|
||||
| Зошто на СДС им пречи времената пауза на иселеничките визи? |
|
Очигледно е дека на СДС им пречи што Соединетите Американски Држави не издаваат иселенички визи во овој момент, иако токму тие со години водеа политики што ја туркаа Македонија кон масовно иселување. Денес, со доза на лицемерие, се обидуваат да глумат загриженост за граѓаните, додека свесно ја дезинформираат јавноста во врска со американската визна политика и шират непотребна паника. СДС повторно ја користи старата и веќе препознатлива матрица – манипулации, извртување на фактите и плашење на јавноста. Наместо одговорна и конструктивна опозиција, тие избираат да создадат лажна слика за наводни забрани, суспензии и санкции, иако ништо од тоа не е точно. Таквиот пристап не ѝ штети само на политичката култура, туку директно ја поткопува довербата на граѓаните и ја нарушува репутацијата на државата. Фактите се јасни и недвосмислени: не станува збор за забрана за патување, ниту за суспендирање или целосен прекин на визите за граѓаните на Македонија. Ниту е ограничен влезот во САД, ниту пак е воведена каква било санкција кон македонските граѓани. Станува збор исклучиво за временa административна пауза на постапките поврзани со иселенички визи, категорија за која и онака има најмал број апликации од нашата држава. Тоа значи дека туристичките, деловните, студентските и другите неимигрантски визи продолжуваат да функционираат без никакви ограничувања. Но СДС намерно ги меша поимите и категориите, свесно креирајќи конфузија, со цел да ја претстави државата како изолирана и казнета – наратив што им служи исклучиво за дневнополитички поени. Прашањето е логично и неизбежно: зошто на СДС им пречи времената пауза на иселеничките визи? Зарем не беше токму СДС таа партија под чие владеење Македонија стана држава од која масовно се иселуваат граѓаните? Зарем не беа тие години кога младите луѓе ја гледаа иднината исклучиво надвор од границите, а не во сопствената татковина? Сликите од тоа време се уште свежи во колективната меморија – полни автобуси што заминуваа во еден правец, без план за враќање. Цели семејства што ја напуштаа земјата во потрага по подобар живот, затоа што дома немаше перспектива, сигурност, ниту надеж. Под владеењето на СДС, иселувањето не беше случајност, туку последица на системски неуспех – економски, институционален и морален. Резултатот од тие политики денес е видлив на секој чекор: празни села, опустени градови и цели региони без млади луѓе. Училишта што се затвораат поради недостиг на ученици, цели маала во кои живеат само повозрасни граѓани и економија што ја губи својата најважна сила – човечкиот капитал. Тоа е вистинската демографска слика што ја остави СДС зад себе. И наместо денес да понудат искрено извинување или барем сериозна анализа за демографскиот колапс што го предизвикаа, тие повторно избираат да шират дезинформации и да создаваат паника околу теми што немаат никаква врска со реалноста. Наместо факти и одговорност, нудат манипулации и сензации. Затоа, ова што го гледаме денес не е грижа за граѓаните, ниту пак искрена загриженост за нивната иднина. Ова е продолжение на истата политика што со години ја празнеше Македонија – политика на бегање од одговорност и на злоупотреба на чувствителни теми за краткорочни политички цели. МН |




















