|
|
| Шар Планина не смее да биде сведок на нашата рамнодушност, туку симбол на нашето будење |
|
Мане Јаковлески Општина Врапчиште се наоѓа во западниот дел на Македонија, каде што Шар Планина го чува Полошкото поле како раце што благословуваат, место кое одамна ја научило најважната лекција во животот: дека луѓето се луѓе, дека човекот вреди по делото, без разлика какво му е името. Денес сите ние, жители на општина Врапчиште го делиме истиот проблем за кој сите знаеме, а премолчуваме. Живееме под Шар Планина, симбол на убавина и живот, а пиеме вода од цевки од азбест а водата загадена со фекалии. По нашето плодно поле, наместо зелени ниви, гледаме пластични шишиња, домашен и градежен отпад. Природата што некогаш нè хранеше и штитеше денес ни испраќа сериозно предупредување. Ова мора да се промени. Не со празни ветувања, туку со вистински дела, со совест и одговорност кон земјата што ни дава леб и кон водата што ни го дава животот. Ако не почнеме денес, утре ќе биде предоцна. Во општина Врапчиште низ вековите, заедно живеат Македонци, Турци и Албанци, не едни покрај други, туку едни со други, тоа е разликата што ја прави оваа општина посебна. Во старите времиња, кога животот беше поедноставен ама потежок, луѓето се помагаа еден со друг. Се работеше заедно на ниви, со мотика и срп, кога требаше да се собере житото, пченката и гравот пред дождот, да се изора земјата пред студот, никој не прашуваше кој си, туку како да се заврши работата. Кога ќе се завршеше жетвата, се делеше леб, сирење и вода под сенка, и сите задоволни, не знаеше човек дали седиш покрај Албанец, Турчин или Македонец, се седеше покрај комшија. Се одеше на свадби во соседните села, веселбата не познаваше граници, зурлата и тапанот знаеа да ги спојат луѓето. Ако некој се разболеше целото маало се собираше да помогне, ако некој градеше куќа комшиите доаѓаа со по една матика или лопата, некој со коњ и кола, некој со магаре, кој што имаше, со тоа помагаше. Во тие времиња луѓето живееа посиромашно но со чувство дека доброто се враќа со добро, дека животот вреди само ако се помага. На Бајрам добивавме од Турчин или Албанец баклава или шеќерпаре, на Велигден ние Македонците носевме црвени јајца. Денес, кога времето стана побрзо, а луѓето понекогаш подалечни, вреди да се потсетиме на овие приказни, да се сетиме дека животот не беше лесен, ама беше исполнет со топлина. Можеби времињата се менуваат, младите заминуваат, некои во Скопје, некои во странство, но кога се враќаат, секогаш велат: само овде мириса воздухот по мое, тој воздух го носи мирисот на заедништво, на гласот на комшијата што вели: Добро си дојден сине. Нашите татковци и дедовци не оставија само куќи и ниви, тие ни оставија Аманет што не се гледа, туку се чувствува, Тие ни кажуваа дека најголемото богатство е да имаш добар комшија. Денес, во 21 век, стоиме пред нашиот најголем заеднички предизвик – да најдеме вистинско решение за сериозниот проблем што нè засега сите: водата што ја пиеме од азбесни цевки треба да нè храни, а не да нè труе, а ако продолжиме да го фрламе ѓубрето по нашето поле, природата што нè одржуваше ќе ни возврати со предупредување што многу потешко ќе се исправи. За тоа мора да застанеме како што стоеле нашите предци, заедно, рамо до рамо, без разлика кој какво име носи или на кој јазик се моли. Шар Планина не смее да биде сведок на нашата рамнодушност, туку симбол на нашето будење. |














