|
||||
| Силна доверба од меѓународните инвеститори – успешно реализирано издавањето на 10-тата Еврообврзница |
|
Министерството за финансии успешно ја реализираше аукцијата за издавање на 10-тата Еврообврзница. Министерството одлучи да издаде еврообврзница со две транши од по 500 милиони евра – со рок од 4 години и со рок од 8 години. Издавањето на 10-тата Еврообврзница претставува еден од најзначајните економско-финансиски настани за државата на почетокот од 2026 година и јасен сигнал дека меѓународните инвеститори повторно ја препознаваат стабилноста, сериозноста и насоката на економските политики што ги води Владата преку Министерството за финансии. Фактот што Министерството за финансии успешно ја реализираше аукцијата со две транши од по 500 милиони евра – со рок на достасување од 4 и 8 години – сам по себе е показател за внимателно испланиран и стратешки пристап. Особено значајно е пласирањето на осумгодишна еврообврзница, бидејќи ваков рок последен пат беше постигнат пред повеќе од дваесет години. Тоа недвосмислено говори за довербата што инвеститорите ја имаат во реформските планови, фискалната дисциплина и среднорочната визија на Министерството за финансии. Реакцијата на пазарите беше повеќе од импресивна. Само еден час по објавувањето на почетните каматни стапки, побарувачката достигна околу две милијарди евра, а базата на инвеститори беше широко диверзифицирана – од Германија, САД и Велика Британија, до други водечки финансиски центри. Пред отворањето на американскиот пазар, интересот порасна на три милијарди евра, а по неговото отворање понудата ја надмина границата од четири милијарди евра. Ова ниво на побарувачка е редок и исклучителен показател за силната доверба во економската стабилност на земјата. Повеќе од 150 глобални инвеститори покажаа подготвеност да ја поддржат државата, што претставува конкретен и мерлив доказ дека фискалната стратегија не е само добро напишан документ, туку и препознаена политика на меѓународните пазари. Дополнително, каматните стапки од 3,875% за четиригодишната и 4,750% за осумгодишната транша се најблиску до референтната вредност на Еурибор во споредба со сите издавања во последните дваесет години – што значи поевтино задолжување и помал товар за идните генерации. Со внимателен избор на моментот за издавање и со соодветна структура на задолжувањето, Министерството за финансии постигна значително намалување на приносите, конкурентно дури и со земји кои имаат инвестициски кредитен рејтинг. Ова е особено важно во услови на глобална геополитичка нестабилност и макроекономска неизвесност, кога пристапот до капитал станува поскап и понеизвесен. Зад оваа успешна операција стои сериозна и темелна подготовка. Во последниот квартал од 2025 година Министерството интензивно ги анализираше пазарните услови, а во ноември во Лондон беше одржана презентација пред повеќе од 40 инвеститори. Во периодот од 11 до 12 јануари 2026 година беа реализирани средби со над 60 глобални инвеститори, меѓу кои и најголемите пензиски фондови и осигурителни компании од САД и Европската унија, со Bank of America како водечки координатор на процесот. Средствата од оваа Еврообврзница, планирана во Буџетот за 2026 година, ќе овозможат навремена исплата на Еврообврзницата издадена во 2020 година во износ од 700 милиони евра, како и финансирање на буџетскиот дефицит насочен кон развојни проекти. Тоа значи не само сервисирање на обврските, туку и инвестирање во економски раст. Особено значајно е што државата стана прва во регионот и прва надвор од Европската унија која излезе на меѓународниот пазар на капитал во овој период, што дополнително ја зацврстува нејзината позиција и кредибилитет. Ова издавање не е само финансиски потег, туку јасна порака дека одговорното и стратешко управување со јавните финансии дава резултати. 10-тата Еврообврзница е доказ дека кога постојат јасна визија, дисциплина и транспарентност, довербата од меѓународните инвеститори не изостанува – дури ни во најпредизвикувачки глобални услови. |





















