|
|
Да се угледаме на Евреите, па и на Албанците |
Сведоци сме во последно време на непринципиелна анти-западна пропаганда во РМ (ширење лаги против нашите сојузници Велика Британија и САД, препотенцирање на нивните негативни дејства – дури и ако не се направени од нивните влади, туку од нивни граѓани поединци; прикривање или омаловажување за се што сториле позитивно за Македонија и сл.). Во еден угледен форум се појави и текст со расистички навредлива содржина против жените Британки и Американки, а на една приватна ТВ без малку беше обвинето семејството на Џорџ Буш (претседателот кој не призна под уставното име) дека наводно го довело на власт – Хитлер (!?). Исто така во еден дневен весник прочитавме дека Британија „со векови била против Македонија“ (што секако дека е чиста лага – да се потсетиме само на слоганот „Македонија на Македонците“, кој е искажан токму од четирикатниот британски премиер Вилијам Гледстон; или на обидот на Русија да ја создаде „Санстефанска Бугарија“, кој бил спречен токму од британската влада чиј претставник јасно им кажал на Русите дека во Македонија не живеат Бугари; или на понудата на Велика Британија до Македонците по Втората светска војна за создавање обединета и независна Македонија, но вон комунистичкиот блок, за што сведочи лично Димитар Влахов и за што ќе пишиваме во некоја следна прилика) и сл. Се разбира дека демократско право на овие поединци и маргинални групи е да шират омраза против нашите западни сојузници (па дури и да лажат – како што беше лагата за непостоечкото бомбардирање со напамл бомби од страна на Велика Британија, кое всушност никогаш не се случило – тој злосторнички акт го направила грчката авијација – иако оние кои ја ширеа ваквата дезинформација, веројатно поради недоволна информираност, коректно престанаа, но се јавија други провокатори, кои се уште ја шират оваа невистина). Како и да е, овде сакаме да укажеме на некои моменти од ваквите штетни дејства. 1. Ширењето на анти-западната пропаганда значи отворено дејствување против актуелната влада т.е. против премиерот Никола Груевски и против претседателот Иванов, како и против определбата на сите посериозни партии во РМ. Сите знаеме дека и владата и нејзините коалициони партнери, но и опозицијата, категорично се прозападно (евро-атлански) ориентирани и дека бескомпромисно се определени за стратегиско партнерство со САД, Велика Британија и останатите нивни сојузници. За определбата на владата, т.е. на премиерот Груевски, само како илустрација, ќе цитираме дел од написот во в. Вечер (16.09.2011), посветен на неговата средба со американскиот амбасадор, во кој се вели: „Премиерот Никола Груевски и новоименуваниот американски амбасадор во Македонија Пол Волерс на првата средба што ја имаа пред некој ден, ги афирмирале одличните односи кои владеат помеѓу двете држави, базирани на стратешкото партнерство и верувањето во исти вредности“.
Во сличен тон е и соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов по повод неговата средба со амбасадорот на САД (13.09.2011): „Претседателот Иванов истакна задоволство од исклучително високото ниво на односите меѓу двете држави и од цврстината на долгогодишното стратегиско партнерство меѓу САД и Македонија... Претседателот Иванов на средбата се заблагодари за постојаната и цврста поддршка што Соединетите Американски Држави ја даваат за реализирање на евро-атланските интеграции на Македонија“.
Се разбира дека постојат уште голем број вакви артикулации во кои нашите избрани претставници цврсто стојат на определбата за сојузништво и пријателство со САД и останатите западни земји. Оттаму, секој оној што смислено и неоправдано, со помош на лаги и омраза, ќе ги провоцира нашите стратешки сојузници, практично дејствува против владата на премиерот Груевски, против надворешно политичката ориентација на ВМРО ДПМНЕ и против Претседателот на РМ, т.е. против интересите на нашата држава (определени од оние кои се избрани од народот). 2. Анти-западната пропаганда што ја пропагираат поединци и маргинални групи овде, не е ништо друго освен продолжена рака на политиката на најреакционерните кругови од Србија. Не знам дали постои координација во анти-западното дејствување во Македонија и Србија, но сигурно дека постојат идентични ставови (омраза кон САД, фикс идеи за „сојуз со Русија“ или кога, наместо сојуз со најмоќните држави во светот, се нуди „врзување“ со неврзаните земји, т.е. со Зимбабве, Того и слични на нив и други такви идеи). 3. Отвореното провоцирање на најмоќните западни земји претставува играње со оган! Секој што отворено се спротивставил на САД и на Велика Британија (посебно ако за тоа немало сериозни причини), бил катастрофално поразуван. Да се потсетиме како завршија режимите на Милошевиќ, Садам Хусеин, талибанците... Во овие режими имаше купишта провокатори како овде спомнативе, кои континуирано и отворено ги провоцираа САД, па на крајот на сите нив им ги скршија роговите. Се поставува прашањето: дали квази-патриотите кои овде пропагираат омраза против САД и Велика Британија се толку наивни, па не го знаат ова? Или можеби само глумат „патриоти“, а всушност прикриено работат во полза на нашите непријатели преку тоа што посакуваат во РМ да биде инсталирана анти-западна власт, што дефинитивно ќе значи крај на нашата држава (исто како што завршија сите режими кои се спротивставија на моќниот Запад, кој не толерира отворено непријателство против себе). И сето тоа во мигови кога имаме одлични односи со САД и Велика Британија! 4. Сигурно дека среде најмоќните западни земји има луѓе (повеќе или помалку блиски до нивната власт) кои не и го мислат доброто на Македонија и кои отворено или прикриено работат за интересите на нашите непријатели. Но, со нив треба да се бориме, не преку ширење омраза против нивните држави и народи (затоа што токму тоа најмногу го посакуваат нашите непријатели – да се дистанцираме од Зашпад, па да не снема), туку преку барање пријатели и лобисти во самите нивни земји, кои ќе работат во наша полза – нешто налик на она што го работи Обединетата Македонска Дијаспора, чии активисти макотрпно и секојдневно бараат пријатели среде американските политичари и други влијателни лица. Секако дека на сличен начин, повеќе или помалку, работат и другите наши иселенички организации, иако има и спротивни примери. Да се угледаме на Евреите, па и на Албанците, кои токму со помош на САД ги остваруваат своите агенди, а не на талибанците. |