|
||||
| Почина Костадинка Палазова |
|
Костадинка Палазова Ѓорѓиоска–Родена во 1939 година во кукушкото село Сехово, во Егејска Македонија.
Костадинка ја понесе врз себе тежината на една генерација осудена на егзодус. По 1948 година, како и илјадници Македонци од егејскиот дел на Македонија беше искорната од родното огниште. Од Сехово преку Гевгелија, па до Гаково во Војводина. По сопствена волја се вратила во Вардарска Македонија и се населила во Зубовце, во Гостиварско. Тоа не беше само географско враќање, туку и духовно – избор да се живее и создава таму каде што јазикот, болката и надежта се исти во Македонија. Професионално работеше како книговодителка и како учителка – во Сретково, Симница и потоа во ОУ „Братство и Единство“, каде што помина две децении – нејзината најголема лекција секогаш беше надвор од училницата: како се чува идентитет без врева, без политика, туку со песна. Љубовта кон пеењето ја следеше од најраните години. Од хоровите во Гевгелија и Гаково, до првото телевизиско појавување во емисијата „Вие пред микрофон“, каде со „Врни се, врни, либе Мариче“ не само што победи, туку го означи и почетокот на една долга и достоинствена уметничка патека. Од 1960-тите години па натаму, нејзиниот глас стана препознатлив, мирен, длабок, без наметната патетика – глас што раскажува, а не докажува. Осум години помина во Швајцарија, но никогаш не замина од Македонија. Каде и да беше, таа ја носеше егејската болка, споменот на изгубените села, и гордоста кон македонските херои. Посебно место во нејзиниот репертоар имаше Гоце Делчев, за кого зборуваше и пееше со искрена, речиси интимна гордост. Зад себе остави повеќе од 40 песни – сведоштва за еден крај, едно време и една истрајност, меѓу кои и авторските „Филка мома моле бога“ и „Сношти отидех, џанам“. Костадинка Палазова Ѓорѓиоска почина на 28 јануари 2026 година во Гостивар, градот што го избра за свој дом. Погребот ќе се изврши на 29 јануари, на новите градски гробишта. Некои луѓе не заминуваат – тие само се претвораат во глас што го слушаме секогаш кога ќе ни затреба корен. Костадинка беше токму таков глас. |




















