|
|
| Лавот како симбол на воскресението |
![]() Тихомир Каранфилов Неколку дена пред големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица беа поставени две скулптури на лав на влезот на мостот "Гоце Делчев" од јужната страна. Ден потоа беа поставени уште две скулптури на лав на северната страна на мостот. Се работи за 5 метарски бронзени скулптури на лав, излеани во италијанската леарница Фернандо Маринели. Скулптурите на лав поставени на јужната страна на мостот се дело на академските скулптори Дарко и Елена Дуковски, додека автор на лавовите поставени од северната страна е Константин Јанев . Лавовите исправени во реалистична стражарска положба и поставени на три и пол метри високи постаменти, како македонски симбол, го отсликуваат минатото на земјата. Поставувањето на овие петтонски бронзени лавови, повторно го привлече вниманието на јавноста. Додека едни со воодушевување го проследија нивното поставување, дотогаш противниците на проектот "Скопје 2014" повторно се растревожија. Наместо поставувањето на лавот како македонски симбол да постане нишка на сплотување, повторно се слушнаа обвинувања и стана директен повод за беспотребни партиски обвинувања. Лавот како симбол се појавува од пред новата ера и се провлекува низ историјата на македонскиот народ до денешен ден. Се сретнува во легендите, на монетите од античкиот период, на мозаиците, како христијански симбол, како грб на Македонија и на борбените знамиња од поновата македонска историја. Македонските кралеви преставувајќи ја својата власт и својата личност, на своите монети прикажуваат најразновидни престави поврзани со митологијата, растителниот и животинскиот свет, притоа алудирајќи и припишувајќи ги нивните својства. Поистоветувајќи се со боговите , и преставувајќи се преку карактеристиките на животинскиот свет, на монетите на македонските кралеви, покрај другите ќе го сретнеме лавот или лавјата кожа. Воопшто не е чудно што лавот се сретнува масовно на македонските монети. Во античкиот период лавот бил широко распространет на Балканот. Меѓутоа присуството на лавот на македонските монети можеме да го поврземе со преданието според кое Олимпискиот лав го соборил трофејот на Каран. Во преданието се вели: “По победата над Кисеј, Каран издигнал трофеј. Но еден лав се спуштил од Олимп и го соборил столбот.Оттогаш македонските кралеви не издигаат трофеи по победите”. Засега е познато дека првиот македонски крал кој ковал свои пари е Александар I (498 – 452 г.п.н.е.) На неговиот тежок тетрабол (2.45 гр) на предната страна (аверс) е преставен јавач со хламида на коњ, а на задната страна (реверс) има протом на лав со отворена челуст. Слични монети каде лавот е присутен на задната страна сретнуваме и кај останатите македонски кралеви кои имаат издадено свои монети. Покрај протонот на лавот се сретнува ликот на Херакле наметнат со лавја кожа. Како куриозитет може да се напомене дека македонските монети – статери, посебно од времето на Александар Македонски, биле многу популарни заради нивната вредност, така да по падот на Македонската инмперија, уште долго време во Римската империја се задржале во употреба. Покрај монетите, ликот на лавот се сретнува и на античкиот накит. Главата на лавот се сретнува околу 6 век п.н.е како апликација на плочки кои имале обредна улога. Поврзан помеѓу смрта и животот, лавот се сретнува на гердани од злато и обетки. На обетките на пример, може да се забележи протома на лав каде главата е полна со отворена челуст и со реалистично пластична изработена грива. Поврзан во антиката со земскиот и задгробниот живот, лавот го наоѓа своето место и во христијанската религија. Не случајно неговиот лик се појавува на мозаиците на базиликите во Хераклеја 4-5 век од н.е. или на виничките теракотни икони од 5-6 век н.е. Посебно е интересен описот на авторот Елизабета Димитрова за присуството на лавот на керамичките рељефи во Виница. Во брошурата за “Виничките теракоти” таа ќе напише: “Во рамките на виничкиот релјефен репертоар е прикажан мотивот на раскошен лав во темпераментно движење. По рабоvите на плочата, околу фигурата на лавот, е испишан текстот: LEO DE TRIBU IUDA ET FLOS DE RADICE IESE, составен од стиховите што претставуваат старозаветна и новозаветна алузија на значењето на Христовата личност за човештвото.” Како што ќе напомне авторот: “текстот мошне суптилно ја придружува ликовната претстава на лавот, прикажан како симбол на Христос - Божјиот син, победник над смртта и апокалиптичен цар на човечкиот род. Во христијанската иконографија, претставата на лавот станала ликовен симбол на Христос - господарот на луѓето, врз основа на неговиот царски авторитет меѓу животните и одликите на величенствената убавина и бестрашната храброст. Врз основа на легендарните преданија, асимилирани од христијанската теолошка мисла, лавот добил и посуптилни симболични значења, поврзани со Христовата спасоносна улога меѓу луѓето. Митот за мртвите лавчиња кои оживуваат три дена по раѓањето, кога моќниот мажјак ќе ги стопли со својот животен здив, во христијанството бил транспониран во симболичната идеја за лавот како знак на воскресението и амблем на Христос, жртвуван за човечкиот род, кој, по тридневната смрт во гробот, воскреснал станувајќи господар на вечниот живот. Поради фунерарното значење на претставата на лавот и неговото симболично поврзување со Христовото воскресение, неговата претстава во погребната уметност, како и во случајот со виничкиот релјеф, ја отелотворува триумфалната димензија на победата на воскресниот живот над смртта.” Во средниот век, лавот како христијански симбол повторно го завзема своето место во Македонија и на Балканот не само во архитектурата, фреските, туку повторно се појавува на парите, печатите, облеката на високото благородништво, накитот. Подоцна како христијански симбол се сретнува на иконостасите низ македонските цркви и игуменските столови. Интересно е да се напомене дека во средновековниот период додека кај другите балкански средновековни држави, симболите на грбовите се менуваат, лавот како македонски симбол најчесто е константно присутен на македонскиот грб. Континуитетот на лавот како симбол на Македонија, ќе биде основа и за македонските борбени знамиња. Не случајно авторите на скулптурата на постаментот на скулптурата на лавот поставена пред мостот Гоце Делчев одбраа рељефи на кои се преставени личности кои се спомнати во историјата а чие знаме е со симбол лав. Денес кога беспотребно се расправаме околу скулптурите на лав потенцирајќи ја нивната вредност и што можело да се направи за тие пари, можеме само да кажеме дека континуитетот на македонската историја нема цена. Во оваа прилика поставувањето на лавовите и неговото симболично поврзување со Христовото воскресение, отелотворува една друга триумфална димензија на победата врз исчезнувањето на еден народ и негово повторно воскреснување од пепелот на историјата. Ако го преведеме текстот од виничката икона и го поставиме во наш контекст тоа ќе значи: “Ете победи лавот, кој е од Александрово колено, и ќе потера фиданка од македонската пењушка та и стебло ќе израсне од нејзиниот корен”. |


















