|
||||
| Комеморација за 62-годишнината од британското напалм бомбардирање на Грамос и Вичо |
![]() Светскиот Македонски Конгрес и Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН од оваа година ќе продолжат традиција на одбележување на годишнината од британското напалм бомбардирање на Грамос и Вичо во Егејскиот дел на Македонија во 1948 година за време на Граѓанската војна во Грција од 1946 до1949 година со помен за жртвите од војната. Денеска, во 10 часот, делегација на Светскиот Македонски Конгрес и Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН по повод шеесет и втората годишнина од британското напалм бомбардирање односно фрлањето на првите напалм бомби во светот во Македонија во 1948 година, положија свежо цвеќе пред Споменикот на жртвите од Граѓанската војна во Грција, во Жена парк пред Собранието на Македонија, а во 11 часот во дворот на црквата „Света Богородица“ на Кејот на Вардар во Скопје се одржи комеморација со панихида за жртвите од британското напалм бомбардирање на Грамос и Вичо со пригодни говори за настанот. Од Комеморацијата беше упатено барање до Велика Британија да се извини на грчките и македонските анти-фашисти од Втората Светска Војна за поразот во Граѓанската војна на Грција 1946-1949 година, за жртвите од британското напалм бомбардирање на Грамос и Вичо со цел спречување на комунизацијата на Елада и за британската асистенција за победата на грчките монархофашисти кои жестоко се пресметаа пред се со Македонците во Егејскиот дел на Македонија, поради договорот меѓу Черчил и Сталин, Велика Британија да ја добие Грција, а Советскиот Сојуз Бугарија и Романија. Македонија и Македонците повеќе нема да бидат колатерална штета на интересите на големите сили за свои сфери на влијание на овие простори. Никој повеќе не ќе може да ги крие историјата и археологијата за да не се открие вистината за Македонија. ![]() На комеморацијата се осуди употребата на оружјето за масовно уништување (напалм, хидрогенските, графитните и атомските бомби), а на светот беа упатени пораки за мир и љубов наспроти војната и омразата. Очекувањата на Македонците во целиот свет за британското покајание е безрезервното признание на државното име Македонија и членство во Европската Унија и НАТО-Алијансата под државното име Македонија. Светскиот Македонски Конгрес и Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН очекуваат не само исполнување на договорот меѓу Македонците од Егејскиот дел на Македонија и Комунистичката партија на Грција за културна автономија на македонскиот народ во Грција по победата во Втората Светска Војна. Македонците во Егејскиот дел на Македонија од 1940 до 1949 година со илјадници жртви се вградија во темелите на државноста на Грција бидејќи заедно со Грците ја ослободија од фашистите, и поради тоа безусловно бараат враќање на граѓанските и имотните права на насилно прогонетите Македонци од Балканските војни до денес и за почитување на универзалните човекови права на Македонците кои денес живеат во Елада. Македонците во целиот свет го отфрлаат барањето за промена на државното име Македонија со цел легализација на грчкиот геноцид врз македонскиот народ и окупацијата на Македонија од Балканските војни до денес и бараат итен и безусловен прекин на разговорите за државното име Македонија. Македонците од целиот свет ги отфрлаат притисоците за промена на државното име Македонија како културен геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото. |






















