Среда, 09 Декември 2009    PDF Печати Е-пошта
Александар Сариевски

Македонски музички гениј кој го плени светот со македонска песна

aleksandar-sarievskiСариевски, со својот уметнички профил и опус го вгнезди своето име во севкупната наша културна историја.

За сето свое шестдецениско уметничко живеење, Александар Сариевски испиша богати биографски страници, остави над 400 трајни звучни записи за Музичката продукција на МРТВ и за други дискографски продукции, кои вечно ќе припомнуваат за една неповторлива уметничка личност која даде огромен придонес во негувањето и афирмирањето на македонската фолклорна уметност кај нас и насекаде во светот.

Многумина се обидуваа да ја испеат легендарната песна "Зајди, зајди јасно сонце", но никој од нив не може да ја надмине интерпретацијата на генијалецот Александар Сариевски. Секако и песните "Дејгиди луди млади години", "Зајко кукурајко", "Абер дојде Донке од кулата", "Митро, Митро мори", "Абреј невесто, око калешо", "Седна баба да вечера"... ќе не потсетуваат на него како врвен естраден уметник кој со песна на цел свет му раскажуваше за неговата Македонија.

Извонредниот пејач и композитор на песни, Александар Сариевски (20 јуни 1922 - 19 декември 2002), e една од најголемите легенди на македонската музика. Роден во Галичник, средното образование го завршил во Скопје, кога и почнал да свири хармоника. Во 1946 во Македонското радио ја снимил песната „А бре невесто око калешо“, со што почнува неговата голема и исклучително богата музичка кариера.

Во своите песни ги опеал родниот Галичник, невозвратената љубов, печалбарството, а познат е и по многуте хумористични песни. Тој беше пејач за кој со право народот вели дека се раѓа еднаш во сто години и чии песни вечно ќе зрачат со својот сјај.

Сариевски е еден од основачите на ансамблот „Танец“ и постојано патувал низ светот во благородна мисија на ширење на приказната за оригиналниот македонски народен мелос. Сариевски е еден од најголемите амбасадори на автентичната култура на македонскиот народ. На првата турнеја од Ниш до Сплит тргнал далечната 1950 година и од тогаш постојано патувал низ светот во ширејќи ја приказната за македонската оригинална традиционална музика.

„Проскитавме со песната“, беа зборовите кои често знаеше да ги изговори неуморниот Сариевски, кој само во САД настапувал 15-тина пати, а не е претерано да се каже дека имал концерти на сите мердијани.

Македонската култура и македонската музичка сцена му е благодарна на Александар кој беше човекот што ги премости океаните и на сe македонско во светот со децении му носеше врска со родниот крај, а на далечните народи најубедливо им говореше за трајноста на македонското име и богатството на неговата културна ризница.

Со тоа Сариевски стана најголемиот амбасадор на автентичната култура на македонскиот народ, а во монографијата „Од Галичник до легенда - Александар Сариевски“, напишана од Кирил Тодевски на мошне убав начин е претставено што значеше Сариевски за Македонија, особено во музичкиот свет. Книгата изобилува со бројни "исповеди" на Сариевски инспирирани од неговите патешествија поткрепени со фотографии од почетокот на неговата музичка кариера, па се до денес.

НЕГОВАТА ПЕСНА

Авторот Кирил Тодевски монографијата ја започнува со изреката:"Ако сакаш поблиску да го запознаеш еден народ - чуј ја неговата песна". Понатаму во својот предговор вели дека "песната е најверен регистратор и толкувач на социјалните и историските премрежја во животописот на Македонецот. Таа е сенароден продукт, со децении и децении нејзината мело-поетска порака се пренесувала во устен пат, се збогатувала со инветивната дарба на анонимните песнопојци, кои заокружувајќи го овој природен процес, во аманет на својот народ му оставија непресушно духовно богатство”.

Извонредниот пејач, композиторот на песните за кои помладите мислат дека се народни, Александар Сариевски, беше и ќе остане една од најголемите легенди на македонската музика.

Доајенот на македонската народна песна Александар Сариевски почина во 81. година од животот.

Публиката и колегите го паметат по неповторливиот глас, по љубовта кон музиката и животот, посветен на песната.

Во последниве години, работејќи на монографијата "Од Галичник до легенда - Александар Сариевски", имав можност најдлабоко да навлезам во интимата на Сариевски и како човек и како уметник. Монографијата, која како автор ја доживеав како мало оддолжување за човекот што со својот глас и опус ја задолжи македонската култура, ќе биде уште еден прилог кон сознанијата за оваа уметничка величина. Тој беше пејач за кој со право народот вели дека се раѓа еднаш во сто години и чии песни вечно ќе зрачат со својот сјај - рече Кирил Тодевски, музиколог и автор на монографијата, која неодамна беше промовирана.

Пејачката Виолета Томовска, која речиси целиот свој живот се дружела со Сариевски и заедно оделе на турнеи низ цел свет, оценува:

- Тој ќе остане богато музичко наследство за идните генерации.

На неа се надоврзува пејачката Анка Гиева:

- Александар беше идол, историја, најдобар како музичар, пејач, колега, другар.

Интерпретаторот од помладата генерација Наум Петревски, кој отпеа повеќе песни на Сариевски, додава:

- Тој беше физички ситен човек, но со голема душа.

Сариевски ќе остане запаметен по песните "Зајди, зајди, јасно сонце", "Учи ме мајко, карај ме", "Јано мори", "Дејгиди, луди млади години", "Абер дојде Донке", "Зајко кукурајко", "Кандисал Ајредин паша" и многу други


АЛЕКСАНДАР САРИЕВСКИ Е СЕСТРАНА ЛИЧНОСТ

Покрај забележаните кажувања на Сариевски, авторот Кирил Тодевски во монографијата го има претставено и репартоарот кој опфаќа опус од над триста песни во кои се опфатени песни со најразлични содржински пораки односно песни во духот на традиционалната македонска мелодија,песните за неговиот роден крај Галичник од го својот чекор по врвиците на фолклорната уметност од родното село Галичник, од првите денови пред микрофонот на Радио Скопје, до челните редови на првата генерација на Ансамблот "Танец". Во неговиот професионален период тој ја има и функцијата - раководител на Оркестарот на народни инструменти на тогашната Радио-телевизија Скопје, тој е и рецензент продуцент за дискографската продукција на Радио-телевизија Белград до 1984 година, но како што повеќето го познаваат тој беше човек со немирен дух, човек со голем пејачки елан кој продолжи и понатаму да твори. Последните години од неговиот работен век Сариевски ги помина во знакот на самостојната уметничка дејност.


АЛЕКСАНДАР САРИЕВСКИ, ТЕШКОТО И ТАПАНОТ

Тешкото, секоја година се игра прво во Лазарополе, а не е истото она оро без тапанот на Александар Сариевски.

На печалба не се заминувало без "Тешкото", ,,Зајди зајди јасно сонце“, без ,,Параходот“

Приказната за "Тешкото" ја раскажува и "Танец"нашиот професионален државен ансамбл за народни песни и ора. На првата интернационална турнеја на "Танец" во Ланголен , Англија за првпат е изиграно орото пред светската јавност и во таа 1950 година "Танец" во Ланголен ја освојува првата награда . Учесник во првата изведба на "Тешкото" во светот бил и ненадминатиот и неповторливиот Александар Сариевски и тоа како тапанџија во оркестарот на "Танец".. Сега веќе покојниот доајен на македонската народна песна раскажувал дека деветмината играорци кога настапиле во Ланголен биле нервозни и на почетокот имало и моменти на трема се до моментот кога легендарниот и ненадминат ороводец на " Тешкото " , Дојчин Матевски се качил на тапанот . Сариевски кога ги видел лицата на исплашените и пребледнати јунаци , му рекол на Дојчин "Баци ме Дојчине" , тој го бакнал и во тој момент се спуштила тежината од рамењата на младите момчиња , на лицата им се разлеала насмевка и тие го заиграле орото онака како што треба , и така цврсто и достоинствено го истерале докрај. Публиката и жирито биле воодушевени и набрзо им било доделено и највисокото признание на фестивалот. Во образложението на претседателот на жирито , професор Тејлор мегу другото се вели : "Македонската група даде јасно сурова игра , откината од најдлабоките народни пазуви , во која не се препозна никаков допир на индивидуална уметничка рака ... таа игра е доказ дека таму живее народ со висока култура".

Македонија е посиромашна со една голема "ѕвезда", но многу побогата со безвременското неговото за многу идни генерации.

Александар Сариевски удирајќи на тапан со Ансамблот "Танец" го заобиколи светот, но македонската песна продолжи да ја негува и како интерпретатор.

Своите завети на вечноста, тој, Александар Сариевски ги има сонувано и отсонувано, живеено и доживеано, испеано и препеано, Пискотот на зурлата и татнежот на тапанот значат почеток на приказна за човекот што животот го преплетол со богатството на македонската изворна песна, човек што знае да жали со гората, како со сестра; да ги одживее и да се сеќава на лудите млади години, што летаат како бели галаби, да се шегува со персонификацијата за еден "Зајко кокорајко"...

Тоа беше време за спомените да наликуваат како побратими со песната и да се чини дека и покрај звуците на "Зајди, зајди", сонцето никогаш нема да зајде. Чувството на гордост се засилува со сеќавањето за победата на фестивалот во Ланголен, од далечната 1956 година, сместено како во монографијата.

-Пред нас настапи еден масовен разигран шпански ансамбл, што пред тоа две години по ред ја освојувал првата награда. Во публиката овации! По нив требаше да настапиме ние. Подиумот да те проголта, а ние само деветмина игроорци. Почнавме со "Лесното", полека, колку да се загрееме.

Почна "Тешкото". Дојчин, еден неповторлив ороводец го водеше орото. Мене раката ми трепери, чукам на тапанот, а прачката во другата рака ми игра, се плашев да не ја испуштам! Го гледам Дојчина, ги гледам другите игроорци играат, а во лицата од трема - жолти како лисја. Кога дојде моментот Дојчин да се качи на тапанот, целиот од возбуда трепери и полека ги префрла нозете преку мојата глава. Не знам како, кога се наведна над мене и со шамивчето требаше да ми ја избрише потта - му реков:"Дојчин, баци ме". Ме гледа човекот 2-3 секунди, изненаден од тоа што првпат вака му реков, се наведна и ме баци. Одеднаш човекот се исправи, гордо, стаменито како свеќа, се ослободи од тремата, а со тоа и другите игроорци. Им се разведрија лицата. Го водеше натаму Дојчин "Тешкото", до крај. Чинам дека така како што тогаш го одиграа ова оро, никогаш повеќе не го повторија. Тоа беше настап што никогаш нема да го заборавам"... - излегува како фрагмент од сеќавањата на богатиот живот на Александар Сариевски, кој почнува во живописниот Галичник, каде што уште како детуле првпат му ја залепиле "пророчката на наречниците" - "овеја ќа бидит пејач галиба".

-На 31 октомври 1931 година се преселивме во Скопје, па така јас со право можам да кажам дека сум галичанец, но истовремено и натурализиран скопјанец. Се доселивме во Скопје, што тогаш имаше шеесетина илјади жители, а сега има 600 илјади со шестотини милиони проблеми. Беше интересно за мене и не можев да сфатам дека постои толку голем град. Првпат среќавав толку многу луѓе на улица, кои по малку ни се потсмевнуваа на нас од провинцијата - со бечвиња облечен и- излегува уште еден инсерт од приказната за човекот што со песната умее да го отвори македонскиот бит. А таму, во монографијата се сместени и миговите на создавањето на "Танец" во 1949 година, па времето минато како пејач во првото Радио Скопје, светските турнеи, безброј средби, луѓе, песни преточени во спомени, во завет.

А на крајот, само скромност од Сариевски, човекот за кого се чини дека се излишни зборовите за какво било објаснување. Едноставно, тој е поим сам за себе, аксиома што нема потреба да се докажува со нови изводи.

- Ако сум успеал со својата песна, со својата интерпретација да се наметнам, ако соберам сў по шест децении пеење и занимавање со музика и присуство на естрадата, можам да кажам дека се чувствувам горд. Јас мислам дека сум можел и повеќе. Меѓутоа, и од ова што го направив јас сум задоволен. Ќе бидам почестен ако другите кажат колку сум придонел со својата песна да му се оддолжам на својот народ, на неговата култура и историја - со благодарност кажуваше Сариевски. Честопати тапанот на концерти го земаше и Александар Сариевски, кој, пред се, беше пејач, а понекогаш беше и ведар играорец- македонец.



Зајди, зајди јасно сонце

Зајди, зајди јасно сонце,
зајди помрачи се,
и ти јасна ле месечино,
бегај удави се.

Црнеј горо, црнеј сестро,
двата да црнејме,
ти за твојте лисја ле горо,
јас за мојта младост.

Твојте лисја горо сестро,
пак ќе ти се вратат,
а мојата младост ле горо,
нема да се врати.

К.Л.
 

На прво место

News image

Никаде во Европа, ниту во светот е забележано полициски сили да опседнуваат седиште на опозиција

ВМРО-ДПМНЕ: Политичкиот прогон врз Груевски се користи и за хајка и притисок против ВМРО-ДПМНЕ...

Историја

News image

Германски историчар објаснува како е фалсификувана грчката историја

Германскиот историчар вели дека историјата е сосема поразлична од онаа што сме ја учеле во училиште,...

Иселеници

News image

Нашинец во Америка ја бојосал фасадата од куќата во боите на македонското знаме

Нашинец во Америка ја бојосал фасадата од куќата во ...

Култура и туризам

News image

Манастирот „Св. Мала Богородица“ во Сливница – Преспа (16)

Со вие  зборови   за   гревот  човечки,   на   арх...

Фељтон

News image

Александар Македонски (57)

Околу мај неговите дипломатски претставници се вратија од оазата во Сивах и извест...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.