|
||||
| Од Бигорскиот Манастир кон Мечкин Камен |
|
За вас е голема чест да бидете продолжувачи на револуционерното минато на македонскиот народ. Тука во овој манастир монасите направиле четири топчиња и потоа биле испратени како поддршка на востаниците. Тргнувате по патот кој е светла трага во борбата за ослободување, рече отец Партениј во својата беседа по богослужбата. Учесниците, налик на старите времиња положија комитска заклетва во дворот на манастирот и со аплауз од луѓето кои дојдоа да ја испратат коњицата на пат околу двесте километри. Меѓу нив имаше и гости кои за оваа прилика допатува од Берлин, Германија Годинава, Станое Станоевски од Другово, како војвода ќе ја предводи групата. Нему, војводската наметка му ја нагрна стариот војвода Мане Јаковлески. Зошто овој настан е несекојдневен? Како што обајснуваат иницијаторите на оваа идеја, сé лежи во податокот дека првото “црешово топче” е изработено токму во манастирот Св Јован Бигорски. Токму по тој терк, биле изработувани и на други места низ Македонија. Тогашниот игумен кој бил силен поддржувач на комитското движење, од двајца вешти монаси, Гаврил Русин и Гаврил Крпела побарал да направат орудие. Бидејќи немале брозна тие направиле топ од дрво. Првото топче со коњи било пренесено до Крушево, а како што стои во историските списи, од него бил испукан првиот истрел што го означил почетокот на Илинденското востание. Подоцна, во манастирот биле изработени уште три. Инаку според програмата за оваа година, коњицата ќе ноќева на четири места. Првото преноќиште ќе им биде на бачилото Салтаница на Бистра, потоа во Другово и Церско. Последното ноќевање ќе го имаат на 30-ти јули во Пуста Река. На крајот од својот марш, коњаниците ќе се приклучат и на празнувањето на 2-ри Август на Мечкин Камен. Овој марш за прв пат се одржа пред три години како иницијатива на група граѓани ентузијасти и подржувачи на револуционерното минато. Годинава е формирано и здружение “БИГОРСКИ МАНАСТИР- патот на црешовото топче”. Досегашните искуства покажаа дека се потребни подготовки, луѓе кои ќе го организараат маршот. Со оглед дека сакаме ова да биде традиција бевме принудени да се организираме посериозно. Догодина ќе се потрудиме да обезбедиме сопствени коњи и целокупна опрема, бидејќи изнајмувањата чинат многу, вели Мане Јаковлески еден од основачите на здружението "БИГОРСКИ МАНАСТИР- патот на црешовото топче“. Зоран Г. Маџоски |



Коњаници облечени во комитска одежда тргнаа по патот од Бигорскиот Манастир до Крушево по кој било пренесено првото црешово топче како поддршка на востаниците. Благослов и желби за среќен пат добија од монашкото братство и архимандритот Партениј.
















