|
||||
| Ѕверствата на грчките банди извршени во текот на 1912 и 1913 година |
|
Ѕверските постапки на грчките банди извршени во текот на 1912 и 1913 година, принудија околу 3/4 од Македонците од солунските села да ги напуштат нивните домови, нивните убави плодни места, каде од памтивек живееле тие и нивните дедовци и прадедовци и да се населат во разни краишта на Бугарија. Македонскиот револуционер и деец на Македонската револуционерна организација Божин Д. Проданов, во својот текст „Славјанските племиња "Камбарбаци" и "Долнополци" и прогонувањето од Белото Море“ („Македонска мисъл“ кн. 9-10, год. 1, 1946, Софија) говори за геноцидот кој Грците го вршеле врз македонскиот народ. За тоа што се случувало во овој период во убавото и плодно Солунско поле, наводнувано од реките - Галик, Вардар и Колудеј (Караазмак), како и на брегот на Белото Море, каде од памтивек живееле две славјански племиња Долнополци и Камбарбаци во 32 мали и големи села, Павлов ќе забележи: „ ..Камбарбаците и Долнополците по јазик и разните нивни обичаи (како на пример: пеењето песни на богот Додол во време на бездождие, пеењето песни за Лазаровден, играње "Русалии" со ножеви за собирање помош за добротворни цели, како и по многу други обичаи) си личат. Камбарбаците се разликуваат од Долнополците само по крупниот раст, со шарената носија и конзервативниот дух... Во духовен поглед речиси сите Камбарбаци беа екзархисти, а Долнополците - екзархисти, патриаршисти и малку униати. Како едните така и другите имаат свои цркви и училишта, во кои патриаршистите се учеа и молеа на грчки јазик, со исклучок на апостолните дела и евангелието, кои се читаа на македонско-славјанско (тамошно наречје), напишано со грчки букви. Селата во кои за првпат се отворени училишта на македонско славјанско наречје, уште пред ослободувањето на Бугарија, тоа се: село Топчиево, 25 км. северозападно од Солун и селото Додулари на 5 клм. северно од истиот град. Иницијаторите, Коста Мануков од селото Додулари и Давче од селото Топчиево, поради оваа дрскост, по поттикнување на солунското грчко духовништво, биле испратени на заточение во Мала Азија, каде К. Мануков лежел во затвор 7 години, а Давче бил ослободен порано поради ветување дека ќе го затвори славјано-македонското училиште во селото. Првиот бугарски учител во с. Додулари бил Димитар Мавродиев од селото Гајтаниново, Неврокопско, а во селото Топчиево - Петар Георгиев од село Зарове, Лагадинско. Подоцна освен во овие две села, македонско-славјански училишта се отворени и во селата: Ново-село, Градобор (Грдобор), Даутбал (Дубал), Арапли, Коритен, Нарш, Бугариво, Сармурово, Ватилак, Дрмица, Горно, Средно и Долно Куфалово, Илиџиво, Сараклово, Раме и Зорбатово, а во селото Јунчиите, при устието на реката Вардар - католичко училиште. Бидејќи земјата, каде што живеат овие две племиња, поради наноси на реките е многу плодна - таа обично дава две реколти годишно, тогаш и главното занимање на населението е земјоделството. Тука жнеат во месец Мај и веднаш потоа истите ниви се сеат со сусам, пченка и други летни култури. Освен со земјоделство населението се занимава и со сточарство. Тука во широкото Солунско поле се одгледуваат крупен и ситен добиток, без да се води поголема грижа за изхраната ниту лете ниту зиме, бидејќи храна има во изобилство како за крупниот, така и за ситниот добиток. Храна се складира само за работниот крупен добиток, а останатиот и лете и зиме е на паша. Освен со земјоделство и сточарство, населението во селата блиску до Солун, како на пример: во Ново-село, Грдобор, Арапли, Додуларе, Трите-ана, Арманќој, Текелиово и др. се занимаваат уште со градинарство и со млекарство. А пак населението во селата: Зорбати, Јунчиите, Коњари и Кулакија и со риболовство. Покрај тоа тука добро напредува: бадемите, смоквите, лозата, калинките (нар) и др. овошни дрвја и тоа при најслаби грижи. Но, и покрај овие поволни услови за живот, како што се ретки на земјата, населението во економски однос не беше во многу добро состојба поради тоа што, освен населението на 5 села, беше чифлигарско. А чифлигарите беа принудени да даваат половина од производството на својот труд на беговете, кои им ја заграбиа плодната земја со силата на јатаганите. Оваа состојба го измачуваше населението. Незадоволството против беговете постојано се зголемуваше и тие го бараа својот излез. Затоа, подоцна, со појавата на Револуционерната организација, која се бореше не само за политичка и духовна слобода, но и за економско подобрување на народот, Камбарбаците и Долнополците, а особено првите доброволно ги прифатиа нејзините принципи и херојски се бореа... Оваа борба, која почна тука уште во 1893 година и траеше до 1913 година, даде одличен резултат за духовниот развој и економското подобрување на населението. Економскиот подобрување се состоеше во тоа што беговете, под притисок на револуционерната организација, не можејќи да го задржат заграбеното земјиште, почнаа да ги продаваат на нивните вистински стопани, на оние кои ги работеле со векови и при тоа евтино. Борбата пак во духовен поглед ги даде овие добри резултати. Народот, издигајќи се умствено, сфати и го виде вистинскиот пат по кој треба да се оди за ослободувањето од духовното слепило во кое ги држеа Грците. Тоа воопшто не му се допадна на Турците и Грците од Солун и Атина, зашто видоа дека довчерашните нивни робови во економски и духовен поглед им се лизгаат од нивните раце. Ете зошто од 1904 до 1912 година почнаа заедничка безмилосна борба против се што е македонско-славјанско. Последиците од оваа борба за Камбарбаците, иако беа тешки и загубите во луѓе многу големи, сепак, тие успееја да издржат до крај враќајќи им на своите противници со истите мерки. Несреќата за Камбарбаците дојде по 1912 год, кога останаа под грчка власт. Грчките шовинисти, огорчени од неуспехот во минатото, сега, како господари, одлучија да ги ликвидираат омразените за нив македонски славјани ... во Солунско. А за спроведувањето на оваа пеколна замисла си послужија со крути, жестоки и нехумани средства.“ Проданов ни посочува уште неколку настани во кој грчките банди прават се да ги исплашат Македонците и да ги натераат да си заминат од своите огништа. Еве е неколку факти кој ни ги дава авторот: „1) Многу од првенците, на чело со свештениците и учителите како за пример поп Георги и Штерјо Атанасов од с. Грдобор. Стојан Ангов од с. Ватилак и многу други беа испратени на заточение во островото Трикери и др. острови каде многумина умреа. 2) Ичо Сиизов од село Грдобор беше заклан и исечен на стотици парчиња. 3) На Ив. Каравидов и свештеник Атанас поп Николов од село Бугариво им ги извадија очите, им ги отсекоа ушите и во таква жална положба ги водеа за да ги покажат пред македонско-славјанското население во неколку села со закана кон населението: "вашата судбина ќе биде иста ако во најскоро време не се иселите од тука! "- По тридневни маки, свештеникот и другарот беа убиени од грчкиот војвода Постолис со прекар Аркудас. 4) Десет лица селани од село Илиџиво, имено: Трајко Ропанов, Трајко Гемеџиев, Петар Велинов, Панде Чобанов, Мицо Дивинишов, Петар Бачоков, Атанас Андонов, Божин Наков и Георги Аризанов, беа заробени во текот на летната им полска работа, заврзани и заклани како јагниња. 5) Пет лица селани од село Горно-Куфалово, имено: Хр. Трајков Орешков, Атанас Наков, Атанас Мишев, Георги Мандулев и Гоно Узунов, одејќи со своите запреги за Солун беа застрелани од Грците меѓу селата Енгилиз и Текеливо. 6) Апостол Иванов (Талето), учител во село Ватилак, бил фатен, ограбен, мачен до лудило и на крај по наредба на истиот грчки војвода кој избоде очите на свештеникот Ат. поп Николов и на Ив. Каравидов, сега дал нова заповед: "учителот Апостол Иванов да биде закопан жив во земјата". Наредбата е извршена во земјата на село Сараклево, на десниот брег на реката Вардар во присуство на македонско-славјанско население од истото село Сараклево.“ Така со овие нехумани средства на грчките банди, извршени во 1912-1913 год, беа принудени околу 3/4 од Македонците од солунските села да ги напуштат своите домови, своите убави плодни места, крај Белото Море, каде од памтивек живееле тие и нивните дедовци и прадедовци и да се населат во разни краишта на Бугарија. (извор: „Македонска мисъл“ кн. 9-10, год. 1, 1946, Софија ) Македонска нација |




Ѕверските постапки на грчките банди извршени во текот на 1912 и 1913 година, принудија околу 3/4 од Македонците од солунските села да ги напуштат нивните домови, нивните убави плодни места, каде од памтивек живееле тие и нивните дедовци и прадедовци и да се населат во разни краишта на Бугарија.



















