|
||||
Александар Донски: Британската авијација никогаш не ги бомбардирала македонците со напалм-бомби |
![]() За време на ова одбележување било упатено и барање за „извинување“ од денешната влада на Велика Британија за ова наводно „бомбардирање“. Овде ќе спомнам и една епизода (надвор од ваквото одбележување) кога пред неколку години лично имам слушано еден маргинален политичар кој мелодраматично зборуваше како „Англо-Американците со напалм бомби ги бомбардирале македонските дечиња бегалци“ (!?). Убаво е да се одбележуваат трагични настани од македонската историја, но само доколку се засновани врз факти. Во спротивино доколку се одбележува нешто што воопшто не се случило (така како што сметаат оние кои го одбележуваат) тогаш тоа личи на непотребна фарса. Историските факти зборуваат дека британската авијација никогаш не ги бомбардирала македонските борци во Граѓанската војна во Грција со напалм бомби, а камо ли македонските деца. Точно е дека постоело бомбардирање со напалм бомби врз борците на ЕЛАС (каде освен Македонци имало и Грци) во реонот околу планината Вичо во 1948 година, но тоа бомбардирање било изведено од спитфајери на Грчката кралска авијација (RHAF), а не од британската. Денес постојат де¬тални податоци за сите борбени летови на авијацијата во оваа војна (кој авион кога и каде дејствувал, какво оружје носел, какви загуби имал и сл.), па ова лесно може да се провери. Само како илустрација ќе спомнеме дека Грчката кралска авијација во 1948 година извела вкупно 8.907 борбени летови, додека британската воопшто не учествувала во борбите во оваа година, а ниту подоцна. Притоа (според документите) напалм бомби биле користени во борбите околу Вичо, но исклучиво од страна на грчката авијација (во интерес на просторот историските детаљи превземени од грчки историски воени извори, ќе ги оставиме за друга прилика). Заради сето ова, при знаењето на овие факти, доколку лагата за непостоечкото „британско бомбардирање со напалм бомби“ и натаму продолжи да се повторува, тогаш тоа не ќе може да се оквалификува поинаку, освен како пропаганда, која има за цел, врз основа на лаги, да шири омраза кон нашите западни сојузници (Велика Британија и САД). Факт е дека Велика Британија и САД во Граѓанската војна во Грција застанале на страна на грчката кралска армија и тоа треба да се осуди. Но, познато е и дека таа нивна определба не била заради Македонците, туку заради опасноста од ширењето на комунизмот на Балканот, а голем дел до Македонците во тоа време биле токму на страната на грчките комунистички сили (кои пак, од своја страна, барем во тоа време, имале колку толку исправен однос кон македонското национално прашање, така што ваквата ориентација на Македонците во голема мера била оправдана). Меѓутоа и Велика Британија во еден миг понудила позитивно решавање на македонското прашање, но под услов Македонија да биде обединета и независна демократска држава, вон комунистичкиот блок. Не е точно е ниту тврдењето дека „првите напалм бомби во светот биле фрлени во Македонија во 1948 година“. Првите напалм бомби биле употребени во воени дејства на 17 јули 1944 година од страна на американската авијација врз германските сили во Франција, а до крајот на таа година и следната 1945, овие бомби масовно биле користени против Јапонците во борбите на Пацификот. Кога сме кај „барањето извинување“ од владите на оние земји кои во историјата ни направиле неправди, тогаш извинување треба да се бара и од: Турција, Русија (која била главен иницијатор за поделбата на Македонија), Германија, Србија, Бугарија, Грција, Италија... Но, каде ќе не одведе сето тоа, кога денес со многу од овие држави имаме пријателски односи? Вистинските македонски патриоти треба да создаваат пријатели на Македонија ширум светот, а не да шират омраза кон најмоќните и највлијателни земји и тоа врз основа на лаги. Александар Донски |