|
|
| Стефан Захариев – „Македонско пирување“ |
|
Стефан Захариев (1810 – 1870) е бугарски преродбеник и предводник на црковно-просветното движење на Бугарите во Пазарџик. Околу 1840 година, како отомански службеник и како намесник на Пловдивскиот митрополит често ги обиколува околните села. Истовремено тој се занимавал со трговија и трагал по средновековни ракописи, стари монети и антиквитети. Во текот на овие патувања тој доаѓа до идеја да состави опис на земјиштето помеѓу Западни Родопи и јужните падини на Средна Гора. Во 1859 година како постојан член на црковно-училишниот одбор, Стефан Захариев активно учествува во протерувањето на грчките свештеници од најголемата црква во Пазарџик - „Св. Богородица“. Во црковната борба со Цариградската патријаршија, тој соработува со голем број весници и води жива преписка со голем број истакнати бугарски преродбеници, како и со Стефан Верковиќ. Истата година и Кукушани ги прекинале односите со Патријаршијата во Цариград и влегле во контакт со Римската црква на која и понудиле извесни услови да влезат во Унијата. Од 1860 до 1870 година, во Македонија голем број градови како Скопје, Битола, Прилеп, Охрид, Неврокоп, па и во некои села биле прекинати врските со Цариградската патријаршија и биле формирани одделни црковно-училишни општини. Во овој период македонскиот и бугарскиот народ водат заедничка борба против доминацијата на грчката црква. Меѓутоа, по 28 февруари 1870 година, кога бил објавен ферман за формирање на одделна бугарска црква, наречена бугарска егзархија, се создаваат нови околности за македонскиот народ. Членот 10 од ферманот за формирање на бугарската егзархија му овозможувал на епархиите во Македонија да се приклучат кон новата црква доколку 2/3 од населението се изјаснило за тоа. Објективно бугарската егзархија му давала можност на македонскиот народ да се извлече од доминацијата на Патријаршијата, иако таа не одговарала на неговите настојувања за самостојна црква. Согледувајќи дека се немоќни да ја обноват Охридската архиепископија најпрво Велешката, а потоа Скопската и Охридската епархија се приклучуваат кон новата црква. Меѓутоа во борбата притив грчката Патријаршија не гледаат сите излез во Егзархијата. Стефан Захариев кој трагал по стари списи и антиквитети како докази во црковната борба против грчката црква, добро ја познавал балканската историја. Тој прави разлика меѓу македонскиот и бугарскиот народ и за да го поткрене борбениот дух на македонската интелигенција, како и на бугарскиот народ против грчката доминација, на 25 март 1870 година тој ја превел и напишал статијата „Македонско пирување“. Во оваа статија, која е објавена во цариградското списание „Читалиште“ од 1871 година, авторот говори за верувањата на древните Македонци и за потчинетоста на стара Грција под македонската власт. Во исто време авторот ја подвлекува современата состојба на Македонците и влијанието на фанариотската пропаганда. Во статијата чии што изводи ви ги презентираме се вели:
„ ... Но толку сега што говоревме за свадбата на богатиот Македонец Каран, сега да го оставиме споменатиот Атинеј да докажува дека Римјаните ја прифатиле раскошноста во гозбите од Македонците и да ги нарекува варварски народи, и да ги видиме оние од сегашните Македонци кои заслепени од подзатворениот блесок на елинските мудрувања, прифаќаат да се презираат и да се откажуваат од својата народност. Затоа, по опишувањето на Карановите гозби, ми се виде времето поволно да извикам и оф: Навистина колку сме оддалечени од времето кога од сите денес наречена Елада (Грција) беше потчинета од македонската власт, и се оддалечуваше од нивната јунаштина, на нивните богати пирови, и ропски ги обожуваше...
... Според тоа, ако ни беше целта да ги опишеме зачуваните во грчките книги „Свадбарски обичаи и гозби на древните Македонци“, причината на оддалечување од предметот се состои да ја покажеме цивилизацијата на македонските Славјани, во што таа се состоела во времето на Александар (Македонски) и до каде стигнувало нивното образование, за да ги употребуваат Елините за подбив и сегашната нивна заблуда и незнаење, во кое ги фрлиле гркофенерските владици и да ги поканиме нашите родољубиви сонародници да им помогнат и морално, и материјално... “ Меѓутоа, ваквите ставови не ја изменуваат основната политика на Егзархијата, која набрзо станува основен инструмент за спроведување на политика спротивна на интересите на македонскиот народ. Новата црква наместо да ги обединува на рамноправни односи двата народа, не само што не го признава партнерството на македонскиот народ во заедничката црковна борба против Патријаршијата, туку посегнува по автономијата на македонските црковно-училишни општини, а со тоа и по идентитетот на македонскиот народ. |















