Среда, 04 Јуни 2014    PDF Печати Е-пошта
Стрелањето кај месноста „Пуста Кула“

tihomir-karanfilov-2
Тихомир Каранфилов

Во текот на Втората Светска Војна фашистичките окупациски власти без пресуда извршиле стрелање на седум припадници на народноослободителната војска на Македонија. Тие од Скопскиот истражен затвор со камион биле донесени и стрелани на 14 септември 1942 година кај месноста „Пуста Кула“, Велешко. Во близина на селото Рудник биле убиени: Панче Бурчевски, Перо Грковски, Андреја Басаровски, Атанас Димовски и Душан Димитриевски, Камка Тоцинова и Амед Лојков. Единствено се спасиле Панче Пешев и Раде Бурчевски.

Панче Пешев (1915 - 1944) бил македонски композитор, хорски диригент и учесник во НОБ. Иако е роден во Велес, детството и школувањето го поминал во Куманово, каде  што уште како ученик ја започнува музичката и револуционерната активност. Пешев го посветува својот живот на музиката и напредното работничко движење. Учествува и во работничките аматерски оркестри и хорски друштва, се пројавува и како диригент на некои од тие колективи. Диригира и со хорот и оркестарот на Друштвото „Абрашевиќ“ во Куманово (1935-1936). По повод избувнувањето на Шпанската граѓанска војна, ја компонира масовната песна Класје зелено на сопствен текст, повикувајќи ја младината во борба против фашизмот.

Во текот на Втората Светска Војна, по фашистичката окупација на тогашна Југославија во април 1941 година, месната организација во Куманово меѓу првите почна да издава свој лист „Дедо Иван“, преку кој на кумановски дијалект се повикува населението „за ослободување на Македонија од туѓите окупатори“. Меѓу членовите на редакцијата бил и Панче Пешев.

По провалата во август 1942 година, овој истакнат музичар и револуционер, инструктор на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, бил затворен во Скопскиот затвор, каде окупаторската полиција врши терор врз него и останатите уапсени затвореници. Во септември истата година, Пешев со групата затвореници, припадници на НОВ, без пресуда биле однесени кај месноста „Пуста Кула“, Велешко, за да бидат стрелани. Седумина од нив биле убиени: Панче Бурчевски, Перо Грковски, Андреја Басаровски, Атанас Димовски и Душан Димитриевски од село Рудник, Камка Тоцинова од Велес и Амед Лојков од село Иванковци, додека Панче Пешев и Раде Бурчевски успеале да избегаат.

Во извештајот за Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, опишувајќи го теророт на окупаторската полиција, потоа стрелањето на припадници на НОВ кај месноста „Пуста Кула“, на 14 септември 1942 година, како и бегството, Панче Пешев потпишан како Егер ќе напише:

„ ...Вечерта ме одведоа на тепање. Ме тепаа четирипати едноподруго по табаните, а удирањето со клоци по ребрата и со жила по главата беше само додаток. Ме вратија во ќелијата доцна во ноќта. Се разбира, не дадов никакво признание. Утревечер пак ме одведоа. Шестпати тепање по табаните и одбашка со стап и гума по грбот...

Јорданов ми рече дека не верува на ниеден мој одговор и дека за тоа ќе бидам стрелан. Тогаш направив една непретпазливост што ме чинеше уште едно тепање: се насмеав гласно и му одговорив оти не верувам дека ќе прават скандал со стрелање кога воениот суд и така не се покажува како особено милостив. Утредента пак на тепање... Таа ноќ си дојдов во ќелијата петпати тепан по табаните и трипати „пумпан“ со колено по градите при затворена уста и нос (најгрозно од сите мачења)...

Идниот ден пак ме тепаа, но за многу работи повеќе не се интересираа, туку само за две: како сум ги организирал одредите во Куманово и каква била мојата функција во Струмица. Останав при стариот одговор, т.е. дека немам никаква врска со таа работа. Тогаш Јорданов ги избрка сите агенти од канцеларијата и ми рече насамо: „Бидејќи не признаваш ништо, јас ќе издејствувам кај обласниот директор да дозволи да те стреламе, зашто имам доволно влијание кај него за добивање на таква дозвола. Чесен збор! Му одговорив дека тие можат да прават што сакаат, но јас не знам ништо. Тогаш ми дадоа една „почивка“ од неколку дена, т.е. не ме водеа на тепање...

...По неколку дена пак ме одведоа на тепање, за последен пат. Тоа беше едно од најтешките тепања - но и тоа им остана без резултат. Тогаш Јорданов ми рече: „Вие кумановци се држите херојски, но токму затоа ќе бидете стрелани“. Оттогаш ме оставија на мира.

На четиринаесеттиот ден од нашето апсење во мојата соба уфрлија еден по еден 7 селани од селото Рудник, Велешко, претепани и гладни. Немаа ни пари, ни леб. Јас исто така. Тие ми ја раскажаа целата работа; им го подигнав духот и по цел ден им зборував ништо да не признаваат.

На 24-иот ден од нашето апсење поручек околу 6 ч. дојде клучарот и ми рече да си ги подготвам нештата и да се облечам бидејќи се „ослободувам“. Истото му го рече и на младичот од Рудник (Душко Димитровски).

Се зачудив, но си помислив дека ќе не носат во судскиот затвор. Кога излеговме од дворот, таму веќе стоеше подготвен голем полициски автомобил. Бевме 11 мина: 8 селани од Рудник, еден Албанец (полјак) од селото Круша, една жена од Велес и јас. Придружбата се состоеше исто од 11 полицајци плус спроводниот началник и шоферот. Сите беа вооружени со пушки, само еден со пушкомитралез. Се упативме кон Катланово... Тој и спроводниот началник отидоа некаде. Ние чекавме долго. Веќе се стемни. Тогаш се врати спроводниот началник. Месечината грееше, но до заоѓањето зад планината имаше најмногу уште 15-20 минути. Тогаш ние тргнавме полека... Уште еден свиок, и од шумата лево запукаа пушки. Аутото запре. Спроводниот началник нареди сите да излеземе и да легнеме во шанецот. Ние послушавме. Полицајците останаа да стојат и да се вртат збунето. Тогаш јас дефинитивно ја ослободив левата рака (тоа го правев уште по патот). Од шумата излетаа началниците и агентите со пушки и викнаа да станеме и да се наредиме на падината отаде шанецот. Се наредивме. Јас бев четврти по ред. Тогаш почнаа да стрелаат. Стрелаа на растојание од 1-1,5 метри... Првите двајца паднаа. Кога паѓаше и третиот, јас рипнав од шанецот, потрчав меѓу полицајците, пред автомобилот преку друмот и влегов во шумата. Месечината беше веќе скриена. Пушкомитралезот работеше по мене: јас лежев одвај 50 метри од нив. Тогаш чув пак викање - уште еден избега во шумата. По дваесетина минути го најдоа на 20 метри од мене и го издупија со ножеви. Јас никако не мрдав. Тогаш тие пак се вратија со пушките и пушкомитралезот кај истепаните. Го искористив пукањето, влегов 200 метри подлабоко во шумата и легнав. Лежев цел саат. Тогаш малото ауто замина. По половина час си отиде и големото ауто, но откај Скопје се појавија преку 20 полициски мотори и запреа на местото каде што стана стрелањето. Тогаш јас удрив преку шумата со цел да излезам на Вардар...“

(Извор: Документи том втори, Скопје, 1981, стр. 322 -323; АМ. - Ф. - НОБ, арх. бр. 2677)

Не знаејќи дека Пешев бил затворен, дека бил изнесен на стрелање и дека се наоѓа во партизанските единици, оргуларот Арбатски, како што се смета, ја извел неговата „Шеста соната за оргули“ на концертите во Прага (1942) и во Лајпциг (1943).

Инаку, Пешев е автор на најпопуларната македонска борбена песна од НОБ „Маршот на Третата македонска ударна бригада“, со текст од Ацо Шопов, уште позната како:  „Ко челик сме ние“.
 

На прво место

News image

Мицкоски: Црно време!

Црно време! Неразјаснети убиства. Газење на народот и државата. Промена на име. Сиромаштија. П...

Историја

News image

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПСКО

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПС...

Култура и туризам

News image

ВРЕМЕ Е

Чедомир Б.Шопкиќ

Фељтон

News image

Александар Македонски (62)

ИЗГРАДБА НА БРОЈНИ ЗНАЧАЈНИ ХРАМОВИ ПОСВЕТЕНИ НА АНТИЧКОТО ВРЕМЕ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.