|
||||
| Зубовце традиционално го слави Василици |
|
Зубовце традиционално го слави Василици – празник на радоста, благословот и заедништвото Во духот на вековната традиција, македонскиот народ на 1 јануари според стариот, односно на 14 јануари според новиот календар, ја дочекува Православната Нова година. Овој ден, познат како Василици, носи силна симболика на нов почеток, благослов, здравје и бериќет, а во гостиварското село Зубовце празникот се одбележува со особена радост и гордост. Уште од раните утрински часови, селото оживува со гласовите на младите василичари. Тие, со насмевка на лицето, шетаат од куќа до куќа, носејќи ја пораката на празникот. Со песна, благослови и традиционални изреки, ги веселат домаќините и им посакуваат здравје, среќа, слога и напредок во новата година. Одекнува традиционалниот поздрав „Сура догодина повесели“, кој се слуша низ целото село и создава чувство на заедништво и духовна топлина. Според обичајот, домаќините ги пречекуваат василичарите со отворени врати и срце, дарувајќи ги со јајца, колбаси, пари и други пригодни подароци. Верувањето вели дека куќата која ќе биде посетена од василичари ќе има бериќет, мир и благослов во текот на целата година. Токму затоа, на Василици сите треба да бидат будни и подготвени да ги дочекаат младите чувари на традицијата. За зубовчани, овој празник не е само обичај, туку жива врска со предците, доказ за континуитетот на македонската духовна и културна традиција, која се пренесува од генерација на генерација. Жителите на Зубовце со право се горди на ова наследство, кое, како што велат, се негува од памтивек. Нивната порака е јасна и силна: минатото е важно, затоа што иднината зависи од почитта кон минатото. Токму празниците, обичаите и заедничките прослави најдобро ја покажуваат таа врска меѓу вчера, денес и утре. За многу години празникот Василици, со желби за здравје, мир и радост, и догодина уште повесели. АМИН!
|






















