Среда, 10 Ноември 2010    PDF Печати Е-пошта
Големата битка меѓу Римјаните и Македонците, во 197 год.пр.Хр.

проф. д-р Георги РАДУЛОВ

Perseus_of_MacedonСо засилувањето на Рим и свртувањето на неговиот поглед кон исток, започнуваат тешки десеттолетија за со векови изградената македонска држава. Тоа е времето на царевите Филип V и неговиот син Персеј.

Не ни е позната причината за започнување на Првата Римско-македонска војна.  Дали причината е во вклучениот договор меѓу Ханибал и Филип V, или нешто друго, не е јасно. Можно е договорот да е склучен откако војната започнала.

Првата и Втората Римско-македонска војна се водат од таткото на Персеј-Филип V.

Првата Римско-македонска војна завршила без победа на која било од  завојуваните страни. Склучен бил мировен договор според кој секоја од завојуванитѕе страни се задолжувала да ги почитува сојузниците на другата.

За време на Втората Римско-македонска војна (200-197 г.пр.хр), сојуз со Римјаните склучиле и други непријатели на Македонија- Дарданите и Илирите (10,с. 14).

Големата битка меѓу Римјаните и Македонците, станала во 197 год.пр.Хр. Римјаните биле предводени од полководецот Фламинин. Битката се водела кај Кинос, Кефалос (Кинокефала). Тука Македонците претрпеле пораз. Филип V побарал мир. (Апијан, л.2.с.319). И Рим, исто така имал причина да склучи мир. Во Рим и во Италија имало епидемија, а покрај тоа, на север од реката По востание кренале галските племиња (8.с.91.).

Мирот бил склучен со незгодни услови за Македонија: Како воени расходи на Римјаните да им плати 200 таланти; да им даде заложници меѓу кои и синот на Филип, Димитар.

Римскиот Сенат  сметал дека условите се многу меки и посакал дополнително да бидат ослободени сите грчки градови кои се наоѓале под власта на Македонија; македонските гарнизони да се повлечат од Грција; да се предадат сите кораби, освен еден со 6 редови весла и 5 покриени кораби; Македонија да плати 500 сребрени таланти (според Полибиј, л.12,с.481, 1000 таланти, од кои 500 веднаш, а останатите за време од десет години); да ја скрати армијата на 5000 војници и да им ја признае слободата на грчките градови. Филип ги прифатил тие услови.

По војната Македонија засилено ги разработувала златните наоѓалишта (рудници), создавала резерви од воени материјали и житарици. Презела решителни мерки за зацврстување на своите северни граници. Доживеала стопански напредок. Извезувала големи количини дрвен материјал, сол и метали. Касата на Филип била полна.  Тој не мислел да војува со Римјаните, но во Рим се ширеле гласови дека се готвел за војна. Им напишал писмо во кое пишувало дека, ако се тие вистински сојузници, треба да претпочитаат еден силен сојузник. Но, тие аргументи не извршиле влијание врз Римјаните. Тогаш Филип V го испратил синот Димитар да ги демантира распространетите антимакедонски гласови. Римјаните го пречекале Димитар со големо внимание и почит, но кон пораките на Филип V се однесле со недоверба. Во тоа време се зборувало дека од врвот на Стара Планина, се гледаат истовремено Јадранското море, Црно Море, Дунав и Алпите. Филип V, иако доста возрасен тргнал кон Стара Планина за да направи план за војна со Рим. Тој со себе ги водел и своите два сина - Персеј и Димитар. Подоцна решил да го врати Димитар во Пела. Персеј помислил дека татко им е повеќе приврзан кон Димитар и на својот придружник му порачал да ги дознае тајните намери на брат му. По наговор на Персеј против Димитар било исфабрикувано обвинение дека сака да пребегне кај Римјаните. За да поверува царот (Филип V) на тие гласини, Персеј, преку свои луѓе, подготвил и испратил фалсификувано писмо од римјаните до Димитар. Сето тоа било направено така,  писмото да падне во рацете на царот. Пратениците биле фатени, писмото земено и предадено на царот. Персеј по втор пат пред татка си го обвинил Димитар дека сака, преку Пеонија да пребегне во Рим. Татко му поверувал во тие обвиненија против помалиот син. На Димитар му бил даден отров, но за секој случај бил и задавен. Така, тој бил ликвидиран без да е виновен.

Антигон Дозон, внук од брат на царот Антигон Дозон и голем пријател на Димитар, ја докажал неговата невиност. Тој успеал да го фати и да го распраша пред Филип V еден од учесниците во заговорот против Димитар. Така, стариот цар разбрал дека измамата била извршена од Персеј со фалсификуваното писмо на Римјаните до Димитар и за неговото  подло убиство. Персеј успеал на време да избега во Тракија. Се спасил од гневот на татко си. Филип многу тагувал за изгубениот син, кого многу го сакал.

Увидувајќи дека староста му напреднала Филип V решил да се погрижи за наследник  на престолот. Тој сметал дека најпогоден за тоа е младиот Антигон Дозон. Се обратил кон него со зборовите: ,,Антигон, бидејќи ме стигна таква судбина, бездетство, кое другите родители го проколнуваат. Со намера сум да ти го доверам царството, кое го добив сочувано дури и зголемено, под управа на твојот не само храбар туку и чесен чичко. Ти си ми единствен, за кого сметам дека е достоен да седне на македонскиот престол. Би претпочитал царството да загине и да исчезне, отколку да биде награда на Персеј за неговата непростива лага. Јас ќе поверувам дека Димитар воскреснал од мртвите и дека ми се врати, ако ти го заземеш неговото место. Единствено само ти жалеше за смртта на мојот невин син и за мојата несреќна заблуда”.

Додека Персеј престојувал во Тракија, Филип V ги обиколувал градовите низ Македонија и им го препорачувал Антигон на градските првенци. Починал во 178 година со страшни клетви против неговиот жив син Персеј.

Филип V починал кога неговиот грандиозен план за решавачка битка со Римјаните бил во завршна фаза. Тој ја беше подготвил и својата армија. Го поканил Келтското племе Бастрани да ги опустошат Дарданските земји и да се населат таму (северно од Македонија). Потоа, откако ќе ги остават жените и децата таму, заедно со другото Келтско племе -Скордисите да тргнат против Рим. Бастраните ја минале реката Дунав. Филип се беше договорил со Траките да им дозволи да поминат без да бидат обеспокојувани преку неговите земји. Но, со неговата смрт пропаднал и неговиот голем план.

Антигон Дозон ќе го земел престолот, меѓутоа лекарот на Филип V, Калиген, ја прикрил смртта на царот се до доаѓањето на Персеј од прогонство. Персеј го зел престолот. Го убил Антигон. Испратил во Рим пратеници за да го обноват пријателството кое постоело за време на татко му. Мировниот договор бил обновен.

Персеј ги чувствувал намерите и силата на големиот противник. Знаел дека Рим нема да се откаже од освојување на Македонија и тоа не ќе може да се спречи само со силна Македонска армија. Затоа продолжил со подготовките за војна, започнати уште во времето на татако му. Тие подготовки не останале незабележани од непријателите на Македонија, а најмногу од Рим кој многу живо се интересирал за се што се случувало тука. Римјаните гледале дека силата на Персеј брзо нараснува. Растревожени биле и од промакедонските настроенија што се појавувале и кај Грците. Елините ги мразеле Македонците кога тие владееле над нив, но кога на елинската земја дошле Римјаните, виделе дека тие не се подобри од Македонците. Римските полководачи и војници со своето држење предизвикале кај Елините да се појави омраза против Римјаните. Епир отворено се присоединил кон Македонија и заедно со Илирите формирале Антиримска коалиција.

Во 186 год. (посигурно е дека годината е 176), Дарданите испратиле во Рим пратеници за помош. Тие барале Римјаните да им помогнат против Бастраните кои, согласно планот на Филип V, требало трајно да се населат во нивните земји. Дарданите ги сфатиле Македонските планови и изјавиле во Рим дека Бастраните се помогнати од Македонија. Грците истотака изјавиле во Рим дека Бастраните би биле голема опасност за Грција ако се зацврстат во Дарданија (10, с.15).

Рим испратил пратеници во Македонија да се уверат на лице место за состојбите во неа. Тие пратеници откако дошле и виделе што се случува во царството на Персеј, се вратиле во Рим и известиле дека ја виделе Македонија ,,силно укрепена, доста вооружена, а младите се воено подготвени”. Воениот дух на Македонците бил висок. Покрај тоа Грците, кои порано се обраќале за помош до Рим, сега таква помош барале од Персеј. За помош кон Македонија се обратиле од Византион и Етолците и Беотијците.

Рим се исплашил од растечката моќ на Македонија и авторитетот на новиот цар. Сенатот решил да и објави војна. Како причина било искористено нарушувањето на договорот за мир од македонска страна. Против Персеј, пред Римјаните се претставил и царот на Пергам, Мала Азија, Евмен II.

Персеј го следел настроението во Рим. Кога разбрал дека таму се готват за војна против Македонија, испратил свои пратеници. Тие објаснувале дека Македонците ги почитуваат преземените обврски со договорот, но како сојузници сакаат да имаат силна држава. И покрај тие уверувања Римјаните и објавиле војна на Македонија. Консулот Публиј Лициниј Крас, наредил македонските пратеници да го напуштат Рим уште истиот ден, а Италија за време од три дена. (2,с.323). Со голема мака и опасност по нивните животи, македонските пратеници успеале да се вратат во Македонија. Таму тие известиле дека Рим ја објавил војната. Така започнала Третата Римско-македонска војна.

Римската војска пристигнала на Балканот предводена од Конзулот Публиј Лициниј Крас. Војната започнала во 171 год. пр.Хр. На територијата на Тесалија. Тесалија, како и многу други грчки области била сојузник на Рим. Римјаните не брзале да се сретнат со македонците на бојното поле. Тие долго ја одлагале решителната битка но разбрале дека  нивната бавност ги изложува пред нивните сојузници - Грците.

Македонските војски исто пристигнале во Тесалија, предводенои од царот Персеј. Решителната битка меѓу двете војски станала кај реката Пенеј (денес Саламврија), на околу 4,5 км од градот Лариса. Македонците ја разбиле римската армија. Оваа доживеала пораз и имала значителни загуби. Дури, според римските историчари, загубите на Римјаните биле многу поголеми од оние на Македонците. Според Тит Ливиј, од римјаните биле убиени 200 коњаници и не помалку од 2000 пешадинци (2,с. 168) и заробени околу 600 коњаници. Од Македонците загинале 20 коњаници и 40 пешадинци. Според Апијан, Римјаните  изгубиле 3000 души убиени и заробени (2,с. 342; 323).

После оваа сјајна победа Персеј испратил пратеници да им предложат на римјаните мир. Сметал дека како победени ќе направат отстапки и дека ќе може да се склучи мир што ќе биде попогоден за Македонија. Победените римјани помислиле дека тој ги исмејува и ги проучува на таков начин.

Војната меѓу Римајаните и Македонците се водела на живот и смрт. Против римјаните војувало и населението на одделни градови. Тит Ливиј опишува еден случај кога жителите на македонскиот град Ускана (се наоѓал кај Кичево или Дебар), со итрина го ликвидирале римскиот гарнизон што бил командуван од Апиј Клавдиј Центон. Кај него отишле известувачи. Кога ги распрашал за состојбата во градот, тие му претставиле таква слика за организацијата на одбраната со која тој стекнал убедување дека лесно ќе ја преземе Ускана и ќе може да ја ограби. Така подлажани Римјаните тргнале кон градот и се доближиле за време на ноќтта без да сретнат некаков отпор. Но, кај градот тие биле пресретнати од добро организирани војници и од мажите и младината на градот. Повеќе римски војници биле убиени, а останатите се спасиле со бегство.

Римската војска постојано била на границите на Македонија. Тоа им давало храброст и на соседите на Македонците. Во 170 г. Дарданците се обиделе да навлезат во Македонија, но војската предводена од Персеј ги разбила и протерала. Некои племиња, на пример Скордисите, застанале на страната на Македонците. Нивниот водач Гнатиј сакал да се ослободи од римската зависнот и склучил сојуз со Македонија (9,с.15).

Епирците војувале на страната на Македонија. Пријателски односи постоеле и со Тракијците. Освен Римјаните и Тесалијците, непријатели на Персеј биле и Илирите. Затоа, кога кон средината на зимата снегот ги направил непроодни планините кон Тесалија, Персеј решил да војува со Илирите. Во нивната земја имало и римски гарнизони. Персеј тргнал против Илирија и многу брзо освоил 11 тврдини и некои градови, заедно со римските гарнизони во нив. Римскиот легат на Илирија, Луции Целии, не смеел да изврши никакво разместување додека Персеј бил таму. Откако Персеј се повлекол во Македонија, се обидел да ја преземе Ускана. Одбиен бил од македонскиот гарнизон во градот. Се повлекол од Македонија и имал многу загуби.

Римјаните гледале дека ја губат војната со Македонија. Извршиле промени во командувањето. Во 169 година тоа го презел Гвинт Марсии Филип. Тој успеал незабележливо да го заобиколи силно укрепениот прохот Темпе (дн.Ликостомон, меѓу Олимп и Оса) и одненадеж да се појави на север од Олимп. Веста за незабележаното преминување на Олимп од страна на Римјаните силно го исплашило Персеј. До тој момент тој бил внимателен, расудувал сталожено и бил многу храбар во борбите. Оттогаш натаму неговото поведение од корен се променило. Тој станал жесток и непредвидлив. Започнал да прави глупости (Апиан, л.2,с.324). Кога се исплашил од Римјаните, им заповедал на двајца од неговите полководачи, Никеја и Андроник,  да ги фрлат неговите пари во морето и да ги изгорат корабите за да не паднат во рацете на непријателот. Натоварени со таква задача полководачите биле разумни. Тие верувале во можностите на македонската војска. Не ги фрлиле парите и не ги изгореле корабите.

Македонците успеале да ги задржат напорите на римјаните. Не ни е познат точно исходот од борбата. После оваа борба, Персеј ги убил Никеа и Андроник, бидејќи биле сведоци на неговиот страв. Се плашел тоа да не се расчуе меѓу полководците и војниците.

Во 168 г. царот на Скордисите, Гнатиј, потпомогнат од Персеј, навлегол во Илирија, која се наоѓала под римска власт.

Во овој  период напомош на Персеј му дошле 10000 Гети. Меѓу нив и македонскиот цар постоел договор тие да војуваат на страната на Македонците за пари. Но македонскиот цар не останал на зборот и со тоа силно ги разлутил. Од пријатели тие станале непријатели на Македонија. Од тој момент натаму среќата почнала да ги напушта Македонците. Римјаните на чело на својата војска поставиле ногу решителен и талентиран полководец - Емилиј Павел. Предводена од него војската настапила од Грција кон Македонија. Македонците се повлекле со намера да ги бранат планинските приоди кон Македонија.

Последната решавачка битка меѓу Луциниј  Емилиј Павел и Персеј, била кај Пидна (покрај дн.гр.Китрос), на 22.јуни 168 г. пр.Хр. Во таа битка македонските војски биле разбиени. Во таа и следната година Римјаните постепено ја завладеале цела Македонија. Во 167 г., со решение на Римскиот сенат,. таа е разделена на четири самостојни области-меридии (меридес).

Еве како поделбата на Македонија е опишана од Тит Ливиј: ,,Кога настапил денот во кој Емилиј Павел беше заповедал да дојдат во Амфиополис, по десет првенци од секој град и да ги донесат сите документи, било каде да биле сместени, дури и царските пари, тој се расположил со својот трибунал, заедно со десетте легати, среде голема толпа Македонци. Иако Македонците биле привикнати со неограничената царска власт (тука Тит Ливиј малку се занесува, бм), сепак трибуналот им ја претставил во страшен вид новата власт преку гласноговорникот, кое му  отварало пат, со посебниот опслужувач и со сето невообичаено за окото и увото, што можело да ги уплаши дури и сојузниците, а камоли непријателите. Кога гласноговорникот наредил тишина, Павел на латински соопштил што беше решил Сенатот и што самиот тој мислел по тој повод. Тие нешта преторот Гнеј Октавиј, кој бил таму, им ги соопштил преведувајќи ги на грчки. Пред се тој соопштил дека Македонците ќе бидат слободни, ќе ги имаат истите градови и земји, како порано, ќе се ползуваат со своите закони и ќе избираат свои магистрати.

Данокот на римскиот народ ќе му го плаќаат за половина помалу од оној што го плаќале на царевите. После тоа им кажал дека, Македонија се поделува на четири области... Едната, и тоа првата област, ќе била земјата меѓу Стримон и Нестус. Кон таа област ќе се присоединела од источната страна и земјата од другата страна на Нестус, каде што Персеј владеел со села, кастели и градови, со исклучок на Енос, Маронеја и Абдера, а оттаму на запад од реката Струма-целата Бисалтика со Хераклеја, која се вика Синтика. Втората област ќе била таа која се опколува на исток од реката Стримон, без Хераклеја, Синтика и Бисалтите, а од запад се граничела со реката Аксиј, на тој начин што кон неа се придодавале и Пеонците, кои живееле до реката Аксиј во источен правец.

Областа која ја оградувале реките Аксиј од исток и Пенеј од запад станувала трета; на запад од неа се испречувала планината Бора (Ниџе или Кајмакчалан). Кон неа се придодава и областа Пеонија која се простирала од запад покрај Аксиј. Градовите Едеса и Бероја влегувале во неа. Четвртата област била од другата страна на планината Бора, од една страна, соседна на Илирик, а од другата на Епир. Тој ги определил главните места каде ќе биле одржувани собранијата на одделните области. Во првата област,  за таа цел, го определил Амфиополис, за втората - Тесалоника, во третата - Пела, а во четвртата- Пелагонија. Заповедал таму да се определат собранијата за одржување во секоја област, да се носат даноците и да се избираат магистратите. После тоа изјавил дека, никому не му се дозволува надвор од областа во која живее да се жени или да тргува. Разработувањето на златните и сребрените рудници било забрането, а оние на железните и оловните рудници - дозволено. Сопствениците на рудниците се задолжувале со пловина од данокот што му го плаќале на царот. Внесувањето на сол, исто било забрането. На Дарданците, кои ја сакале Пеонија, зашто била нивна и се граничела со нивни земји, им одговорил дека им дал слобода на сите што биле под власта на Персеј. Кога не ја добиле саканата од нив Пеонија, им дал право да тргуваат со сол, на третата област и наложил да ја изнесуваат во Пеонскиот град Стоби и ја определил цената на солта. Им забранил да сечат или да допуштат други да сечат дрвен материјал за кораби. (Диодор по тој повод забележува: ,,На таков начин исто била премавната можноста некои повторно да се бунтуваат и да сакаат со тие доходи да го придобијат македонското царство” (2,с. 200)). На областите, кои биле соседни на Варварите, какви биле сите со исклучок на третата, тој им дозволил да имаат вооружено обезбедување на нивните надворешни граници.

,,Тие изјави по првиот ден на Собранието различно ги настроиле духовите. Од неочекувано дадената слобода и од намалувањето на годишниот данок биле охрабрени; но, кога во трговски однос била поделена областа,  Македонија им изгледала така распарчена, како животно расчеречено на делови, од кое имаат заедничка потреба едните од другите. Дотолку што и Македонците не знаеле колку била голема Македонија, колку била лесна за поделба и колку секој  нејзин дел бил  доволен за себе. Првиот дел бил населен со храбрите Бисалти-кои живеат од другата страна на Нестус и околу Стримон. Таа област е многу богата со плодови и метали и располага со удобностите на Амфиополис, кој е така расположен, што ја обградува од исток, од секаков пристап до Македонија.”

Од наведениот цитат се гледа дека Македонците биле оставени слободни. Римајаните биле добри политичари. Тие правилно ги оцениле особините на македонскиот народ. Знаеле дека еден народ, што владеел со голем дел од светот, не можел да трпи ропство и го оставиле слободен. Го оставија самиот да си избира управници,  и нешто повеќе Римјаните му ги намалуваат даноците на половина. Бидејќи Македонците, како победени, не очекувале таков однос, во првиот момент се израдувале.

Но, тоа што татковината им е поделена, многу брзо започнало да ги измачува. Македонскиот народ во тоа време е најсплотениот на Балканот, а можеби и во светот. Тој имал самочувство на господарски народ и ограничувањата што му биле наметнати во врска со поделбата на Македонија и другите забрани, му тежеле многу. Римјаните многу му ги поткастриле крилјата. Најнапред го ограбиле. Во трите дни на триумфот на Е. Павел, во врска со победата над Македонците, по улиците на Рим минувале ограбените: 1200 коли натоварени со оружје (штитови, шлемови, лакови, ремени и др.); 500 коли натоварени со слики, златни чаши, 220 вази, полни со сребрени монети (750 тројни таланти); 120 волови со позлатени рогови (за принесување на жртви и гозби); 70 садови полни со златни монети. За вредноста на плачката на Е. Павел, внесено во државната каса, можеме да цениме според кажаното од Плутарх дека ,,Немало потреба народот да плаќа даноци дури до времето на конзулите Хиртиј и Панс”, т.е дури век и половина. Освен покажанит и непокажаниот грабеж, Е. Павел собрал цели планини оружје, кое го изгорел во Амфиполис, пред очите на собраните претставници.

Му забраниле на македонскиот народ да добива злато, да гради кораби и други слични нешта, кои би му овозможиле економска и воена моќ. Но најмногу тие го поделиле. Бидејќи тој народ бил многу единствен, тие не му дозволиле да се чувствува како единствен организам, за да си ја осозне силата. За да не звучи кажаното како тврдење на занесен македонски шовинист, ќе цитираме две искажувања кои се однесуваат на ,,најдобриот познавач на историјата на елинизмот” (според Г. Кацаров, л.1,с.11) -Терест. Тој пишува дека ,,Доволно е да се фрли поглед... врз времето на Филип и особено на Александар и Дијадихите: насекаде ќе се забележи јасното сознание на Македонците дека се еден народ за себе, кој како таков, е предодреден да спечали слава и сила во светот” (1,с.21). Уште покатегоричен во тој однос е одличниот познавач на древноста U. Kohler (Г.Кацаров, л.1, с.28), којшто пишува: ,,Погорд и поосамосознаен народ од Македонците од времето на Александар можеби никогаш нема да постои”. Не ни е познато Римјаните така да поделиле други народи.

Знаејќи ја приврзаноста на Македонецот кон симболите на родината - царот, Римјаните ја истребиле царската фамилија. Персеј со трите свои деца (две машки - Филип и Александар, и едно девојче - Лариса) биле однесени во Рим. Заточени во градот Алаба Фученс. Според некои извори во затворот чуварите не му давале да заспие. ,,Штом ќе ги затворел очите, тие го буделе. Умрел од исцрпеност. Според други автори, не можејќи да се помири со сопствената судбина и со судбината на Македонија, тој одбил да јаде. Најсигурно умрел во 162 год. п.н.е. Римскиот Сенат му направил достоен погреб и му изградил гробница, која и до сега постои. (11). Неговиот син, Филип, шеснаесетгодишен, бил фрлен во затвор и по две години умрел (а може да бил и отруен) во градот Алба Фученс (2, с. 141). Не ни е позната судбината на Лариса. Најмалиот Александар станал писар во римската администрација.

Многу пати Македонците се обидуваат да се ослободат од римската зависност. Првиот голем обид е востанието во 148 година пр. Хр. Тогаш во Македонија се појавил млад маж, на чело на не многу голема војска, кој што тврдел дека е син на Персеј и законит наследник на македонскиот престол. Со малата војска тој дошол во источна Македонија, поточно во долината на реката Места. Така, за не многу долг период тој успеал да ја ослободи цела Македонија, од Родопите до Албанските планини. Се населил во престолнината Пела под името Филип VI. Започнал да ја утврдува Македонија. Ковал свои пари (13). Оспособувал своја војска и кроел планови за освојување на соседните земји. Најнапред се насочил кон Тесалија. Уплашени од тоа, Тесалијците се обратиле за помош кон Ахајскиот сојуз и кон Рим. Рим го испратил преторот Квинт Цецилиј со голема армија, против Македонците. Битката се водела повторно кај Пидна. Псевдо Филип, бил разбиен. Тој се повлекол со остатокот од својата војска кон Тракија. Собрал сили и повторно навлегол во Македонија. Во 146 година пр.Хр. неговата армија била разбиена, а самиот тој заробен и одведен во Рим. Таму тој бил казнет со смрт.

Во народните преданија, сочувани се кажувања за Филип VI. Се пренесува дека тој бил роден во село по долината на реката Места, кое според неговото име е крстено како Филипово.

Во различни краеви на Македонија се пее и песната,, Ми заспала Воденска кралица”, за која се смета дека се однесува на уништувањето на македонското царство по времето на Персеј.

 

Литература:

1.Кацаров, Гаврил I. Цар Филип II Македонски. ИсториÔ на МакедониÔ до 336 г. пр.Хр. Придворна печатница, 1922

2. Кацаров, Гаврил, и др. Извори за старата историја на Тракија и МакедониÔ. СофиÔ, печатница на БАН, 1949.

3. Jouguet P. Imperijalisme macedonien et I'hellenisatin de l’orient.Paris, 1926

4. MACEDONIJA, 4000 jears of greek histori and civilizasion. General Editor M.B. Sakellarion, EGDOTIKE ATENON S.A.,

 

На прво место

News image

23 октомври - Ден на македонската револуционерна борба

23.октомври 1893 -  Во Солун е основана  Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Ор...

Историја

News image

Македонија како римска провинција

Д-р  Иван Алексов ДОКУМЕНТИ ЗА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНЦИТЕ (од праисторијата до почетокот на 21 ...

Иселеници

News image

КОЈ Е ФОЛКРОРИСТОТ георги (ЏОРЏ) томов? (2)

Уметничкиот директор и кореограф на ансамблот “Томов” - ...

Култура и туризам

News image

ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИСЕЛЕНИКОТ ПЕТАР СТАМАТОВ ОД СМИЛЕВО (2)

ИСЕЛЕНИЧКАТА ФОНДАЦИЈА „ПЕТАР СТАМАТОВ“ НА УКИМ 

Фељтон

News image

ПОЧЕТОЦИТЕ НА ОСВОЈУВАЊАТА НА АЛЕКСАНДАР III МАКЕДОНСКИ (ВЕЛИКИ) – (5)

 Почетоците на освојувањата на Александар Македонски (Велики) се особено потенц...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.