| 
|
| Кој се плаши од античко-македонската историја? | 
| 
 
 Факт е дека за време на социјалистичкото југословенско едноумие историјата на античка Македонија кај нас беше тенденциозно запоставувана и ова е толку добро познато што мислам дека нема потреба да се приложуваат којзнае какви докази. Сепак, заради илустрација, ќе спомнеме некои од нив. Во книгата “Историја на македонскиот народ” (Скопје, 1988 година), која на 375 страници претендира да ја прикаже историјата на Македонија и на Македонците уште од најстарите времиња, за историјата на античка Македонија се посветени само 10 (десет) страници! Ова значи дека авторите на оваа книга, на историјата на античка Македонија посветиле само околу 2,5% од содржината. Уште подрастичен е примерот со книгата “Одбрани четива за историјата на македонскиот народ” (“Државно книгоиздателство на НР Македонија”, Скопје, 1951 год.). Во оваа книга (која претендира на понуди избор документи за македонската самобитност уште од најраните времиња) не е претставен ниту еден документ поврзан со славната историја на античка Македонија. Во “Историја на македонскиот народ” (Скопје, 1969 година) во сите три обемни тома, за историјата на античка Македонија се посветени само 15 страници (од 33 до 47 страница во првиот том). Уште подрастична е состојбата во едицијата “Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава” (Скопје, 1981 година). Во двата тома од оваа едиција не е објавен ниту еден документ за античките Македонци. Ист е случајот со уште цела низа други изданија од поединечни или колективни автори кои претендираат да го опфатат целокупниот историјат на Македонија и на македонската нација. И во нив одвај дали има по нешто напишано за грамадната историја и слава на античка Македонија, небаре се работи за историја на Тунгузија. Исто така, во голем број историски изданија кај нас (со исклучок на чесни сериозни исклучоци) античките Македонци ни беа претставувани небаре се некаков далечен народ со кој денешните Македонци немаат никаква врска. За сето ова постоеа неколку причини. Една од нив беше од дневно-политички карактер. Суштината на оваа причина лежи во фактот што за време на СФРЈ (ФНРЈ) сите народи во таа држава требаше да имаат “заедничко” (словенско) потекло, што беше еден од предусловите за што подолготрајно егзистирање на таа држава (која впрочем и во своето име го содржеше словенството). Втората причина за запоставувањето на историјата на античките Македонци за време на едноумието беше поврзана со индиректното влијание на грчката пропаганда, чии рефлексии се чувствуваа, не само во светот, туку и во нашата средина. Практично во време на едноумието, влијанието и рефлексиите на грчката долговремена и систематска државна пропаганда најде свој сојузник во југословенскиот дневно-политички и државно форсиран панславизам, што резултираше со поразително потценувачкиот однос кон изучувањето на историјата на античките Македонци во тогашната СРМ (НРМ). И југословенските комунисти и грчките пропагандисти (секој поради сопствени причини), слободно ќе кажеме, дека се плашеа денешните Македонци да не “пронајдат” некоја врска со античките Македонци со што ќе беа загрозени нивните интереси. Поради тоа, во историската наука на СРМ (НРМ) беше форсирано исклучиво словенството (со акцентирање дека Словените се заткарпатско племе и дека ние сме нивни потомци), а античката македонска историја мазохистички беше запоставувана, погрешно презентирана, па дури и прикривана. Значи овде не стануваше збор за чесна и слободна научна дискусија или размена на аргументи за или против некоја од теориите за потеклото на денешната македонска нација, туку за тенденциозно оневозможување на истражувањето на античката македонска историја и на етно-културните врски помеѓу денешните и античките Македонци, кое понекогаш се манифестираше и со брутални физички манифестации. Така, на пример, првите години по ослободувањето, една наша учителка по историја на својот час, наместо “Александар Велики” на учениците им рекла “Александар Македонски”. Недолго потоа, била повикана во УДБ-а на испрашување во врска со ваквото нејзино детерминирање на овој македонски цар. Подоцна, официјалните историчари од времето на едноумието го прифатија ваквото детерминирање на Александар, но факт е дека отпрвин тоа им пречело на тогашните македонски едноумни управувачи. Впрочем, во прилог на ова, не случајно во книгата “Одбрани четива за историјата на македонскиот народ” (“Државно книгоиздателство на НР Македонија”, Скопје, 1951 год.) не е објавен ниту еден документ во врска со античка Македонија, иако книгата претендира да опфати документи уште од најраната историја на Македонија и Македонците. Подоцна бројот на страници посветени на античка Македонија во историските книги наменети за пошироката публика, срамежливо почна да се зголемува, па во 1988 година во книгата “Историја на македонскиот народ”, ја достигна бројката од дури 10 (десет) страници посветени на античка Македонија! Сличен податок ми кажа и една наша позната универзитетска професорка, која ми соопшти дека во разговорот што го водела со поранешен висок фунцкионер во Службата за државна безбедност од времето на едноумието, тој и потврдил дека во тоа време намерно било попречувано и оневозможувано студирањето на стари јазици од страна на македонските студенти во странство со цел студентите да не дојдат до поблизок контакт со оригиналните антички дела посветени на славната македонска историја. Сигурно дека вакви примери има уште многу. Со ова никако не сакам да го доведам во прашање големиот придонес на македонската историографија од времето на едноумието. Напротив, во ова време во останатите области од нашата историографија се постигнаа исклучително вредни, големи и трајни успеси. Но, фактите покажуваат дека односот на оваа историографија кон изучувањето на античка Македонија и навистина заслужува критика. Факт е и дека на нашиот тогашен единствен универзитет можеа да се добијат одредени пошироки сознанија за античка Македонија, но дел од сознанијата кои тогаш се изучуваа заслужуваат сериозно преиспитување (на пример, тврдењето дека без малку Македонците биле Грци и сл.). Освен тоа, податоците за античка Македонија не беа форсирани пред пошироката јавност (што се гледа од содржините на историските изданија што ги наведовме). Во 1991 година вардарскиот дел на Македонија (дотогашната СРМ) се осамостои како независна држава. Се создадоа уште послободни (идеолошки деконтаминирани) услови за работа во историографијата, но состојбата во однос на истражувањата во насока на нашите врски со античките Македонци и натаму бавно се менуваше. Причините и овојпат индиректно се поврзани со идеолошки контаминираната историографија од минатиот режим во однос на дотичнава тема. Имено, под влијание на состојбата што ја опишавме, мнозина македонски историчари и истражувачи, свесно или не, ја прифатија исклучиво панславистичката теорија за потеклото на денешната македонска нација и целокупниот свој опус тие го подредија на оваа теорија (која несомнено во себе содржи и елементи на расизам преку форсирањето на „чистото словенско потекло” и сл.). Оттаму, нереално е да се очекува дека овие историчари и истражувачи преку ноќ ќе се откажат од сето тоа што досега го напишале и дека ќе се свртат (сликовито кажано) “самите против себе”. Ова се однесува како на постарите, така и на некои помлади историчари и истражувачи. Некои од нив одат дури дотаму што и натаму упорно се држат исклучиво за панславистичката расистичка теорија за потеклото на денешната македонска нација, понекогаш афективно напаѓајќи ги дури и самите артефакти што одат во прилог на докажување на врските помеѓу денешните и славните антички Македонци. Навистина не знам дали постои ваков мазохизам кај некој друг народ, т.е. дали постојат припадници на некој друг народ, кои толку си ја омаловажуваат сопствената античка историја. Зарем може да се замисли вака да постапуваат Грците кон наследството што го имаат од древните Хелени? Или зарем може да се замисли дека денешните Италијанци со омаловажување ќе пишуваат за историјата на Римската империја, тврдејќи дека тие немаат “никаква врска” со славните Римјани? Дали е тоа можно? Секако дека не. Практично на овие наши субјекти не им е гајле за вистината, туку тие повеќе се грижат за сопственото досегашно пишување. Нивната логика е дека, доколку излезат на виделина поинакви податоци, нивниот досегашен опус може да биде “загрозен”. Но има и позитивни примери, кога историчари и фолклористи од постарите генерации, смело се впуштаат во корегирање на досегашниот однос кон изучувањето на античките Македонци во официјалната историографија за време на едноумието, отворено залагајќи се за интензивирање на овој неправедно запоставен процес. Кај одделни современи помлади историчари се јавува и еден вид “страв” послободно да пишуваат за оваа тема. Тие како да се “плашат” дека ќе бидат “исмеани” од страна на странската научна јавност, доколку напишат дека античките Македонци ја внеле својата крв и култура во денешната македонска нација. Поради тоа, тие главно се задржуваат единствено на проучување на историјата на античките Македонци, без да се осмелат да проговорат за наследството на овој славен народ во денешната македонска нација. Кај нив како да постои еден вид “автоцензура” кога е во прашање оваа тема. Во врска со ова ќе кажеме дека и навистина не е лесно преку ноќ да се разбие сето она што грчката пропаганда ги има изградено во светската јавност во однос на Македонците во презентирањето на сопствената историска вистина. Ова презентирање и навистина создаде прогрчки настроени авторитети во светот. Но, она што го спомнавме за македонските историчари од времето на едноумието целосно важи и за овие странски авторитети. Не може некој странски историчар, кој цел живот пишувал за “грчкиот карактер” на античките Македонци, наеднаш да се откаже од сето тоа и да почне да пишува дека тие не биле Грци, а уште помалку да прифати дека денешните Македонци имаат некаква врска со античките Македонци. Сепак, без разлика на сите овие проблеми, вистината е на македонска страна и таа полека, но сигурно, с# повеќе излегува на виделина. Интересот кон античка Македонија среде денешните Македонци нагло се зголемува. Во основните и во средните училишта е зголемено изучувањето на историјата на античка Македонија, а така е и во научните институции. Набргу вистината за врските помеѓу денешните и античките Македонци ќе допре и до заинтересираните субјекти во меѓународната јавност. Тоа што и натаму добар дел од странските авторитети сметаат дека античките Македонци биле “Грци” воопшто не треба да н# обесхрабрува. Како прво, во САД постои група историчари, предводени од универзитетскиот професор д-р Еуген Борза (кој денес се смета за еден од најголемите светски авторитети за античките Македонци), кои јасно пишуваат дека античките Македонци не биле никакви Грци. И во останатите држави се јавија вакви историчари, кои аргументирано ги побиваат големогрчките артикулации во однос на античките Македонци, а оваа вистина веќе е прифатена и во неколку понови светски реномирани енциклопедии, каде античките Македонци се претставени како засебен народ. Значи, прогрчки настроените историчари во светот полека заминуваат, а на нивно место доаѓа нова генерација историчари, кои не се оптоварени со предрасуди и кои не робуваат на писанијата на своите претходници. Конечно, треба да знаеме дека “вистините” прифатени во научните кругови многу бавно се менуваат. Да се потсетиме дека долго време во науката се верувало дека грчката митологија е “автентична грчка”, но подоцна биле откриени аргументи според кои се потврдило дека огромен дел од оваа митологија бил преземен од културите на други народи и денес ова се смета како релевантна вистина. Така ќе биде и со аргументите за врските помеѓу денешните и античките Македонци, затоа што овие аргументи постојат и само е прашање на време кога ќе бидат презентирани и прифатени кај нас и во светот. На крајот, не можам, а да не ја истакнам позитивната улога на актуелната влада на чело се премиерот Груевски, која за прв пат по осамостојувањето, ја институционализираше историската вистина според која и античките Македонци се дел од македонската историја и народ, наспроти жестокиот отпор од прогрчките, малубројните пробугарски и про-бившорежимски реакционерни анти-македонски елементи.  | 















