|
|
| Аџилак-на гробот на Исус Христос-Македонија мојот копнеж-64 |
|
Иконата на Богородица, зад која се крие каменот на Гробот на Исус Христос Мане Јаковлевски на Аџилак! Во ноември 2011 година на покана на владата на Израел, како член на Фондот на Холокаустoт на Евреите во Македонија, Јаковлевски го посети Израел. Мане Јаковлевски беше на Аџилак и пренесувајќи ги своите прексрасни спомени од посетата на Витлеем-родното место на Исус и Ерусалим-Гробот на Исус, Маслинова Гора, Патот на страдањето,... ќе напише: Престојот го искористив и да го поминам патот низ кој минувал Исус Христос, од неговото родно место Витлеем, до Ерусалим, каде што се наоѓа неговиoт вечен дом. Да се посети Витлеем, родното место на Исус Христос и да се посетат светите места во Ерусалим е сон на секој верник. Со патувањето ми се исполни мојата голема животна желба, за која долго сонував: АЏИЈА. Аџилакот е посебно доживување за секој кој тргнал по стапките на синот Божји. Витлеем родното место на Исус Христос За да се стане аџија треба да се помине целиот пат, од Витлеем родниот град на Исус Христос до Вечниот Гроб во Ерусалим. Патувањето го започнав од Витлеем (Bethlehem) град на Западниот Брег, кој се наоѓа блиску до Ерусалим, а во негова чест изградена е базилика Рождество Христово. Витлеем се наоѓа на 765 метри надморска височина, со 20.000 жители, а од Ерусалим е оддалечен дваесетина километри. Во Витлеем роден е и Давид, и во Библијата многу често се спомнува како „Градот на Давид“. Маслинова гора или гетсиманска градина
Пристигнав на врвот на Маслиновата Гора – Гетсиманската градина, од каде се овозможува прекрасен панорамски поглед на Стариот Град, Сионскиот Рид и новиот дел од градот. На Маслиновата гора, се наоѓа Гетсиманска градина, каде има осум маслинови дрвја, кои се стари над 2000 години. Маслиновата гора е местото каде Исус Христос ги одржувал повеќето од своите молитви и каде често пати ги собирал апостолите. Маслиновата гора е и местото каде Јуда Искариотски дошол со војниците и со бакнеж на левиот образ на Исус, го предал на Кајфа. Кармелиски манастир (ОЧЕ НАШ) се наоѓа над Елеонската Гора во Ерусалим Овој манастир, се наоѓа над Елеонската Гора во Ерусалим. Црквата се нарекува Елеонска и се наоѓа над пештерата, за која се верува дека повторно ќе се случи вознесението. Тука, за последен пат Исус ги собрал своите апостоли и ги научил на молитвата “Оче Наш“.
Текстот на молитвата е испишан на скоро сите светски јазици, на керамички плочи врамени со шарени венци од цвеќе, поредени една до друга на ѕидовите на црквата, под тремот и во дворот. Тоа е целиот свет во мало издание што го спојуваат зборовите на иста молитва. До сега се поставени 161 плоча со текст на молитвата на различни јазици, а македонската е 155 по ред. Плочата со молитвата “Оче Наш“ на македонски јазик се наоѓа на десната страна на ѕидот, пред самиот влез во храмот. Со гордост и задоволство можам да кажам дека зазема почесно место и невозможно е, а да не се забележи. Сионската горница
Сионската горница е место во Ерусалим, каде се одржала Тајната вечера на Исус Христос и Апостолите, била последниот оброк на Исус Христос кој го поделил со апостолите, пред да биде предаден. Според она што Апостол Павле го раскажал во Првото послание кон Коринтјаните, на Тајната вечера се јадело леб и вино. На собирот, Исус најавил дека ќе биде издаден од еден од неговите ученици, по што ќе биде убиен. По ова, тој го зел лебот во раката говорејќи: „Земете, јадете, ова е Моето тело, кое се крши за вас. Правете го ова за Мој спомен!“ Земајќи ја чашата рекол: „Ова е чаша на Новиот Завет во Мојата крв. Правете го ова, секој пат кога пиете, за Мој спомен!” Голгота или Калварија е рид во Ерусалим каде што според Библијата е распнат Исус Христос. Распнувањето на Исус е настан кој се случил во текот на првиот век од новата ера, кога Исус бил уапсен, измачуван и осуден на смрт од страна на Понтиј Пилат, со распнување на крст. На широкото плато на некогашната тврдина Антонија, Исус е осуден на смрт, без да бара помилување од омразениот Пилат. Исусовото распетие е запишано во сите четири Евангелија. Црквата на Светиот гроб - гробот на Христа
Под големата ротонда на црквата Светиот Гроб, направена е мала, посебна црква во која се наоѓа Христовиот Гроб. Според Библијата, Јосиф од Ариматеја, кој цел живот го правел својот гроб, му го отстапил на Исус, каде е пренесено телото и на влезот е ставен камен. На ова место владее совршена хармонија, црквичката е во полутемнина, од надвор не насликана, со сива боја и архитектура со спирални столбови.
Пред влезот во гробот од двете страни стојат големи свеќници, кандила, а сликите на сите апостоли го засенуваат влезот на гробот. Од левата страна стои свеќата на вечниот оган, на кој се пали сноп од 33 свеќи кои ги симболизираат годините на Исус кога бил распнат и веднаш се гасат во посебно метално ѕвоно. Се чуваат како реликвија и се палат во посебни прилики или се поклонуваат на кумовите и пријателите.
Потоа, влегов во малата просторија, Капела на Ангелот, ја наведнав главата под преубавиот отвор изработен од слонова коска, со височина околу метар и половина, за да влезам во просторијата на Гробот на Христа. На ѕидот се наоѓаше иконата на Богородица, зад која се криеше каменот на вистинскиот гроб.
Воскресението на Исус Христос
Воскресението на Исус Христос е клучен настан, врз кој е изградена главнината на христијанската религија, обичаи и доктрина. Според Новиот Завет, Исус воскреснал од мртвите на третиот ден по смртта. Имено, откако починал како последица на распнувањето на крстот, бил погребан во една пештера. Неговите следбеници треетиот ден по погребот, гробот го нашле празен. Од смртта до воскресението поминале точно 33 часа. Во евангелието на Матеј се вели дека над Исусовата гробница се појавил ангел. Гробницата прва била посетена од страна на Марија Магдалена, која ја затекнала празна. Според Лука, имало два ангела, а според Марко пак, млад човек бил облечен во бело. Според евангелието на Марко, на денот на своето воскресение Исус најпрвин и се јавил на Марија Магдалена. Според Јован пак, кога Марија Магдалена погледнала во празната гробница, еден од двата ангела ја запрашал зошто плаче, а кога таа се завртела кон нив, го препознала Исус кој го изговорил нејзиното име. Апостолите тврдат дека Исус во следните четириесет дена се појавувал пред различни луѓе насекаде. Се појавил и пред Апостол Павле, кој претходно бил голем противник на Исусовото дело. Пред да воскресне, Исус им рекол на своите ученици да проповедаат и меѓу нееврејското население. Христијаните го прославуваат денот на воскресението, односно Велигден, како најголем верски празник.“ (продолжува) |
























