаѓаат на постдипломски студии на Универзитетот „Грегоријана“ во Рим за што искажа благодарност и упати поздрави од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Попладнево, според програмата, македонската делегација во придружба на кардиналот Франческо Монтеризи ќе ја посетат базиликата „Сан Паоло“, каде ќе положат цвеќе на гробот на Свети Павле, а вечер, во рамки на културните содржини на манифестацијата, во театарот „Де Серви“ ќе се изведе претставата за Мајка Тереза, насловена „Светица на темнината“. |




Ватикан уште еднаш ја изрази поддршката кон нашиот народ. Македонија по 43. пат ја продолжува традицијата на чествувањето на сесловенските просветители Кирил и Методиј што папата Бенедикт Шеснаесети особено го потенцира како и значењето за ширењето на христијанството, изјави претседателот Ѓорге Иванов денеска во Рим по приемот од поглаварот на Римокатоличката црква во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.


















