Негативните реакции на визијата „Скопје 2014“ покажаа многу работи
 Бранислав Саркањац
Многу незнаење, многу отпор и многу предрасуди. Во комбинација. Се покажа еден страшно затворен ум кој се истопори со ароганција на неприкосновен стручен авторитет. Интелектуалци кои се образувале во стариот систем да мислат дека го поседуваат сето знаење и култура - тоа тешко може да се разбере. Се слушнаа изјави дека архитектонските решенија од проектот не е во нашата традиција. Дека не ни треба нешто што е направено на Запад, што не соодветствува на нашата култура. Дека ќе сме го избришеле идентитетот. И слично. За кој идентитет, за која култура зборуваме? Пред тоа една мала анализа. Во отфрлањето на проектот има позиција. И таа е јасна. Прво, Скопје се направи касаба, паланка, без традиција и градска историја. Второ, се отфрлија решенијата како решенија од запад кои не соодветствуваат на архитектурата на градот. Значи, се брише историјата и се отфрла влијанието од Запад. Толку типично марксистичко-ленинистички. Историјата на градот Скопје почнува со историјата на социјализмот, на СРМ, и си“232; што е од Запад не чини, затоа што на Запад си“232; е декадентно, малограѓанско и капиталистичко. Ако се земе историјата на Македонија како држава, почнувајќи од Народна Република Македонија, преку Социјалистичка република Македонија па до независна Република Македонија, ќе се види дека во Македонија се градел, поточно се надградувал, националниот идентитет постојано наспроти големи експерименти во кои ние сме биле заморчињата. Првиот беше големиот експеримент „ Преку социјализам до комунизам“ и на историската улога на работничката класа кој донесе индустријализација, електрификација, миграција село град и биографии на членови на партијата кои по правило почнуваа „потекнувам од сиромашно и работничко семејство“ и направија сите да растеме во духот на „крпен живот“. Не го правевме сами врз себе овој обид. Но, дали овој период можеме да го избришеме и дали може лесно да кажеме дека денес во идентитетот на Македонија воопшто нема траги од овој период? Не можеме. Вториот беше по земјотресот 1963, кога Скопје стана град во кој по меѓународен конкурс, секакви архитекти (и светски и белосветски) си најдоа жив, реален простор да експериментираат. Штета што оваа приказна не ја раскажуваат луѓето што добро ја познаваат. И ова е дел од нашиот идентитет. На овој или оној начин. Главната пошта во архитектонска смисла е толку откачена што странците се чудат што уште не сме направиле лого на градот со таа зграда. Па да ја аплицираме на маици, чаши и капи, и да правиме налепници. Третиот експеримент се вика „транзиција“. Како што добро знаете, големиот економист Џозеф Стиглиц ни призна дека на Запад имале теорија за капитализам и теорија за социјализам и дека немале теорија за премин од социјализам во капитализам и дека транзицијата била повеќе експеримент со многу ад хок-решенија отколку со промислени и разработени политики и реформски зафати. Како ја теравме транзицијата, не сум сигурен дека во иднина ќе се слави некоја придобивка од некоја си транзициската култура во Македонија. Четвртиот експеримент би бил кризата од 2001 година и обидот да се растури Македонија. Убеден сум дека никој Македонец, ниту Албанец не ја посакувал, ниту ја очекувал. И сите овие експерименти ги преживеавме. И сега за десетина нови згради се дигна паника. Кога сами одлучивме да правиме нешто. Да направиме нешто за себе и по свое и да не бидеме предмет на нечиј експеримент. Најидиотските реакции се тие што отфрлаат западно влијание. Кога пред триесет четириесет години во општествените науки се отфрлаше си“232; од Запад токму низ архитектурата се провлекуваше западот. Често пати смешно и изнасилено, ама ние не водевме сметка за тоа. Сите одевме да купуваме во „драксторот“ во ГТЦ во кој имаш по некоја конзерва и килограмски пакувања на бисквити, додека гости од Америка ни се потсмеваа и чудеа од кај му текнало на некој да се вика оваа за нивни сфаќања бедна продавница „Дракстор“. Имавме и „Снек-бар“, и уште неколку други такви обиди да глумиме Запад. После дојде „Беверли Хилс“. И мене ми е тоа в ред. Но, имаат ли монопол архитектите образовани во тој дух да одредуваат кое влијание од запад може да помине, а кое не во Македонија. Тоа е како на Симон Трпчевски да му објаснуваш што може од западните композитори да свири, а што не може. Или да се скандализираш на „Прашина“ од Милчо Манчевски, како смеел да плетка вестерн со тешката историја на македонскиот народ. Имаме чудна ситуација. Ако ги нарекуваме рестораните „Кај казанџијата“ или „Кај дреарот“ тоа е премногу селски. „Инсомниа“ и „Процес“ - тоа е па премногу помодарски. Но, затоа никој не се буни што на прекрасното Охридско езеро имаме Хотели што се викаат „Гранит“ и „Бетон“. Нема врска што е Охрид со вековна традиција. Идентитетот не е толку проста работа. И не е толку лесно бришлива категорија. И ако нешто се избрише, или барем „ретушира“, тоа ќе биде сликата на Скопје град на бетон. |