|
||||
34 години независна Македонија – меѓу сеќавањето и иднината |
Во преполната сала на Македонската филхармонија се чувствуваше еден посебен амбиент, свечен, достоинствен и емотивен. Секој присутен беше свесен дека не станува збор само за уште една официјална церемонија, туку за живо потсетување на еден историски чин што ја обликуваше нашата сегашност. Додека оркестарот ја изведуваше свечената програма, во публиката владееше тивка концентрација. Се чувствуваше и гордост и одговорност, истата таа што ја понесоа граѓаните на 8 септември 1991 година кога одлучија да ја запишат Македонија на светската карта како самостојна држава. Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање ја изгради мостовската линија меѓу минатото, сегашноста и иднината. Честа е голема, поводот уште поважен да се одбележи 34-годишнината од создавањето на нашата независна Македонија. 8 Септември не е само симболичен датум, туку момент на историска пресвртница за нашиот народ, за граѓаните, време кога се крена јарболот на независност, еден столетен, пркосен оган од многу борби, откажувања, човечки страдања, херојства, битки и порази, стана реалност. Да не ја заборавиме и улогата на историското ВМРО која ја имаше во создавањето на македонската држава. Најживиот период од нашето постоење го имаше организацијата која роди многу македонски синови и ќерки, кои ја обединуваа интелигенцијата и го организираа народот, создавајќи отпор против една од најсилните империи во светот во тој период. Тие букви се впишаа во колективната меморија и ВМРО беше народниот трибун, сопатник на македонскиот пркос и непокор низ вековите. Асномците пак, тие ја имаа визијата и достојно ги чуваа идеалите за кои се бореа илинденците. Јас како претседател на Владата и секој нареден ја има обврската да се поклони пред оние кои зборуваа за независноста, но и оние кои ја споделуваа надежта и копнежот за своја држава, кои ги полнеа улиците и го распламтуваа огнот за Македонија во услови и време кога имаше и такви што говореа за федерации, за химни на Југославија, тогаш кога на секому му беше јасно дека таа држава се распаѓа. Затоа, денес мора да донесеме одлука: да не ја оставиме татковината да згаснува тивко, туку со сите сили да ја вратиме надежта, радоста и детската насмевка во секој дом. Но истовремено мора да внесеме и надеж. Владата ова прашање го гледа како прашање на иднината на нацијата и затоа го поставува како еден од највисоките национални приоритети. Затоа Владата останува посветена да вложува во луѓето, во семејствата, во секое ново дете што ќе се роди. Тоа е суштината на нашата мисија-да обезбедиме татковината да ја има и утре, и задутре и во генерациите што доаѓаат. Денес повторно сме исправени пред времиња што бараат храброст и одлучност. И повторно мора да го направиме вистинскиот избор-изборот на работа, изборот на заедништво, изборот на иднина што ќе ја оставиме на нашите деца. Независноста, таа не е само обичен потпис на хартија-таа е жртва, таа е борба, таа е љубов кон оваа света македонска земја. Тоа е аманет од нашите предци, но и завет пред идните генерации. Да се обединиме. Бог да ја благослови нашата Македонија! Честит празник!
|